Ширењето нови и позаразни видови коронавирус го носи почетокот на четвртиот бран од ковид-пандемијата во САД, предупредуваат американските здравствени експерти.
Шефот на американскиот Центар за контрола и превенција на заразните болести, д-р Рошел Валенски, изразува загриженост за нови 70.000 случаи во еден ден, како што е забележано минатата недела.
– Со ова темпо на ширење нови видови можеме да ја изгубиме сегашната позиција за која се боревме силно. Овие видови се вистинска закана за нашиот народ и за нашиот напредок – рече Валенски.
Во пракса има неколку видови коронавирус, но експертите се особено загрижени за оние од Велика Британија, Јужна Африка и од Бразил.
Експертите предвидуваат дека британскиот вид Б.1.1.7 ќе стане доминантен во САД овој месец.
Д-р Валенски вели дека е многу загрижена за укинувањето на мерките во САД.
– Имаме шанса да запреме потенцијален четврти бран во оваа земја. Ве молиме, не откажувајте се од тоа – рече таа.
Нема докази дека новите соеви се поопасни или предизвикуваат потешка форма на болеста за огромното мнозинство што се заразило, нагласуваат експертите.
Научниците веруваат дека постојните вакцини се исто толку ефикасни и против мутираниот вирус.