Германската фармацевтска компанија „БионТех“ прави максимални напори заедно со американскиот партнер „Фајзер“ да го зголемат производството на нивната вакцина против Ковид-19, соопштија основачите на компанијата, предупредувајќи дека ќе има недостиг од снабдување сè додека не започне дистрибуцијата на други вакцини.
– Во моментов не изгледа добро, се појавува јаз како резултат на недостаток на други одобрени вакцини и ние треба да ја пополниме оваа празнина со нашата вакцина – рече извршниот директор на компанијата, Угур Сахин во интервју за неделникот „Шпигел“.
Европската агенција за лекови (ЕМА) се очекува да ја одобри вакцината на американската компанија „Модерна“ на 6 јануари.
Германскиот министер за здравство, Јенс Спан ја повика ЕМА брзо да ја одобри вакцината изработена од Универзитетите во Оксфорд и АстраЗенека, што Велика Британија ја одобри неделава. Не е познато кога ЕМА планира да го разгледа ова прашање.
Сахин нагласи дека вакцината развиена од „БионТех“ и „Фајзер“, исто така треба да биде ефективна и против новиот вид на коронавирус, кој беше најпрво идентификуван во Велика Британија.