Истражувањата спроведени кај група крводарители во Данска укажуваат на тоа дека стапката на смртност од ковид-19 е далеку под еден отсто од бројот на заразени со оваа болест, тврди тим од „Ригсхоспиталиет“ во Копенхаген.
Тестовите беа спроведени на 1.487 примероци од дански дарители на крв во болницата, и покажале стапка на морталитет од само 0,16 отсто.
Ова ги става проценките на данските научници на 20 пати пониско ниво од проценките на СЗО, кои укажуваа на стапка на смртност помеѓу еден и три отсто од заразените со ковид-19.
Студијата исто така сугерираше дека многу повеќе Данци од потврдените 5.000 се заразиле со вирусот, при што бројот веројатно е дури 400.000. При тестирањата биле барани антитела што се формирани за време на инфекција и открија дека 22 донатори од 1.487 биле позитивни, објави Данската радиодифузна корпорација.
Сепак, медицинските лица апелираат на претпазливост при прегледувањето на бројките, велејќи дека тие се сложени, истовремено истакнувајќи дека дарителите на крв се поздрави од просечните граѓани. Шефот на Данската здравствена управа вели дека претходно имало голема зараза во Данска и смета дека огромен број Данци се недијагностицирани.
Данска досега има регистрирано 6.879 случаи на ковид-19 и 309 смртни случаи кај население од 5,8 милиони. Данците се во режим на ограничено движење од средината на март, но планираат да ги релаксираат мерките. Како прв чекор, повторно се отворија дневните центри и училиштата за деца од прво до петто одделение.