Трет ден по ред, Австралија нема забележано случаи на локално пренесување на коронавирус, додека тенисерите се подготвуваат за првиот грен слем во годината, Австралија опен во Мелбурн кој треба да се одржи од 8 до 21 февруари.

На годинашниот Грен слем, поради пандемијата ќе има максимум 30 000 гледачи дневно, што е за околу 50 проценти помалку од вообичаеното, објави Ројтерс.

Австралија ги принуди тенисерите да останат во хотел за време на двонеделен карантин кога пристигнаа во Мелбурн во јануари, а во петокот над 500 тенисери и членови на нивниот стручен штаб требаше да бидат тестирани за ковид, откако еден вработен во хотелот беше позитивен на тестот.

Речиси 1.200 блиски контакти на заразениот хотелски работник биле тестирани за ковид-19 и сите се негативни, изјавија здравствените власти од државата Викторија.