Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, се заложи светските влади усогласено да делуваат во спречувањето на рецесијата на светската економија заради ширењето на коронавирусот.

– Освен што ја предизвика кризата на јавното здравство, вирусот ја зарази и светската економија – напиша Гутереш во уводникот на португалскиот дневен весник „Публико“, пренесе Хина.

Според него, ширењето на вирусот го наруши синџирот за набавка и предизвика пад на вложувањата и потрошувачката, што доведе до „реална и се поголема опасност од рецесија во светот.

– Ниту една земја не може сама да се бори. Повеќе од кога било претходно владите мора да соработуваат и да ја засилуваат економијата, да ги зголемат јавните вложувања, да ја поттикнуваат трговијата и да ги подржат заедниците и поединиците кои се зафатени од болеста – вели тој.