Влатко е земјоделски инженер и магистер по претприемаштво, а фотографијата, со која се занимава нешто повеќе од 12 години, му е љубов што трае многу подолго. Со пејзажите е вистински амбасадор на убавините на Македонија. Но неговиот објектив ни носи и многу убавини од странство
Ранецот е секогаш подготвен и е многу потежок од кој било друг зошто носите плус фотографска опрема. Теренот и местото за посета е истражено и анализирано преку мапирање и информации од пријатели или локални жители за сите ризици да се сведат на минимум, иако најдобрите фотографии носат сериозен ризик и подвиг. Физичката кондиција мора да е на високо ниво, а познавање метеорологија е еден од најважните фактори бидејќи претежно се фотографира изгрејсонце, зајдисонце, астрофотографија… Вака изгледа само дел од подготовката на Влатко Рафески, 43-годишен скопјанец во чии фотографии уживаме на интернет, кој ниже светски признанија за својата работа.
Влатко е земјоделски инженер и магистер по претприемаштво, а фотографијата, со која се занимава нешто повеќе од 12 години, му е љубов што трае многу подолго. Со пејзажите е вистински амбасадор за убавините на Македонија. Но неговиот објектив ни носи и многу убавини од странство. Читателите на „Нова Македонија“ го познаваат и преку фотографијата која што беше избрана за фотографија на неделата.
-Прашање на време беше кога хобито ќе прерасне во сериозна посветеност – вели Влатко.
Тој неодамна победи на Светската организација за фотографија (World Photography Organisation) како дел од Светската награда на „Сони“ за фотографија (Sony World Photography Awards) во отворена конкуренција на регионално-национално ниво со најдобра пејзажна фотографија.
– Ова е сериозно достигнување за еден фотограф, а посебно за пејзажен фотограф, каде што конкуренцијата е можеби најголема. Има голем број на учесници, фотографии од најубавите дестинации кои со себе носат сериозен рејтинг како и конкуренција од најдобрите светски фотографи. Интересно е што ова ми е второ учество на овој натпревари и бев пријатно изненаден. Најголемата награда за мене е што фотографијата ќе биде дел од целосната промотивна кампањана WPO – вели Рафески.
Рафески учествувал на неколку групни изложби како дел од манифестации организирани од институции или компании, бил предавач на Скопје Фото Недела (Skopje Photo Week 2020/21) и член на жири комисија, победник на ЕХО филм фестивал 2020, избран во голем број на колекции како Никон 100 Балкан, неколку пати добитник на 5 звезди за најдобри фотографии на најдобрите светски фотографски страни на социјалните медиуми (World best photographers and artist, Landscape photography) и многу други. Бил учесник на интерактивни настани и публикуван на социјални медиуми од познати светски фотографски брендови, сертифициран во најтесен избор на 35 AWARDS (TOP 2%) во неколку поддепартмани на пејзажната фотографија (езера, природата под снег и др.), повеќе од 3 години бренд-амбасадор на Sunwayfoto кинеска компанија за триподи и дополнителна фото опрема.
Нема природна убавина во Македонија која не сум ја видел
– Светскиот тренд од оваа област се позиционираше на електронските медиуми и социјални мрежи. Така и јас во трка со времето се прилагодив на моменталните трендови и ја приклучив мојата лична промоција кон социјалните медиуми и веб-светот. Македонија како мала земја, посебно во делот на фотографијата како уметност, а уште помала во светски рамки, не нуди услови за нас фотографите да се истакнеме сериозно надвор, посебно за нас пејзажните фотографи кои воедно сме амбасадори на убавините на Македонија. Поради тоа мора сами да бараме начин за остварување на личниот труд – вели Рафески.
Вели дека секој фотограф прво треба да ја претстави сопствената земја.
– Тоа е најдобар начин да ги привлечете луѓето од целиот свет да ве посетат. Нашата земја изобилува претежно со планински масиви кои што се потешко достапни, но секогаш тоа што е недостапно станува поатрактивно, а јас се трудам да ги претставам сите тие скриени убавини преку фотографиите, а тоа да е мотив за луѓето да ги посетат и да дознаат каква убавина поседуваме. Мислам дека во Македонија скоро и да нема место кое што не сум го посетил, во природата конкретно, но сè уште истражувам и се надевам дека во иднина ќе откријам нешто ново – вели Влатко.
Доколку, пак, фотографира во странство, тоа е сериозен проект со сериозни вложувања. Ги посетил сите соседни земји на Балканот, но, вели, не му се целосно истражени.
-Хрватска ми останува посебно да ја посетам, и морам да нагласам дека се насочувам токму таму. Словенија е одлична, но италијанските Доломити се безвременски, рај за секој пејзажен фотограф. Таму два пати бев на фотографска тура, а кога би имал можност би одел секоја година. Посетата на други атрактивни дестинации за жал е прилично тешка од веќе познати причини, а тоа се финансиски средства. Мислам дека тука државата треба да застане зад вакви проекти, како што тоа го прават другите земји, зошто пејзажните фотографи се амбасадори на убавините пред се на својата земја и ја промовираат надвор, што е важен фактор во развој на туризмот и репутацијата на земјата – вели Рафески.
Лесно е да стасате до Охрид, Шапка, Маврово, но…
Тој е планинар и голем вљубеник во природата, што впрочем е најголема причина што фотографира пејзажи. Како дете дедо му и татко му го носеле во село во мијачкиот крај, кој што изобилува со ливади, реки и планински врвови.
