Крсте Петков Мисирков е човекот кој во македонската националната меморија останува запаметен како филолог, кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис, славист, историчар, етнограф, аналитичар на националните и политичките проблеми, публицист, собирач и истражувач на македонското народно творештво. Мисирков исто така е и основоположник и активен учесник во македонските научно-литературни и национално-политички друштва во Белград, Санкт Петербург, Одеса и Софија, како и раководител на Тајниот македонско-одрински кружок (ТМОК) во Санкт Петербург. Тој е автор на книгата „За македонцките работи“, сопственик и редактор на списанието „Вардар“ и автор на голем број научни статии и политички памфлети.
Проектот „Гласот на револуционерите повторно се слуша“ на „Нова Македонија“ продолжува токму со неговите зборови.
Со објавувањето на книгата „3а македонцките работи“ во 1903 година, Мисирков се оформува како татко на македонистиката (наука која ги проучува развојот, правописот и другите одлики на македонскиот јазик), поради редовната употреба тројниот македонски член (к’iошот, чо’еков, селово, очиве, долон) и честото испуштање на интервокалното в (чое’к, гласо’и, краста’и). Мисирков не бил пионер, имено Спиро Гулапчев и Петар Поп Арсов претходно ги воведуваат македонскиот говорни особености во литературата и прават обиди за македонски фонетски правопис. Но и покрај ова, Мисирков е една од најценетите личности во македонското современо општество, а ова се должи на неговата македонска програма.
Мисирков е всушност првиот Македонец кој објави целосна македонска национална и политичка програма, а ова е евидентно во неговата книга „3а македонцките работи“. Споменатата книга не случајно беше објавена во декември 1903 година, имено Мисирков по неуспехот на Илинденското востание и веќе забележливите поделби во македонското револуционерно движење, ја согледал потребата од обединување на македонскиот народ, како и одделувањето на македонските национални и политички интереси од интересите на соседните балкански народи, преку т.н. македонски сепаратизам. Вистина е дека македонскиот сепаратизам се пројавува многу пред Мисирков, особено видливо во однос на употребата на македонскиот јазик во литературата уште во средината на 19 век, или политичкиот сепаратизам на Македонската револуционерна организација, но Мисирков е првиот Македонец кој јасно и недвосмислено ги образложи македонските национални интереси.
Питу – симболот на континуитетот на отпорот и идеалот за слободна Македонија
Дамјан Груев – волјата на револуционерна Македонија
Проект на „Нова Македонија“: Гласот на револуционерите повторно се слуша!


































