пишува: Блаже Миневски

Поделбите во Македонија ги наметнуваат оние што имаат комплекс од Македонците! 

 

Пред 80-години, на 23 јули 1942 година, на возраст од триесет и три години, колку што имал и Исус  на распетието, во Софија е стрелан Никола Јонков Вапцаров, роден во Банско, македонски писател од Пиринска Македонија, денес во Бугарија. Вапцаров бил член на Сојузот бугарските писатели, и најголем талент меѓу Македонците кои твореле на други јазици, освен на македонски. Неговата  единствена стихозбирка, со наслов „Моторни песни“ зазема видно место во македонската и едно од важните места во бугарската литература, иако тој самиот, и во животот и преку својата поезија, недвосмислено изјавувал дека е Македонец, и покрај тоа што создавал на бугарски јазик. Неговата поезија е изразито патриотска, социјална, револуционерна и хуманистичка. Тоа меѓудругото стои во сите официјални извори за Вапцаров како поет. Познато е дека татко му Јонко Вапцаров, учествувал во револуционерното движење за ослободување на Македонија од турското ропство: најпрвин во Илинденското востание, потоа во изгонувањето на Турците во 1912 година, а подоцна бил вклучен  и во братоубиствените борби меѓу одделните фракции на македонските револуционери. Мајката на Никола Вапцаров имала неколкугодишно образование во американскиот колеџ во Самоков а потоа извесно време работела како учителка во Македонија, вклучувајќи се во борбата за ослободување на Македонија. Вапцаров завршил основно улилиште и шести клас гимназија во Разлог, по што го прекинал образованието во гимназијата и се запишал во Морнарско-машинското училиште во  Варна.

Средба со внуката во Софија!

Пред околу десеттина години имав средба во Софија со неговата внука од брат Маја Вапцарова, и таа тогаш за првпат откри дека е  пронајден дневник на Никола пишуван за време на неговото школување во Варна:
„До крајот на оваа година, – рече тогаш таа, – треба да излезе од печат ексклузивна книга на Никола Јонков Вапцаров. Станува збор за негов непознат дневник, воден до Воено-поморското училиште во Варна од 1926 до 1930 година. Дневникот пред извесно време ми го даде чичко Ѓорѓи, кој умре на 96 години. Тој и чичко ми Никола учеле заедно во Варна. Старецот тој „Дневник“ го чувал кај себе речиси седумдесет година. Пред да умре, ме викна дома кај него, и со солзи во очите ми го предаде: ”Ова е ваше, иако цел век е дел од мојот живот”, ми рече. Во „Дневникот“ има многу скапоцени податоци за Вапцарови, но и за Македонија – ни изјави тогаш Маја Вапцарова, внука од братот Борис на поетот и македонски револуционер Никола Јонков Вапцаров.
Во својата семејна архива, таа, како што спомна во разговорот, го чува и македонското  знаме на четата на нејзиниот дедо Јонко, војвода во Пиринска Македонија, но и една уникатна фотографија на Никола. Таа фотографија тој му ја испратил на својот помлад брат Борис, а Борис пред смртта и ја оставил на својата ќерка Маја.
„Татко ми постојано си ја носеше оваа фотографија во новчаникот. Сега ја носам јас – рече таа вадејќи ја фотографијата од својот паричник. – Оваа фотографија досега не е публикувана нигде. Можеби за првпат ќе биде објавена во „Дневникот“ што треба да се печати. Фотографијата е направена на 4 март 1942 година, значи непосредно пред да го затворат бугарските фашисти. На неа, одзади, пишува:  ’На брат ми Борис за да не се пресече споменот на Вапцарови и за да не биде бунтот претворен во лажни тиради’. Посебна приказна е часовникот на дедо Јонко, кој во нашето семејство се чувал со голема љубов  и внимание. Татко ми Борис кажуваше дека на војводите, кои имале свои чети по планините, ВМРО во тоа време им давала лично оружје и опрема. Секој војвода добивал пиштол, лебел или нагант, потоа бинокол и часовник. Како војвода, во 1902 година, тоа го добил и дедо ми Јонко Вапцаров. Според татко ми, тоа бил стар часовник „Омега”, со црн капак и со стари римски бројки. Тоа е истиот оној часовник што Пејо Јаворов го спомнува во своите ’Ајдучки копнежи’, напишани додека престојувал во четата на дедо ми. Тој пишува дека војводата никогаш не се делел од часовникот; дури и во најжестоките битки проверувал дали работи. Со него подоцна бил и во Еди-куле, на заточение, а во 1928 година му го спасил и животот. Дедо ми Јонко, како што ми кажуваше татко ми, тогаш бил во судир со Ванчо Михајлов и, како што било вообичаено, му бил испратен човек да го убие. Платениот убиец пукал во него во една темна уличка близу плоштадот во Банско. Дедо ми Јонко, како и секогаш, го носел својот часовник ’Омега’ во горниот џеб на елекот. На часовникот, прикачено на алката, висело сребрено медалјонче. Кога атентаторот пукнал, првиот куршум удрил токму во тоа медалјонче. Вториот куршyм го погодува во левото рамо, му го пронижува градниот кош и запира во десната плешка. Дедо Јонко успеал некако да земе камен и да го фрли кон човекот испратен од Ванчо Михајлов. Атентаторот побегнува, а војводата сепак останува жив. Се разбира, благодарејќи на часовникот. Подоцна, по смртта на дедо ми, часовникот од болницата каде што починал го  зел татко ми и му го дал на својот постар брат Никола“- се потсаети во разговорот Маја Вапцарова.

