Дневниот просек на новоинфицирани со коронавирусот во последната недела во Брисел е 2.305, односно 340 заразени на 100 илјади жители.
Се работи за зголемување од 460 случаи дневно во споредба со средината на септември, што го става Брисел на прво место како жариште на епидемијата во Белгија.
Цела Белгија минатата недела беше ставена во „црвената зона“ на мапата на ЕУ за ковид-19, поради драстичното зголемување на новозаразени, со предупредување за трендот од висок ризик за инфекција.
Во исто време, Советот за национална безбедност одлучи да ги намали постојните рестриктивни мерки од 1. октомври, така што Белгијците повеќе нема да бидат обврзани да носат заштитни маски насекаде, а времетраењето на задолжителниот карантин од 14 се намали на 7 дена, во случај на негативен тест.
Белгиските национални власти ги објаснуваат ваквите мерки со потребата да се воведе стратегија што ќе биде одржлива за подолг период, која вклучува што е можно поголемо нормализирање на моменталната состојба и животот на граѓаните, во ситуација кога не е видлив крајот на пандемијата.
Од друга страна, властите во Брисел воведоа построги мерки од оние што се на сила на национално ниво.
Во Белгија од почетокот на пандемијата потврдени се вкупно 112.803 случаи на инфекција со вирусот.
Вкупниот број на смртни случаи се зголеми на 9.974, со просечно 4 починати на ден.