Иако стивна бурата, темата на македонско – бугарските односи во европско светло ќе биде проследена со темни, досега неотворени страници. Патеката ќе биде трновита, греши оној што мисли дека ќе биде лесно и дека уште сега веќе сѐ е завршено. Напротив, допрва ќе почнат да излегуваат на површина злите духови на потпишаните документи.
Како што може да се види од преговарачката рамка и од вториот билатерален Протокол за исполнување на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија во една од мерките кои треба да бидат преземени пред меѓувладината конференција за комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори e опфатено и прашањето за говорот на омраза.
Во двата пресудни документа двете влади и европските челници го одбегнаа намерно прашањето дали непризнавањето на Македонците како народ, непризнавањето на нивниот идентитет, историја, јазик и писмо е говор на омраза или говор за зближување. Негирањето на идентитетот е испишано меѓу редови, непризнавањето на јазикот е отворено кажано во бугарската декларација за јазикот. Секој нормален, здраво разумен човек ќе се запраша: има и поголема омраза од тоа што официјална власт на една држава не те признава дека постоиш и дека говориш на јазик кој е „украден“, а ти треба да се согласиш со тој став. Дали е тој став проевропски и дали е дел од проевропските вредности не треба да се дискутира.
Македонските преговарачи, Владата и пратениците во Собранието го пренебрегнаа ова прашање во името на покренување на иницијатива за почнување на преговори за членство со Европската Унија. Сите тие замижаа пред клучниот факт кој ниту ќе се промени, ниту ќе се модифицира, ниту ќе се намали неговото жестоко наметнување од бугарска страна.
Бегајки од централната суштина, темата за говорот на омраза е насочена кон попериферни појави и пројави, но еднакво заканувачки кон натамошно влошување, а не доближување на односите меѓу двете држави и двата народа. Во усвоениот Протокол е нагласено дека двете држави ќе преземат ефикасни мерки за превенција на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе одвраќаат активности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични активности кои би ги повредиле нивните односи.
Притоа Бугарија бара, а Македонија прифати и се обврза за постигнување на одржливи резултати за превенција и реакција против појавите на јазик на омраза против Бугарите во јавниот простор на РСМ и постигнување на одржливи резултати во превенцијата, истрагата и гонењето кај кривични дела од омраза, појава на јазик на омраза и дискриминација против Бугарите во Република Северна Македонија.
Двете држави за тоа ги овластија Министерставата за надворешни работи, во периодот што следува, преку дипломатски канали да идентификуваат натписи и знаци на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни материјали, како и во јавниот простор на територијата на другата држава. Истите треба да информираат во разумен рок за преземените активности од соодветната држава за неодложно отстранување на идентификуваните случаи на говор на омраза.
Во минатите денови доста е напишано на оваа тема, поставени се голем прашања, дадени малку чисти и јасни одговори. Нема дефиниции што во овие случаи претставува и што ќе претставува говор на омраза, ниту пак кој ќе оценува што е говор на омраза и дилемите како тоа ќе се реперкуира врз слободата на говорот, од една страна и врз правниот систем на Македонија, од друга. Еве една интересна и актуелна тема за правниците кои би го искажале своето мислење.
Како што е познато задачата и обврските околу детектирање, идентификување и процесуирање на говорот на омраза им се дадени на Министерствата за надворешни работи. На прв поглед, теоретски посматрано, нема ништо спорно во таа определба. Но, во практика македонското министерство ќе треба да ги следи сите медиуми, телевизиски дневници, репортажи, серии, разни емисии, дури и хумористичните. Ќе гледа и чита кој што напишал, кој што објавил за Бугарија, Бугарите и македонските Бугари, кои од мува знаат да направат слон. И по дипломатски канали ќе добива наредби од бугарското министерство кој и за што треба да биде ставен на црн список, на листа на непожелни политичари, новинари, аналтичари, писатели, научни работници, историчари, „мркаџии“ и „дркаџии“.
Кога по своја или нечија друга проценка ќе забележи говор на омраза, МНР тој случај ќе го пријавува во полиција, во Министерството за правда, до обвинителствата, до надлежните судови и кој знае каде сѐ на друго место. Ќе покренува кривични пријави, ќе бара јавни осуди. Ако тргнат нештата во погрешен правец, ако не се внимава на деталите, постои можност да се случи Министерството за надворешни работи да се претвори во министерство за внатрешни работи. МНР да стане МВР или негова десна рака.Нешто како што во минатото МВР беше претворено во МВРО.
Ако навестените преземени обврски на Министерството се подложат на подетална анализа може да се дојде до заклучок дека адресирањето не е баш најсоодветно и најточно. Во Законот за владата на Република Северна Македонија и во Законот за министерството за надворешни работи не му се даваат такви овластувања на посоченото Министерство. Ниту пак такви законски овластувања му се дадени на министерот. Оттаму прозлегува прашањето дали ќе се носи нов закон во оваа смисла или тоа ќе функционира без да подлежи на законски одредби со сите ризици на што ќе бидат изложни таквите постапки. Сега и во иднина.
Министерството има преземено и друга функција, која не е законски овластено. Имено, согласно Рамката и Протоколот овој државен орган ќе биде надзор, контрола и оценувач на работата на Комисијата за историските прашања. Не може да се најде владина ии Собраниска одлука за таквото решение, иако, по природа на нештата, тој сектор припаѓа на образанието и културата. Основа за сомнеж за независноста на македонскиот дел од Комисијата дава што таа е сместена во просториите на Министерството и што Министерството ја обезбедува целата логистика за работата на Комисијата, како работна, просторно – канцелариска, така и материјална. Ако се имаат во вид неодамнешните јавни реакции за наводни притисоци врз членовите на Комисијата од вработени во Министерството не е исклучено тој принцип на мешање во нејзината работа да стане основен двигател во решавањето на историските спорови по волја на Министерството а не науката.