Пирин за него беше орел кој лета во вечноста!

Според спомените на Борис Вапцаров, часовникот на својот татко Јонко Никола го носел буквално до последните мигови од својот живот, односно до стрелањето. Кога ги носат пред стрелачкиот вод, и кога се разделува од својата сопруга Бојка и од блиските на другите осуденици, тој успева да ѝ го даде на Росица, сопругата на неговиот пријател Антон Попов. Предавајќи ѝ го часовникот, како што подоцна ќе изјави самата, Никола ѝ рекол дека тој часовник некогаш го спасил животот на татко му, но неговиот, ете, не може да го спаси: „Предај ѝ го, те молам, рекол, на мајка ми. Тој е наша семејна реликвија.”  Заедно со часовникот на Росица Попова, чиј сопруг исто така тој ден бил стрелан од бугарските фашисти, Никола ѝ го предал и својот паричник. Подоцна, кога бил организиран Музеј во Банско, Борис го предал часовникот и тој станал еден од највредните експонати.


„Спомените на татко ми за својот брат Никола Вапцаров беа напишани во една тетратка на 120 листа; се сеќавам дека пишуваше секој ден и веројатно ќе напишеше многу повеќе, ако смртта му дадеше уште малку време. Во болницата често ми велеше дека се сетил за некој нов момент, и, иако сосема изнемоштен, бараше молив и хартија за да запише уште нешто. Се сеќаваше, на пример, и за револверот на дедо Јонко, но и за едно сино тефтерче на Никола што му го донеле во логорот каде што бил затворен. Велеше дека тоа тефтерче тогаш за него било зрак од неговиот брат Никола; негов последен здив. Во него, велеше, беа скриени толку многу искрени чувства, вистини и мисли. Си спомнуваше, исто така, како со својот шест години постар брат седеле на балконот во Банско и со часови зборувале за Пирин. Велеше дека Никола за таа планина зборувал како за живо суштество. Како за орел кој лета во вечноста. Заедно, како деца, ги слушале и приказните на баба ми Марија и мајка ми Елена. Татко ми се сеќаваше и за стариот нагант на дедо Јонко, кој како илегалец извесно време со себе го носел и Никола. Револверот бил произведен 1888 година во Белгија. За време на бугарскиот фашистички режим, Никола секогаш кога излегувал го носел со себе, за секој случај, иако за него тешко се наоѓале куршуми. Од дедо Јонко останале само четири патрони. Подоцна тој ист нагант-револвер му бил даден на Крум Радонов, близок другар на Никола, и командир на Пиринскиот партизански  одред. Тој го носел извесно време, а потоа му го предал на некој  партизан со задолжение да го чува како очите. По падот на фашизмот во Бугарија, Радонов нагантот им го вратил на Вапцарови. Татко ми го чуваше како скапоцено нешто; прав не даваше да падне на него. И денес тој револвер е наша семејна реликвија. Го чувам сега јас“, рече Маја Вапцарова на средбата во Софија.

