Кандидатот за вакцина против коронавирус од Универзитетот во Оксфорд не го запира вирусот кај мајмуните и можно е да има само делумна ефикасност во реалноста, предупредуваат експертите, а за тоа пишува британски „Телеграф“.
Тестирањето на мајмуни не го запрело ширењето на вирусот кај животните што покрева сомнежи за неговата ефикасност кај луѓето и бара понатамошен напредок во истражувањето.
Овој тип на потенцијална вакцина во моментов исто така се тестира и на луѓе во Велика Британија. Владата веќе се договори да се произведат повеќе од 30 милиони дози ако тестовите се успешни, а во истражувањето се вложени повеќе од 50 милиони фунти.
– Сите вакцинирани мајмуни со вакцината од Оксфорд се заразија. Немаше разлика во состојбата на вакцинираните и невакцинираните мајмуни, сите беа заразени – напишал д-р Вилијам Хаселтин, поранешен професор на Харвард, во статија за „Форбс“.
Џонатан Бал, професор по молекуларна вирологија на Универзитетот во Нотингем, вели дека ваквите податоци сугерираат дека кандидатот за вакцина од Оксфорд не може да го спречи ширењето на вирусот.
– Фактот дека немало разлика во состојбата помеѓу вакцинираните и невакцинираните мајмуни е многу значаен. Ако истото се случи со луѓето, вакцината нема да го спречи ширењето на инфекцијата. Верувам дека ова откритие бара и преиспитување на тестовите на истата вакцина врз луѓето – истакна тој.
Досега, секоја фаза на истражувањата за оваа вакцина беше оценета како успешна и доколку се биде во ред предвидено истата да се појави на пазарот веќе наесен.