Податоците од израелската програма за вакцинација покажуваат дека вакцината на „Фајзер“ спречува 94 проценти од симптоматските инфекции предизвикани од коронавирус, што потврдува дека вакцината е подеднакво ефикасна во масовна употреба кај граѓани од сите возрасти, како што беше за време на клиничките испитувања, соопштија од израелскиот здравствен фонд „Клалит“.
Споредбената анализа спроведена од најголемиот израелски здравствен фонд за 600.000 вакцинирани и ист број невакцинирани граѓани покажа дека 94 проценти од вакцинираните се заштитени од вирусот и дека вакцината речиси целосно спречува тешки случаи на ковид-19, пренесува „Би-би-си“.
– Клучно е членовите на најранливите групи да бидат заштитени што е можно повеќе – рече израелскиот професор Хагај Левин, пренесува британскиот јавен сервис.
Овие податоци сè уште не се објавени, но професорот Левин сугерира дека тие испраќаат порака до други земји како Велика Британија за корисноста на вакцинацијата и потребата да се имунизираат во голем број оние групи кои се подложни на тешки форми на ковид-19.