Портрет на Вапцаров од македоснкиот сликар Ѓорѓи Даневски, досега необјавен

Тој септемвриски ден со неа разговаравме речиси две часа. Во тоа време таа работеше во една грчка консултантска компанија, но имаше и своја фондација за културна презентација. Внуката на Никола Вапцаров е автор на поголем број  документарни филмови а нејзиниот сопруг во тоа време беше заменик -директор на Националниот дворец за култура. За неа денот тогаш, како што рече, трае 25 часа. Во меѓувреме, паралелно со сите свои ангажмани, ги подготвуваше и редактираше книгите на Никола Вапцаров – неговиот дневник и еден том негови писма испраќани до неговиот брат Борис:
„Тоа се лични писма – вели Маја – но сепак се многу битни за нас, Македонците”.
Кога има време, вели, заедно со својот сопруг оди на неколку дена во Охрид, каде што се полни со духовна енергија, која ја облагородува и обновува.
„Таму – ми рече таа – буквално на секој чекор го чувствувам биењето на македонското милениумско срце. За мене, вели, Македонците се делат само на патриоти и непатриоти. Сите други поделби се лажни; нив ги наметнуваат оние што имаат комплекс од Македонија и Македонците”, вели Вапцарова, поканувајќи не  на промоција на дневникот  и писмата на Никола Јонков Вапцаров, која требаше да се одржи до крајот на годината, можеби за време на меѓународниот саем на книгата во Софија. Пред да замине, за крај на нашиот разговор, цитира една реченица од дневникот на Вапцаров: ’Нас ќе нѐ спаси само надежта!’

Плевнеш, Даневски и Пуслојиќ  за Вапцаров!  

