Катадневните случувања и македонската реалност, од една страна, и тврдењата и уверувањата на моите опоненти дека, сепак, договорите со Грција и со Бугарија не ги загрозуваат македонскиот јазик и македонскиот народ, дека нема потреба да докажуваме кои сме и на кој јазик зборуваме и дека нивните внуци и поколенија ќе останат Македонци што зборуваат македонски јазик, од друга страна, ме поттикнаа да проговорам за содржината на научнофантастичниот роман „Пролејте ги моите солзи, рече полицаецот“ на Филип Дик. Во романот, главниот јунак, по будењето во хотелската соба, утврдува дека не само што нема документи за идентификација туку дека него веќе не го ни препознаваат во надворешниот свет. Неговото богатство, славата и привилегиите исчезнале и, што е најважно, неговите односи со другите се избришани. Тој се сеќава на својот живот, но никој друг на светот не го препознава, тој не постои за другите.
Токму тоа ѝ се случува на Македонија по потпишувањето на договорите со Грција и со Бугарија и објавувањето и претставувањето на суштинскиот карактер на билатералните протоколи со Бугарија: ние сме целосно избришани од надворешниот свет, само ние се препознаваме себеси, само ние може да говориме дека сме Македонци со просторен и милениумски континуитет и само за нас македонскиот јазик не е бугарски дијалект. За сите други држави, нашата реалност е целосно изменета: ние сме северномакедонци што говорат бугарски дијалект што од 1945 година се нарекува македонски јазик. Дури многу е веројатно дека и терминот „северномакедонци“ постепено ќе исчезне бидејќи зборот Македонија и сите нејзини деривати се резервирани само за Грција. Оттука, тврдењето на моите опоненти, дека договорите со Грција и со Бугарија не ги загрозуваат македонскиот јазик и македонскиот народ, е само привид, реалноста е целосно изместена, а нас, Македонците, нè нема во објективната реалност на другите. Договорите со Грција и со Бугарија се, од една страна, штетни, срамни, бесмислени и нелегални, но, од друга страна, не треба да заборавиме дека, до 2018 година, за повеќе од 130 земји во светот, вклучувајќи ги сите десет најнаселени земји, четирите од петте постојани земји членки на Советот за безбедност на ОН (Кина, САД, Русија, Обединетото Кралство) и седумнаесетте земји на ЕУ27 (Австрија, Бугарија, Естонија, Ирска, Италија, Литванија, Луксембург, Малта, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Унгарија, Финска, Хрватска, Чешка, Шведска), ние бевме Македонци што живеат во Република Македонија. Така, 2018-та претставува година на пресврт за еден народ и за една земја, година по која Македонците веќе не постојат.
Целта на членувањето во меѓународните сојузи, особено на малите и послаби земји, е да се зачуваат сопствените интереси – идентитетот и територијалниот суверенитет и интегритет, особено кога историски континуирано се забележува сериозно загрозување од помоќните и поголеми соседни држави. Ние добиваме, во моментов, воена безбедност под чадорот на НАТО и на САД, меѓутоа ги загубивме, да не речам сѐ, но дефинитивно најмаркантните идентитетски и интегритетни компоненти: националната самобитност, идентитетот и етничката припадност и самоопределеност. Затоа, со право, пред нас се поставува прашањето: како понатаму?
Главниот јунак во споменатиот роман се буди во валкана хотелска соба, нему му недостигаат сите елементи за идентификација, што претставува криминал за кој се предвидува депортација во логор за принудна работа. За да ја избегне оваа судбина, главниот јунак се упатува во подземјето, за да добие фалсификувани документи, за да го договори својот бизарен статус со полицијата и за да најде траги од неговиот поранешен живот. Тие траги ги наоѓа по средбата со еден грнчар – тоа овозможува луѓето да почнат да го препознаваат. Во последниот дел од романот, авторот објаснува дека главниот јунак несвесно бил вовлечен во искривената реалност на друго лице – сестрата на полицаецот, последица од нејзиното консумирање експериментален лек за искривување на реалноста. Употребата на лекот предизвикала главниот јунак да биде пренесен во паралелен универзум во кој тој не постои, а дури по нејзината смрт, тој се враќа во сопствениот универзум.
