Фото: Игор Бансколиев

Процените на економистите се дека и оваа година ќе имаме високи стапки на инфлација, која дури до 2025 година би можела да се врати на историските стапки од околу 2 процента. Според нашите соговорници, има повеќе фактори што влијаат на високата инфлација…

Македонската економија под силно влијание на надворешните фактори, но фундаментални се внатрешните

Остварувањата на макроекономските проекции за Македонија за годинава ќе бидат под силно влијание на движењата и неизвесноста со која се соочува глобалната економија. Проекциите на Народната банка на Македонија, што се однесува до движењето на стапката на инфлација, се дека, за разлика од 2022 година, каде што проекциите беа дека ќе биде 14,3 отсто, за годинава се планира да имаме инфлација на ниво од 8 до 9 отсто. Овие предвидување се премногу оптимистички ако се знае дека нашата земја е високоизложена на надворешните влијанија. Дополнителен отежнувачки фактор се прогнозите на ММФ за тоа дека 2023-та ќе биде тешка година, а третина од светската економија ќе биде во рецесија. Забавување на економските активности се забележува во САД, ЕУ и Кина. Дури и во државите каде што ќе нема рецесија, стопанството и граѓаните ќе ја почувствуваат кризата што ќе се прелее и во нивните економии.
Во минатата година македонските монетарни власти не успеаја да постигнат значителен ефект во смирувањето на инфлаторните притисоци. Тоа резултира со повисок пораст на цените на прехранбените производи во однос на другите земји. За споредба, инфлацијата во еврозоната во ноември изнесува 10 отсто, што е под 10,6 отсто, колку што беше во октомври. Стапката на инфлација во Германија, по 11,6 отсто во октомври, во ноември е намалена на 11,3 отсто на годишно ниво. Во Македонија во октомври инфлацијата изнесуваше 19,8 отсто, а во ноември имаше незначително намалување на 19,5 отсто.
– Годинава очекуваме постепено забавување на инфлацијата, која на среден рок би се вратила на историските стапки од околу два процента – изјави гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежовска, во новогодишната порака, порачувајќи дека се неопходни структурни реформи што ќе ја зајакнат отпорноста на економијата, како одговорно, стратегиско и одржливо дејствување на носителите на политиките.
Централната банка во изминатиот период неколкупати ја зголеми основната каматна стапка. Со последната промена од средината на ноември, таа сега изнесува 4,25 отсто. Банката донесе и други мерки за запирање на инфлацијата што требаше да ја намалат потрошувачката. Според Народната банка, инфлацијата во последните месеци забрза, за што најмногу придонесува растот на цените на храната.

– Забрзувањето во целост се должи на порастот на цените на одредени типови прехранбени производи на домашниот пазар. Со тоа, просечната годишна инфлација во периодот јануари – октомври 2022 година изнесува 13,2 отсто, од кои и натаму 75 отсто се резултат на растот на цените на прехранбените производи и на енергијата. И покрај тоа што факторите што придонесуваат за раст на инфлацијата претежно се увезени ценовни притисоци, тие влијаат и врз инфлациските очекувања – соопштија од Народната банка.
На среден рок, инфлацијата ќе се намалува, сведувајќи се на 2,4 отсто во 2024 година и на 2 отсто во 2025 година. Централната банка не очекува квартален пад на економијата. Владата, пак, во предлог-буџетот предвиде инфлација од 7,1 отсто.
Поранешниот гувернер на Народната банка на Македонија, Петар Гошев во својата анализа за причините на високата инфлација во земјата наведува повеќе фактори.
– Македонија не само што е енормно зависна од увоз на енергија и на храна, што е доминантно прашање во секоја глобална криза туку, во целина, има исклучително висок коефициент на економска „несамодоволност“, што, во негативна смисла, соодветно ги зголемува негативните ефекти врз домашната економија. Вкупниот извоз и увоз на стоки и услуги на САД во нивниот БДП изнесува (само) 26 отсто, во ЕУ-27 97,6 отсто, а во Македонија изнесува 148 отсто. Разликата, евидентно, е многу голема, па соодветно на тоа и ширината на каналите за пренос на „екстерните влијанија“ врз нашата економија соодветствува на таа отвореност – вели Гошев.

Други неповолни индикатори што влијаат врз високата инфлација се тоа што Македонија за производство на единица БДП троши двојно повеќе енергија од просечната потрошувачка во ЕУ-27. Затоа и поскапувањето на енергијата за ист процент кај нас и во ЕУ, за толку повеќе ја оптоварува цената на чинење на повеќето производи во Македонија.
– Ставањето под контрола на инфлацијата во високоотворена економија, како што е македонската, е во директна корелација со ставањето под контрола на цените на клучните увозни производи што ја генерираат инфлацијата, а тоа, без домашна алтернатива и моќен фискален капацитет, е тешко изводливо – смета Гошев.
Македонија, која е нискодоходна земја, по три децении не се одлепува од неколкуте земји што цврсто го држат европското дно. Расходите на домаќинствата за храна и за енергија во таквите земји учествуваат со значително повисок процент во вкупните расходи. На пример, во Македонија со над 50 отсто, во ЕУ околу 35 отсто. Причина повеќе за високата инфлација кај нас се и главните структурни дефекти во нашата економија и слабиот капацитет за одговор на кризи. М.Ј.