По завршувањето на школувањето, во  1932 година, Вапцаров станал машински техничар, отпрвин на еден брод со кој патувал по северниот брег на Африка, но поради ограничената комуникација со луѓето, тој ја напуштил службата и се вработил во Бугарската горска индустрија, во селото Кочериново, во близината на Дупница, како машински техничар. Според сведоштвата на Васил Чорлев, работник во фабриката, Вапцаров напишал драма за експлоатацијата на работничката класа која се препишувала од страна на работниците, но скришум од сопствениците и од власта. Додека работел во Кочериново, Вапцаров ја запознал својата идна сопруга Бојка, која била дете на доселени Македонци од Егејска Македонија. Токму Бојка Вапцарова ги оставила најважните информации за животот на Никола Вапцаров во периодот од 1932 и 1942 година, изнесени во нејзината книга „Кога воскреснуваат милионите луѓе“.
Поради членство  во Бугарската комунистичка партија, Вапцаров паднал во немилост на профашистичите сили во Бугарија. Најпрвин, во 1933 година, тој бил тепан од страна на функционери на  ВМРО, поради неговите политички дејствувања а по неуспешниот атентат врз него,  напишал писмо до  Ванчо Михајлов, прашувајќи го зашто сакаат да го убијат. Како соработник на воената организација на Бугарската комунистичка партија, Вапцаров бил уапсен и подложен на измачување во текот на четири месеци. Бил осуден на смрт со стрелање и на 23 јули 1942 година во 11 часот, во присуство на најбилските, на Вапцаров и на другите осудени им била прочитана пресудата. Истата вечер, во 21 часот и 10 минути, Никола Вапцаров  бил стрелан во дворот на една софиска касарна. Осврнувајќи се на судењето на нејзиниот син, мајка му на Никола Вапцаров во своите „Спомени за мојот син“, објавени во Софија во 1960 година, запишала: „Нема бог, не може да има. Ако имаше, тој ќе ме слушнеше. Јас толку од срце се молев да ми го спаси синот, мојот син, кој се бореше за среќата на народот, но тој не ме слушна. Или пак, ако го има, тој е ѕвер… Го уништив во своето срце Бога, но најдов во зборовите на Никола повеќе вистина: ‘Ако треба, и ти ќе умреш за таа идеја’ – така ми рече тој. И тие негови зборови за мене станаа смисла на животот“, пишува таа.
Подоцна, за творештвото на Вапцаров, германскиот писател  Штефан Херлмин рекол: „Помислиме ли на Вапцаров, мислата нè води кон Шели и Бајрон, кон Бихнер и Леопарди, а италијанскиот поет  Салваторе Квазимодо изјавил: „Народите кои имаат личности како Вапцаров, растат во очите на светот“.
Македонскиот писател со интернационална кариера Јордан Плевнеш има своја интимна приказна поврзана со Никола Вапцаров. Сѐ започнало со последната фотографија на Вапцаров, која стоела во канцеларијата на младиот Јордан Плевнеш, на почетокот на 1980 година, кога ја започнува својата кариера како уредник за уметничка литература во издавачката куќа „Мисла“, чии простории во тоа време се наоѓаат на почетокот на булеварот „Партизански одреди“, наспроти Соборниот храм „Св. Климент Охридски“. Во канцеларијата на Плевнеш во „Мисла“, покрај плејадата на македонски книжевни дејци, доаѓаат и театарски, музички и ликовни творци. Познатиот македонски сликар Ѓорѓи Даневски, кој денес живее во Торонто, Канада, а во тие години го подготвува фрескоживописот на Соборниот храм, често доаѓа кај својот пријател Плевнеш и, со заедничка фасцинација од портретот на Вапцаров, сонуваат за неговата хипотетичка иднина, доколку не беше стрелан на 23 јули 1942 година со одлука на фашистичкиот суд во Софија.
Како свадбен подарок на венчавањето на Лилјана Котевска и Јордан Плевнеш, во септември 1981 година, Даневски го изработува славниот „Последен портрет“ на Вапцаров. Таа слика на Вапцаров патува заедно со семејството Плевнеш во Париз есента 1988 година, а погледот на Вапцаров е присутен во сите париски мансарди каде што семејството живее. Во 2000 година истиот портрет се преселува во резиденцијата на македонската амбасада, кога Плевнеш е именуван за амбасадор на Република Македонија во Франција, Шпанија, Португалија и УНЕСКО. Потоа, кога во 2007 година се формира Универзитетот ЕСРА, Скопје-Париз-Њујорк, што сега го носи името Еуропа Прима, портретот на Вапцаров се враќа во Скопје, во најмалиот ректорат на Балканот.
Вториот дел од приказната е поврзан со големиот српски поет Адам Пуслојиќ. Тој, во неговите чести патувања низ Македонија, го открива портретот на Вапцаров во присуство на големиот романски поет Никита Станеску, кој што во 1982 година е добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата. За време на последниот конгрес на југословенските писатели, пролетта 1985 година во Нови Сад, Пуслојиќ ја чита песната „Под тешкиот поглед на Вапцаров“, посветена на македонските поети и предизвикува овации од меѓународната асамблеја во Конгресниот центар.  Истата ноќ ја пишува песната „Смрт во фоајето“, што е посветена на Јордан Плевнеш и неговиот познат говор на Конгресот, со пророчката реченица: „Вашата револуција не е моја, јас имам право на приватна револуција!“ Во тој контекст, оттогаш па до денес, тројцата пријатели  секоја година на 23 јули, денот на стрелањето на поетот,  воспоставуваат  видео – мост, потсетувајќи се на  Никола Јонков Вапцаров (1909-1942), автор кој одамна припаѓа на најскапоцените трезори на македонската и светската поезија. На тој начин ја држат жива мислата на Вапцароцв дека „нас ќе нѐ спаси само надежта!“

