Криминалци профитираат од пандемијата

Сајбер-нападите врз инфраструктурата за вакцините беа регистрирани насекаде, а се очекува во подем да бидат кражбите и измамите

Авторка: Синтија О’Мурчу

Фајненшел тајмс

Продавачи нудеа вакцини против коронавирус во скриените делови на Интернет само неколку дена откако беше одобрена првата доза месецов, додека криминалците очекуваат да се збогатат од светската побарувачка за имунизација. Една таква понуда на таканаречениот дарквеб односно „црн Интернет“, која ја откри компанијата за сајбер-безбедност „Чек поинт софтвер“, беше во висина од 250 долари, а продавачот ветуваше „тајна“ испорака во двојно заштитен пакет. Испораката од САД преку пошта или водечка компанија за достава на пратки ќе чини 20 долари со дополнителни пет долари за ноќна достава. Друг продавач тврдеше дека оваа недела ќе ги добие вакцините развиени од кинеските производители „Синофарм“ и „Синовак“, кои ќе се продаваат за 750 долари за две дози преку биткоини. Рекламата беше илустрирана со фотографија на акции што не соодветствува со нормалното пакување на двата производители на кинески вакцини. На прашањето како треба да се чува вакцината, продавачот посочи – во ладен кутија или фрижидер.

Експертите велат дека многу од вакцините што се продаваат на дарквеб се лажни или никогаш нема да бидат испорачани. Слични понуди со месеци објавуваа други продавачи. Но без разлика дали продавачите добиле некаков пристап до вистинските производи, рекламите покажуваат можност за криминал, додека експертите предупредуваат дека идната година побарувачката за одобрени вакцини ќе ги надмине резервите. Интерпол и Европол месецов предупредија за можна „навала“ на криминална активност поврзана со вакцините против ковид-19 што би варирала од онлајн измами и сајбер-криминал до кражби и продажба на лажни или супстандардни дози. На цел можат да се најдат дури и празни шишенца на вакцината, кои можат незаконски да се полнат, според Европол. Фалсификуваните вакцини беа значителна закана по јавното здравје, со тоа што „во најдобар случај се неефикасни, а во најлош токсични“, според агенцијата.

– Секогаш ќе има пазар за луѓе кои обично немаат пристап до одреден лек и сакаат да се заштитат себеси и своите семејства. На светско ниво сигурно криминалците ќе заработат многу пари – вели Ејми Шортман, експертка за фармацевтска логистика во „Оверхол“, кој се занимава со безбедност на синџирот на испорака и укажа на незаконскиот пазар за лекови за хемотерапија, покрај тоа што добро е познато колку тешко се даваат лековите на болните.

Ризикот дека вакцините ќе бидат украдени и понудени на црниот пазар силно ја алармираше фармацевтската индустрија додека се подготвува да го испорача најголемиот светски напор за вакцинирање во историјата.

– Треба да им кажеме на луѓето во центрите за вакцинација дека тие носат злато. Криминалците вакцините ги гледаат како пари – порача Торстен Нојман, шеф на европската подружница на „Тапа“, здружението за безбедност на синџирот на испорака, истакнувајќи го ризикот дека вработените во овој сектор со сегашните врски на криминални мрежи можат да им дадат информации и да им овозможат да целат на пратките.

Индустријата е подготвена. Напорите за подобрување на безбедноста во изминатите години доведоа до тоа производителите да воведат редовни ревизии и контроли на синџирите на испорака, го минимизираа човечкиот контакт, непотребните запирањата и предавањето на пратката. Испораките редовно се внесуваат во реално време во дигиталните уреди, кои ја мерат температурата и локацијата и даваат известување за секакво отстапување од планот. Технологијата го обезбедува интегритетот на синџирот на испорака, иако тоа може да се смета за слаба страна.

Иако Чак Форсајт, шефот на коалицијата за безбедна фармацевтска испорака, истакна дека досега нема докази за некакви физички обиди за напад на синџирот на испорака на вакцините против ковид-19, сепак беа регистрирани голем број на сајбер-напади. Болниците и здравствените институции станаа цел на крадење на дигитални податоци и изнудување откако започна пандемијата.

– Забележавме насочени напади поврзани со вакцината. Здравствениот сектор не е доволно заштитен во однос на сајбер-безбедноста – порача Евангелос Узунис, шефот на единицата за безбедна инфраструктура во „Ениса“, европската агенција за сајбер-безбедност.

Недостигот на пристап до вакцините против коронавирус во државите како САД и Велика Британија, каде што здравствените власти им даваат приоритет на ранливите категории или вработените во специфични сектори, значи дека може да се развие секундарен пазар во кој може да се заобиколи „редот на чекање“, според податоците на фирмата за податоци „Експеријан“.

– Веќе постојат понуди и онлајн групи каде што членуваат лица кои веќе имаат нарушено здравје. Таму може да се направи резервација на вакцина (на дарквеб), а сметаме дека овој црн пазар уште повеќе ќе се разработи наскоро – посочи Мајкл Брумер, потпретседател на „Експеријан“.

Превод: Билјана Здравковска