Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел пред самиот почеток на Самитот на ЕУ, денеска истакна дека Унијата е пред важен одлучувачки геополитички момент, бидејќи ќе се носат одлуки во полза на стабилноста и просперитетот.
Тој изрази уверување дека на самитот на ЕУ ќе биде донесена одлука за кандидатскиот статус на Украина и Молдавија, како и јасна европска перспектива за тие две земји и Грузија.
– Имаме важен состанок со лидерите на Западен Балкан и постои желба да внесеме нова енергија во нашиот процес. Во моментов имаме проблем во Бугарија и се обидуваме да ставиме предлози на маса за да можеме што поскоро да ги почнеме пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Тоа е нашиот главен приоритет сега и ќе направиме се за да напредуваме во тоа – изјави Мишел.
Мишел, исто така, кажа дека сите напори што БиХ ги презема на патот кон ЕУ имаа позитивни ефекти за намалување на тензиите и дека ЕУ ќе направи се за да ги направи институциите во земјата функционални.
– Овој самит е од геополитичко значење, бидејќи ќе носиме одлуки во корист на стабилноста и просперитетот. Западниот Балкан е приоритет за нас и ќе се посветиме на внесување нова енергија во процесот на интеграција – нагласи Мишел.