-И таа љубов остана, а јас со текот на времето почнав да планинарам и како што се зголемуваше желбата за фотографија така и љубовта кон природата беше поголема. Мора максимално да го подигнеме нивото на свест за поминување повеќе време во природа, за користење на неверојатните придобивки што ни ги дава, но во исто време и да се грижиме за неа. Многу фактори се во прашање, но мора да почнеме од некаде, и многу ми е мило што од година за година гледам се повеќе вљубеници во природата, посебно на планина – вели Влатко.
А кога се фотографира природата нема правило за годишно време, тајминг и место, туку, едноставно треба да бидете подготвени буквално за сите временски услови и за сите ризици што ве очекуваат.
-Претежно се фотографира изгрејсонце, зајдисонце и астрофотграфија, па и мора да се следи драмата на временските услови за фотографијата да не биде досадна, а притоа аудиториумот да ја почувствува атмосферата во дадениот момент кога е снимана. Како дел од планинарскиот клуб Х2О имам можност на голем дел од планинарските тури да добијам дополнителна помош и логистика од другарите, но кога сте сам или мала група на фотографи едноставно сè останува на вас и личната организација – раскажува нашиот соговорник.
Лесно е да стигнете до Охрид, Попова Шапка, Маврово да излезете од возило и да направите фотографија која што најверојатно ја имаат сите, лесно е да стигнете и до Словенија и до италијанските Доломити со возило, но што понатаму?
-Во Македонија инфраструктурата во повисоките делови скоро и да ја нема, значи имате потреба од теренско возило, но најчесто поголем теренец од нозе и пешачење нема. Просек на една добра тура за да стигнете до посакуваната сцена во Македонија е 10 километри во правец, со сериозна висинска разлика. Тука е одење и враќање во ноќни услови бидејќи нели, фотографираме светлосен амбиент на изгрејсонце и зајдисонце. Европските дестинации на пример имаат супер инфраструктура до секоја дестинација, патишта, жичари и сл. Но сепак ги бараме атрактивните локации и скриени убавини, а тие нормално се создадени подалеку од човекот, па така и таму мора да се вложи физички труд за да се стигне. Како пејзажен фотограф ја барам сцената која што е ретка, која што ќе ме издвои од другите фотографи, а сето тоа си носи жртва. Ако сме екипа фотографи тогаш должностите ги распределуваме и секој има задача што треба да истражи. Колективниот договор е многу важен и тука сме многу одговорни и прецизни – раскажува Влатко.
Може ли да се живее од фотографија
Фотографирањето е големо задоволство, но и трошок. Го прашавме дали во Македонија може да се живее од фотографија.
-За жал тешко. Нивото овде е дека фотографијата е повеќе хоби отколку професија, со чест на исклучоци како свадбени фотографи кои можеби најдобро заработуваат, фоторепортери за кои што сметам дека се повеќе вљубеници во фотографија отколку да заработуваат од неа, сток-фотографија која што повеќе е да се заработи пари отколку уметност. Сè друго според мене е хоби и не можам да го сместам како гранка од која се заработува за живот. Јас како пејзажен фотограф ова го почнав и го работам од љубов, со исклучок на неколку продадени принотви на приватни лица или по некоја откупена фотографија за промоција на компании – вели Рафески.
Најголема добивка за него како пејзажен фотограф се психофизичките придобивки. Поминувањето во природата ве носи во сосема друг свет, подалку од оној на кој сме навикнати секојдневно, свет во кој што едноставно медитирате со природата, го наоѓате личниот мир, уживате во својата фантазија, се соединувате со природата и се трудите својата лична емоционална состојба, имагинација и фантазија да ја пренесете преку фотографијата.
-Во суштина аудиторимуот, покрај фотографијата како целина, може да ја види приказната што авторот ја пренесува преку фотографијата, а во таа приказна може да дознаете многу за личноста што е позади фотоапаратот – вели Влатко.
Што е добра фотографија?
Тој вели дека правилата постојат за да бидат прекршени, посебно во уметноста, а за него, посебно во пејзажната фотографија, не постои најдобра фотографија, зошто за вкусови не се разговара.
-Едноставно фотографите имаат еден вкус, а аудиториумот друг. За мене најдобра фотографија е кога ќе го видам тоа што во мене ќе предизвика убаво чуство, кога ќе ја видам визијата на авторот, кога ќе ги почувствувам атмосферата и амбиентот во дадениот момент. И тука не важат правила – објаснува Рафески.
Прва самостојна изложба
Неговите желбите се големи, но не секогаш кореспондираат со условите. Дестинации кои би сакал да ги посети се: Норвешките фјордови, Фарски острови, Исланд и се надева оти некој спонзор би се заинтересирал да го поддржи.
Дали македонската публика знае да препознае и цени добра фотографија, или, поинаку кажано имаме ли публика за неа?
-Публика секогаш има за се, секој го пронаоѓа тоа што го интересира. Фотографијата е кадар во рамка кој што може да ви се допадне или не и за неа секогаш ќе има публика која што ќе го задржи погледот на секунда или на подолго време, но експресијата од истата дава слика за авторот. Ние сме мала земја каде што фокусот на уметноста е на ниско ниво посебно фотографијата, а со тоа и информираноста кај луѓето е мала, но благодарение на социјалните медиуми можеме да најдеме се што сакаме. Можам да забележам дека заинтересираноста на луѓето за фотографија станува се поголема, бидејќи на некој начин социјалните медиуми се фотографија и видеа. Токму таму може да се најде мојата работа, и секако на мојата веб-страница која што е во процес на комплетирање. Најголемата публика ја имам на Инстаграм бидејќи оваа платформа најдобро ми одговара – вели Влатко.
Моментално тој ја подготвува првата самостојна изложба.
-Подготовките се при крај и се гледаме на почетокот од месец мај. Потоа се фокусираме на нови фотографски дестинации и авантури.