Продолжувајќи ја паралелата со романот на Филип Дик, ако денес се наоѓаме во паралелниот универзум во кој македонскиот јазик и македонскиот народ веќе не постојат, некои од предизвиците со кои се соочуваме, пред да се вратиме во сопствениот универзум, се следните: кои се трагите што ќе овозможат да не се поколебаме во борбата за опстанок? и што треба да преземеме од македонското автентично минато – кои се тие македонски „грниња“ (користејќи го терминот на Филип Дик) чија моќ треба да ја искористиме за да опстанеме? Предлагајќи отфрлање на билатералните протоколи со Бугарија, ќе се задржам само на „три траги од минатото“, иако нивниот број е огромен.
Прво. Христијанските просветители и мисионери Кирил и Методиј се сесловенски просветители, тие се духовни лица на кои не може да им се даде националност и да се присвојат, па затоа Денот на светите браќа Кирил и Методиј не треба да го чествуваат само Македонија и Бугарија, туку сите словенски држави и народи.
Второ. Повеќедецениските истражувања на академик Цветан Грозданов и на дописниот член Сашо Цветковски покажаа дека, сè до 19 век, во Бугарија, Св. Климент и Св. Наум, најпосветените ученици на светите сесловенски просветители и на нивното величествено дело, не се славени, не се сликани во црквите, тие не биле сметани за бугарски патрони и заштитници. Оттука, од една страна, апсурдно е тоа што официјалната бугарска политика во минатиот период ја присвојува традицијата што воопшто не била прифатена кај нив, а од друга страна, творештвото и делото на Св. Климент и Св. Наум се одликуваат со изворни елементи од македонската традиција и од македонскиот идентитет. Впрочем, Македонија и Бугарија немаат заедничка историја, па затоа може да се зборува само за „споделени места на меморијата“ на балканските народи, но не и за „заедничка историја“.
Трето. Формирањето на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург претставува таков настан што симболично го означува почетокот на македонската современа научна мисла. Оттука, зародокот на основањето на Македонската академија на науките и уметностите треба да се чествува во годината 1902, практика воспоставена во соседните држави, Србија и Бугарија, кога станува збор за одбележувањето на почетоците на нивните академии: САНУ и БАН, соодветно.
Материјалните, културните и духовните артефакти од минатото на македонскиот народ овозможуваат да се воспостави автентичната реалност во нашето денешно опстојување. Непроценливите, уникатните и филигрански прецизните знаци и обележја на македонското постоење во мноштвото материјални, културни и духовни артефакти ја закотвуваат, ја втемелуваат реалноста толку цврсто што нам ни преостанува само едно: да ги сметаме нив за непроменливи факти околу кои се распостила калеидоскопската реалност на модерниот живот. Тие факти ќе помогнат да им кажеме НЕ на сите уцени, оспорувања и негирања и ќе ни помогнат да опстоиме за навек. Тие факти значат просторен и милениумски континуитет на македонскиот јазик, идентитет и народ, чиј национален супстрат го сочинуваат Македонците што живеат во современата држава Македонија, во нејзините соседни држави и низ целиот свет. Тие факти порачуваат: ние, Македонците, ќе опстоиме, ние, Македонците, имаме право на достоинствена иднина во која нашата етничка припадност, припадноста на нашите предци и поколенија, и идентификувањето со идентитетските белези што произлегуваат од неа нема да се сведат само на премолчено и нечујно искажување, потврдено само во нашиот затворен свет и само од нас, туку на општоприфатена и признаена реалност од светската јавност, и ние, Македонците, за неа повторно ќе се избориме!