САД ѝ се обратиле на Кина со барање за разговори околу царините од 145 отсто што ги воведе актуелниот претседател Доналд Трамп. Ставот на Кина е конзистентен – ако биде принудена да се бори, Кина ќе се бори до крај, а за разговори вратата е отворена, изјави портпаролот на Министерството за трговија во соопштението, пренесува Синхуа.
Американската страна, според Пекинг, треба да покаже „искреност“ и да се откаже од еднострани царини, истовремено признавајќи ја потребата да се исправат „погрешните“ трговски практики.
„Обидите да се искористи дијалогот како изговор за присила и уцена нема да успеат“, се наведува во соопштението.
Кина јавно го изрази својот гнев поради високите царини, тврдејќи дека тие не можат да го запрат растот на второто по големина светско стопанство.
Американски функционери, меѓу кои и министерот за финансии Скот Бесент и економскиот советник на Белата куќа Кевин Хасет, исто така изразија надеж дека наскоро ќе дојде до напредок во намалување на трговските тензии.
– Кина сака да разговара за трговијата, а тие разговори ќе се случат наскоро – изјави државниот секретар Марко Рубио за Фокс Њуз, додавајќи дека САД разгледуваат колку ќе треба да купуваат од Кина во иднина.
Трамп, пак, пред два дена изјави дека постои „многу добра шанса“ за договор со Кина.
Кинескиот претседател Си Џинпинг повика на адаптација кон новите глобални услови, но не ја спомена САД.