Фото: Маја Јаневска-Илиева

На берзанската цена не можеме да влијаеме, но секако можеме да влијаеме на давачките што се плаќаат спрема државата. Државата во минатото, во услови на енормно зголемување на цените на нафтата на берзите, неколкупати ги има намалувано акцизата и ДДВ-то на нафтените деривати, со цел да се спречи нивно влијание на другите цени, но и да се намали товарот врз трошоците на домаќинствата

Дали новите геостратегиски случувања на Блискиот Исток навистина пресудно влијаат на чинењето на нафтените деривати во нашата земја

Новите геостратегиски случувања на Блискиот Исток потврдуваат дека нема предвидливост ниту, пак, извесност кога станува збор за цените на енергентите. Упатените велат дека е очекуван импакт на цените на нафтените деривати сега по случувањата со Иран и Израел. Македонија се разбира дека е апсолутно увозно зависна земја за нафта и, освен во секојдневното живеење, овој енергент е тесно поврзан и со стопанството и економијата воопшто како составен дел од функционирањето. Затоа се наметнува прашањето дали ќе се преземаат чекори за да се амортизира евентуален ценовен удар. Во цената на бензините се вклучени и многу надоместоци, кои ја креваат цената на горивата, дали може некаде да се ревидира, државата да нивелира, да се откаже од некои надоместоци?

Како стојат работите кај нас денес?

Малопродажната цена на бензинот еуросупер 95 за литар изнесува 86,50 денари, додека на еуросупер 98 изнесува 88,50 денари за литар. Што се однесува, пак, до цена на дизелот, сега изнесува 77,50 денари.
Од одлуката на РКЕ може да се забележи дека набавната цена на нафтените деривати е значително пониска. Бензинот еуросупер 95 е 43,863 денари за литар, еуросупер 98 изнесува 45,674 денари и набавната цена на дизелот е 43,393 денари. Кон овие цени се додаваат трошоците за задолжителни резерви, акцизата и други давачки, поради што крајните цени на горивата се значително повисоки. Во највисоките малопродажни цени е содржан надоместок за трошоци за работење преку склад и трговска маржа, кој за еуросупер 95 е во износ од 5,522 денари за литар, за еуросупер 98 е во износ од 5,406 денари, а за дизелот е во износ од 5,505 денари.
Кон набавните цени се додава и надоместокот за транспортни трошоци од склад до бензински станици во износ од 0,95 денари за литар за сите нафтени деривати.
Наедно, содржан е надоместокот за финансирање на активностите во областа на животната средина, за еуросупер 95 и за еуросупер 98 тој изнесува 0,080 денари, а за дизелот 0,030 денари за литар.
Исто така, содржан е надоместокот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, кој за еуросупер 95 и за еуросупер 98 изнесува 0,890 денари, а за дизел – 0,300 денари.
Додека, пак, акцизите што ги плаќаат обврзниците изнесуваат за еуросупер 95 и
за еуросупер 98 – 22 денари, а за дизел – 15,50 денари.

Бизнис-заедницата со став базиран на педантни пресметки

Од бизнис-заедницата велат дека државата треба да ги следи примерите од регионот и да се откаже од дел од приходите во буџетот, зашто дури околу 40 отсто од крајната цена на горивата се давачки на име акцизи, даноци и такси.
Според претседателот на собранието на Организација на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, последните случувања на Блискиот Исток секако ќе влијаат на цената на нафтата. Тој вели дека во согласност со нашите законски прописи т.е. Законот за енергетика и Правилникот за формирање на највисоките малопродажни цени на одделни нафтени деривати и горива за транспорт, цената на нафтените деривати се формира врз база на берзанската цена и се зголемува со трошоците за транспорт, надоместоците и секако даноците и таксите спрема државата.
– Тоа значи дека на берзанската цена не можеме да влијаеме, но секако можеме да влијаеме на давачките што се плаќаат спрема државата. Државата во минатото, во услови на енормно зголемување на цените на нафтата на берзите, неколкупати ги има намалувано акцизата и ДДВ-то на нафтените деривати, со цел да се спречи нивно влијание на преостанатите цени, но и да се намали товарот врз трошоците на домаќинствата. Секако ова може да влијае на намалувањето на буџетските приходи на државата, кои се неопходни за вршење на основните функции на државата – објаснува Димитров.
Како што додава тој, умешноста на буџетската политика е да се усогласуваат потребите за трошење, со можностите за полнење на буџетот.
– Најлогично би било да се намалат некои непотребни трошоци за да се покријат намалените приходи од акцизи и ДДВ од нафтените деривати. Но сведоци сме дека некои буџетски корисници секојдневно бараат поголеми плати или вработувања или друг вид услуги за кои се потребни нови средства во буџетот – истакнува Димитров.

Во сите држави на ЕУ има враќање на дел на акцизата

Според Билјана Муратовска, генерална секретарка на асоцијацијата на транспортери „Макам-транс“, конкретно за превозните трговски друштва, особено е битно да се воведе одредба во Законот за акцизи да се враќа делумно акцизата за сите комерцијални превози, со што директно ќе се намалат трошоците и влијанието што превозните трошоци го имаат врз цените на сите производи што се превезуваат, особено кога се знае дека 96 отсто од стоката во увоз и извоз се превезува по сувоземен пат.
– Нашето стопанство е увозно ориентирано, што значи дека цената на горивото има големо влијание на превозните трошоци по единица производ. Во сите држави на ЕУ има враќање на дел на акцизата, со што се овозможува намалување на инфлацијата, односно на трошоците на превозот, кои директно влијаат на цените на сите производи и претставуваат и елемент со кој се зголемува набавната цена на увезените производи, што значи и зголемен износ за плаќање на ДДВ за крајниот корисник – укажува Муратовска.


Механизмите за амортизирање на ценовниот удар се кај државата

Според претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, новите геостратегиски случувања помеѓу Иран и Израел се очекува да имаат влијание врз берзите на нафта, но во кој обем ќе зависи од два фактора: одлуките на Г7, како и тоа дали случувањата на Блискиот Исток се од краткотрајна природа или ќе траат подолг период.
– Паралелно треба да се следи и ОПЕК какви одлуки ќе донесе, дали ќе се зголеми производство или можеби ќе се пуштат резерви на нафтени деривати во оптек – потенцира Бислимоски.
Како што додава тој, РКЕ ги утврдува малопродажните цени на нафтените деривати во согласност со методологијата според која се вклучува просекот за изминатиот петдневен период на берзанските цени на референтните производи, како и движењето на курсот долар/денар во тој период. Сѐ зависи на кое ниво е просекот на наведените параметри и до кое ниво стигнале дневните котации на берзанските продукти.
– Во однос на тоа дали може да се амортизира евентуален „ценовен шок“, механизмите се кај Министерство за финансии (акциза), како и кај Државните нафтени резерви – истакнува Бислимоски.