 

Писмо до Никола Вапцаров
(1909 -1942 -2009)

Беше во екот на la belle epoque
Кога ти се роди
Сите тогаш мислеа дека во Европа ќе владее
Espirit nouveau
Но од Балканските војни,
До Првата и Втората светска војна
Европа се претвори во фабрика за смрт
И ти беше стрелан
Од претставниците на фабриката за смрт
Што во својата десна и лева
Монструозна структура
Произведе фашизам и комунизам.
На дваесет и трети јули 1942 година
Те стрелаа во Софија.
Кој стрелаше?
Бугарските фашисти
На деветти јуни 1943
Го стрелаа Кочо Рацин
Во западно македонските планини
Кој стрелаше?
Македонските комунисти
Стрелаа и едните и другите
Во Москва и Санкт Петербург
Стрелаа во Берлин и Лајпциг
Стрелаа во Париз и Рим
Стрелаа во Токио и Пекинг
Ликвидираа масовно
Во Аушвиц и во Сибир
И така натаму и натаму така
Што би рекол Академик Гане Тодоровски
Денешното ехо на постмодернизмот
Се повторува во нашите историски очи и уши
Со следните два слогови
Исти, исти, исти.
Што остана во светската духовна историја
Освен идеализмот,
Светски поету Никола Вапцаров!
Ти беше дете на интернационалниот идеализам
И имаше антички поетски инстинкт
Како античките трагичари
И затоа си бесмртен
Подеднакво и во Бугарија и во Македонија
И во цела Европа
И на петте континенти
Бидејќи во твојот поглед
На денот на твоето стрелање
На 23 јули, 1942 година
Има толку бескрајни количини на љубов
Кои што би можеле да ја сотрат за навек,
Во вид на атомска експлозија,
Балканската омраза
Што сe уште е присутна
Да не речам доминантна
И во почетокот на третиот милениум
На овај полуостров.
Во твојот поглед на денот на стрелањето,
Што е еден од ретките датуми
Во интернационалната книжевна република,
Слично како пронајдокот на Исак Њутн
За слободното паѓање,
Се остварува Вапцаровиот принцип
На слободно постоење во три мига:
Првиот е кога ¢ велиш на мајка ти
Смирувај се со зборовите на Исус.
Ако житното зрно најнапред не умре
Тоа нема да даде плод,
Вториот е кога ¢ велиш на саканата
Понекогаш ќе идам во твојот сон
И кога наситен ќе запрам да те гледам
Ќе те бакнам и ќе заминам
Третиот е за историјата на човештвото
Кој вели:
Безмилосна е борбата и волчка,
И велат дека криела епичности
Јас паднав, ќе ме смени друг и точка
Што тука значи некаква си личност?
Во таа смисла, ако се направи еден
Компаративен временски книжевен пресек
Со еден твој, безмалку врсник
На другиот крај на земјата,
Во Буенос Аирес,
Роден малку пред тебе
А кој што сметаше дека самиот рај
Личи на голема библиотека
Се работи за Хорхе Луис Борхес
Кој веруваше дека
Единствено нешто што вистински е бесмртно
е само човештвото.
Сега верувам дека сте некаде заедно
Во големата библиотека на рајот,
Ти и Борхес,
И токму пред неколку дена ви се придружи еден
Друг твој врсник
Францускиот филозоф и антрополог
Клод Леви Строс,
Кој што живееше сто години
А дојде до една сосема друга констатација:
За среќа, историјата на светот
Започна без човекот
И повторно за среќа
Ќе заврши без него!
Гледаш, драги Никола Вапцаров,
Ако и ти живееше сто години,
Како Клод Леви Строс
Можеби ќе дојдеше до истиот заклучок,
Но ти не живееше и си замина на Исусова возраст,
Та затоа враќање ти нема,
Осуден си
Да бидеш вечен како љубовта.

Јордан Плевнеш
7 декември 2009, Скопје-Прага
Од збирката поезија „Уби поезија Иби Патрија“ (2011, Скопје, Феникс)