Поради зголемениот број на новозаразени, Австрија од петок воведува построги мерки против ширењето на коронавирусот, кои првенствено се однесуваат на правилата за собирање, објави владата во Виена.
Новите мерки што стапуваат на сила се однесуваат на собирање луѓе во затворен и отворен простор. Така, во иднина е дозволено да се соберат максимум шест лица во затворено и дванаесет на отворено.
Ова исто така важи и за угостителските објекти, каде што рестораните и гостилниците со повеќе од 50 места треба да усвојат посебен безбедносен концепт.
– Ние сме свесни дека овие мерки се непопуларни, но тие се неопходни – рече австрискиот канцелар Себастијан Курц, по состанокот на владата.
Тој објасни дека во следните месеци ќе бара напори од сите австриски државјани да го контролираат ширењето на вирусот.
– Месеците ќе бидат вонредни, но колку повеќе сме обединети и колку повеќе поединци ги следат мерките, толку подобро ќе поминеме низ оваа фаза – рече Курц
Тој додаде дека доколку Австрија не го запре трендот на зголемување на бројот на нови случаи, ќе се соочи со бројка од 6.000 новозаразени на ден.
– Ние мора да сториме сѐ што можеме за да спречиме нов карантин – заклучи австрискиот канцелар, презентирајќи построги мерки.
Од петок, покрај сегашните мерки за носење маска, одржување на дистанца и хигиенски правила, построги концепти важат и во институциите каде што живеат чувствителни групи на население, како што се домовите за стари лица.
– Нема повеќе посети без најава и се планираат здравствени проверки како што се мерења на температурата – рече министерот за здравство Рудолф Аншхобер. Во исто време, тој ги отфрли обвинувањата за изолација на ваквите институции.