Првите тестирања на вакцината веќе започнаа на 23 април во Велика Британија, откако министерот за здравство Мет Хенкок ден претходно најави дека „потенцијалната вакцина против коронавирусот што се развива на Универзитетот во Оксфорд ќе биде тестирана на луѓе“. Но експертите од сите страни на светот предупредуваат на внимателност, темелност и востановена процедура, бидејќи и на најголемите пронаоѓачи поради недостиг од време им се случуваат пропусти со последици. Не попусто и нашиот народ има поговорка „брза кучка слепи кучиња раѓа“…
Од појавата на опасноста од коронавирусот, всушност од прогласувањето пандемија од страна на СЗО, како мерка за спречување на ширењето на вирусот постојано се лицитира со моментот кога ќе биде подготвена вакцина за имунизација. Во истиот контекст се шпекулира и со периодот, односно моментот кога вакцината би требало да биде масовно спроведена. Првичните предвидувања за добивањето на вакцината против ковид-19 беа до крајот на 2021, па потоа до средината на 2021 година, а сега најново до крајот на 2020 г. Во Британија веќе почна тестирањето на вакцината на луѓе.
Итноста за добивање вакцина
Неочекувано брзото ширење на пандемијата (пред сѐ во Европа), како и високиот процент на смртност (особено во Италија и во Шпанија), го наметна предизвикот за итност за добивање вакцина и побрзо започнување со нејзино тестирање. Првите тестирања на вакцината веќе започнаа на 23 април во Велика Британија, откако министерот за здравство Мет Хенкок ден претходно најави дека „потенцијалната вакцина против коронавирусот што се развива на Универзитетот во Оксфорд ќе биде тестирана на луѓе“. Проектот за производство на вакцина против коронавирусот го водат институтот „Џенер“ и Групацијата за вакцини на Оксфорд, а британската влада за него додели и дополнителни 20 милиони фунти.
– Речиси сите пари ќе одат во програмата за развој на клиничко испитување за да се осигуриме дека можеме целосно да ја тестираме вакцината кај здрави помлади возрасни. Потоа ќе почнеме да ја тестираме вакцината и на други возрасни групи – изјави проф. Полард за Скај њуз по соопштението на Владата.
Милион дози вакцини во септември
Претходно професорот Полард и неговиот тим рекоа дека очекуваат да произведат милион дози од својата експериментална вакцина уште во септември; неколку месеци пред официјалниот временски рок од 12 до 18 месеци што го кажуваат експертите низ целиот свет. Иако испитувањата на вакцината врз луѓе се само во првата фаза, веќе се подготвуваат и планови за масовно производство „на сопствен ризик“.
Општествената состојба на масовна изолација во голем број земји во светот, (речиси во цела Европа), некако наметна можеби некритички очекувања во јавноста дека моментот на пронаоѓање на вакцината ќе претставува дефинитивна победа над коронавирусот и можност за враќање на поранешниот нормален тек на живот. Како предуслов за остварување на таквите очекувања се провлекува идејата за масовна (национална) имунизација на населението преку вакцинирање.
Недоиспитаните вакцини, меч со две сечила
Но медицинските експерти предупредуваат дека дури тогаш кога ќе ја имаме вакцината треба да се применува многу внимателно без избрзувања.
– Во сегашниот стадиум на распространетост и сознанија за коронавирусот, се плашам дека избрзаната примена на вакцината (особено масовно), може да предизвика поголеми проблеми. Се соочуваме со болест за која сѐ уште многу работи не знаеме, која не постоеше пред речиси четири месеци. И сега не знаеме дали заразените ја прележале целосно болеста, не го знаеме причинителот, не ги знаеме последиците по надминувањето на болеста, не знаеме колкав процент од населението има создадено антитела…
Научната логика упатува дека барем 10 отсто од населението би требало да имаат развиено антитела на вирусот, а доколку некој од нив биде вакциниран, голема е опасноста од предизвикување несакани последици. Во ваква ситуација, експериментирање со нецелосно научно докажани решенија, може да доведе до општ хаос и паника – вели инфектологот Вело Марковски, професор на Медицинскиот факултет при УГД-Штип.
Професорот Марковски укажува дека создавањето вакцина претставува процес во кој треба да се испочитуваат строги научни стандарди и да се добијат издржани докази, и може да биде многу поопасно да се подлегне на пропагандно-политички потреби и без релевантни докази да се пристапи кон имунизација со вакцина против ковид-19.
Коронавирусот ја нагласи потребата од редовна имунизација
Од 20 до 26 април во тек е Европската недела на имунизацијата. По тој повод СЗО за Европа и УНИЦЕФ излегоа со заедничко соопштение во кое се вели дека „одржувањето на рутинската имунизација е од витално значење за време на пандемијата на ковид-19“.
Афшан Кан, регионална директорка на УНИЦЕФ за Европа и за Централна Азија, вели дека кога здравствените системи на земјите се напрегнати до максимум во одговор на ковид-19, националните програми за рутинска имунизација се посуштински од кога било досега. Владите низ целиот регион мора да ја искористат секоја потенцијална можност да ги заштитат луѓето од многуте болести за кои веќе постојат вакцини.
– Од пресудна важност е рутинските програми за имунизација да продолжат и при оваа криза. Кога ќе се пропуштат рутинските вакцини, се зголемува ризикот од појава на болести. Во 2018 година околу 527.000 деца ја пропуштија првата доза од вакцината против мали сипаници во европскиот регион на СЗО. Една година подоцна во 2019 година, вирусот на мали сипаници ги покажа имунолошките пропусти во Европа, заразувајќи над 100.000 лица од сите возрасни групи. Заштитата на децата, адолесцентите и возрасните од болести што може да се спречат со помош на вакцина е задолжителна за одржливоста на здравствените системи – вели Афшан Кан, регионална директорка на УНИЦЕФ.
Регионалниот директор на СЗО за Европа, д-р Ханс Анри П. Клуж, порачува дека сите треба да имаат еднаков пристап до вакцината против ковид-19, кога таа ќе стане достапна, но и упатува „доколку, во овие невидени времиња, локалните мерки за одговор на ковид-19 предизвикуваат привремени прекини на рутинските услуги за имунизација, земјите треба да испланираат нивно продолжување веднаш штом се стабилизира ситуацијата “.