Избрани се првите волонтери на кои ќе се тестира руската вакцина против смртоносниот вирус ковид-19, а испитувањата треба да започнат кон крајот на јуни.

Предводникот на проектот, Илназ Иматдинов, ќе биде еден од првите на кои ќе се тестира вакцината.

Работата на вакцината започна во февруари во институтот „Вектор“, лоциран во Новосибирск, најголемиот град во Сибир. „Вектор“ е водечки центар за истражување за вирусологијата и биотехнологијата во Русија.

Претходно во април истражувачите објавија дека вакцината успешно ги поминала тестирањата на глувци, при што подготовките за тестирање на луѓе се во полн ек.

Во првата фаза ќе учествуваат 60 луѓе, изјави генералниот директор на институтот за „Русија 1“. Според него, многу луѓе од Новосибирск и други руски региони, се понудиле како волонтери за да помогнат за вакцината.

– Тестирањето на вакцината на луѓе, не значи дека Русија веднаш ќе ја има за употреба, бидејќи тестирањето е многу прецизна работа, посебно кога станува збор за тестирање на луѓе – посочи Сергеј Нетсов, поранешен заменик генерален директор на лабораторијата за „РТ“.

Вакцини, освен во Русија, се развиваат и во Кина, САД и други земји.

Волонтерите, кои се здрави лица на возраст од 22 и 28 години, мораат да бидат под надзор најмалку еден месец откако ќе им биде вбризгана вакцината. Во тој период, мора да останат во контат со истражувачите и да известуваат за било каква компликација.