Најпродаваниот патнички авион на „Боинг“ е под зголемено внимание откако беше вклучен во две трагични несреќи во последните пет месеци, што се заканува да остави дамка врз репутацијата на американскиот произведувач на авиони. 

Сите 157 патници од летот на „Етиопијан ерлајнс“ загинаа во падот на авионот, неколку минути по полетувањето од меѓународниот аеродром во Адис Абеба. Во октомври мината година, пак, 189 луѓе ги загубија животите во несреќата на индонезиски „Лајон ер“. Двата несреќни случаи во кои беше вклучен моделот  „737 Макс 8“ имаат сличности, бидејќи станува збор за нови авиони кои се урнаа накратко по полетувањето, а чии пилоти побараа дозвола да се вратат назад, откако искусија потешкотии.

„Етиопиан ерлајнс“ одлучи да ја приземји целата флота на авиони „737 Макс 8“, исто како и кинеската авијација и „Кејман ерлајнс“ од Кајманските Острови.

„737 Макс“ е нов модел на „Боинг“ и најпродаван авион на компанијата, за кој американскиот произведувач добил преку 5.000 нарачки од над 60 авиокомпании (72 отсто од минатогодишните нарачки на „Боинг“ биле модели „737“), откако авионот бил претставен пред две години.

Акциите на „Боинг“ забележаа раст од 31 отсто годинава. А компанијата оствари продажба од преку 100 милијарди долари за првпат во нејзината 102-годишна историја, во 2018 година (најуспешна за американскиот произведувач). „Боинг“ испорача 806 комерцијални летови минатата година, што е раст од шест отсто во однос на 2017 година. По несреќата се предвидуваше можен пад од девет отсто од акциите на „Боинг“, што би можело да предизвика загуба од 21 милијарда долари. Познавачите на состојбата, сепак, предвидуваат оти несреќата нема да се одрази врз продажбата на американската компанија. 

Во тек е истрага за причините за несреќата во Етиопија, по која „Боинг“ можеби ќе треба да изврши модификации на нивните авиони, како и да го смени начинот на обука на пилотите на „Макс 8“, доколку се утврди дека истиот проблем ги предвизвикал трагедиите во Етиопија и во Индонезија. Истрагата за несреќата, заедно, ќе ја спроведуваат четиричлен стручен тим од САД, властите во Етиопија и надлежните служби на „Боинг“. М.Ж.