Шефот на европскиот огранок на Светската здравствена организација (СЗО), Ханс Клуге, изјави во Копенхаген дека 95 проценти од вакцините против ковид-19, кои се произведени досега, биле дистрибуирани во само 10 земји.
Клуге прецизираше дека станува збор за 23,5 милиони дози на вакцината и додаде дека најчесто дискутираната тема за СЗО е дека за ефикасно запирање на коронавирусот, вакцината треба да се дистрибуира подеднакво во сите земји.
Во однос на вкупните дози, водечки земји се САД, Кина, Велика Британија, Израел, Обединетите Арапски Емирати, Италија, Русија, Германија, Шпанија и Канада.
– Во глобалните напори да се запре епидемијата не можеме да заборавиме на која било земја или заедница – додаде тој.
Клуге кажа дека СЗО и нејзините партнери во програмата Ковакс прават значителни напори секоја земја да се вакцинира.
Тој додаде дека сите мерки за борба против пандемијата мора да се засноваат на основните хуманистички вредности – солидарност, еднаквост и социјална правда.
– Тоа е решение за оваа вонредна состојба бидејќи никој нема да биде сигурен сè додека сите не бидат безбедни – заклучи Клуге.
Во Европскиот регион на СЗО, кој се состои од 53 земји и ги вклучува Русија и неколку земји во Централна Азија, 31 земја започна со вакцинација.
– Но, и покрај почетокот на кампањите за вакцинација, брзината на пренесување на вирусот забележана во некои земји поради нови, позаразни варијанти, особено т.н. англиски и јужноафрикански, е загрижувачка – според Клуге, кој рече дека ова е загрижувачка ситуација.
Сепак, Клуге нагласи и дека сè уште има причини да се биде оптимист.
– 2021 година ќе биде уште една година на коронавирусот, но ова ќе биде попредвидлива година, ситуацијата ќе биде полесна за контролирање – рече тој.