Фото: Игор Бансколиев

ПОСЛЕДНОТО ЦЕНОВНО НАФТЕНО ЦУНАМИ И ЕКОНОМИЈАТА

Растот на цените на нафтените деривати, како и очекувањата за понатамошно поскапување на енергентите стануваат сериозен удар и за граѓаните, кои посочуваат дека ова добро станува луксуз и размислуваат за негова замена. Дали новите цени на бензините ќе ги натераат луѓето повеќе да користат јавен превоз или, пак, друга алтернатива допрва ќе видиме, но економистите потенцираат дека новите поскапувања на горивата неминовно ќе се прелеат и во малопродажбата и дека ќе има нов бран поскапување.
– Нафтените деривати се трошоци што се вклучени во производството и транспортот на стоките. Поради тоа, секое нивно зголемување врши притисок кон зголемување на крајната цена на стоките. Покачувањето на влезните единици за производство (како горивото) компаниите обично го решаваат преку префрлање на товарот врз потрошувачите, а не преку
намалување на сопствениот профит. Дури, знаат да преминат и на „воено профитерство“, па производите произведени со влезни единици набавени по стара цена да ги продаваат како да се произведени по нивната нова повисока цена – вели универзитетскиот професор Здравко Савески.

Здравко Савески / Фото: Архива

– Нафтените деривати се трошоци што се вклучени во производството и транспортот на стоките. Поради тоа, секое нивно зголемување врши притисок кон зголемување на крајната цена на стоките. Покачувањето на влезните единици за производство (како горивото) компаниите обично го решаваат преку префрлање на товарот врз потрошувачите, а не преку намалување на сопствениот профит. Дури, знаат да преминат и на „воено профитерство“, па производите произведени со влезни единици набавени по стара цена да ги продаваат како да се произведени по нивната нова повисока цена – вели универзитетскиот професор Здравко Савески.

Тој потенцира дека неминовно поскапувањето води кон намалување на животниот стандард на граѓаните.

– Ударот врз животниот стандард, во вакви околности, е неизбежен. Во оваа нова фаза на кризата, сиромашните луѓе и оние на границата на сиромаштија веќе влегуваат финансиски исцрпени, за што сведочи значителниот пораст на бројот на приматели на социјална парична помош во 2020 и 2021 г. Ситуацијата ја влошува тоа што цената на храната, покрај зголемувањето што се должи на поскапувањето на нафтата, поскапува и поради причини што директно ја погодуваат храната (климатската криза, непроточноста на синџирите за снабдување). Па затоа стапката на инфлација за храната е повисока (9,6 отсто) во однос на вкупната стапка (7,6 отсто). Во оваа нова фаза на кризата, нема само најсиромашните граѓани да бидат погодени од пад на животниот стандард, туку и подобростоечките, оние со средни приходи. Во принцип, особено на удар ќе бидат луѓето со ниски примања, но и оние што не можат да се оттргнат од консумеристичкиот начин на живот, кој наложува голема потрошувачка на пари за ненужни стоки и услуги – потенцира Савески.

Дека поскапувањето на бензините ги става во незгодна позиција потврдуваат и граѓаните, кои за „Нова Македонија“ посочуваат дека растот на цените на горивата ги натерал да го користат јавниот превоз наместо автомобилот.

– Моите пресметки покажаа дека доколку патувам со автобус ќе трошам помалку отколку ако патувам со автомобил до моето работно место. Проблематично е што мора да пешачам десетина минути до автобуската станица на која доаѓа соодветниот број на автобус за населбата каде што е сместена фирмата, но сепак, е предност што имаме јавен превоз, па додека има вакви високи цени кај горивата ќе го користам јавниот превоз – вели педесетгодишниот Драган Т.

Но тој не е единствениот што го променил својот начин на превоз до и од работното место, со цел да ги намали трошоците. Напротив, сѐ повеќе граѓани бараат начини како да ги намалат трошоците, кои стануваат сѐ поголеми, и кратат онаму каде што е изводливо. Еден од начините за намалување на трошоците е замена на автомобилите со поевтин превоз, но не сите се во можност да ја направат таа промена.
Социолозите потенцираат дека поскапувањата, растот на трошоците на живот, кои се наметнаа по двегодишната агонија со пандемијата, како и најновите случувања во Украина и во земјава создаваат нервоза кај граѓаните, и посочуваат дека меѓу луѓето се чувствува загриженост за личната егзистенција.

– Кај луѓето се чувствуваат неизвесност и грижа, дополнително се има впечаток дека работите се многу потешки отколку што се, или дека ќе стане уште потешко. Кај граѓаните има застрашувачка психоза, која го поттикнува стравот за нашата иднина. Иако политичарите што се на власт се обидуваат да ја ублажат состојбата, или да го смират народот со објаснувањата дека не е сѐ толку црно, сепак, голем проблем претставува недовербата во институциите и во раководителите. Досега многупати граѓаните биле изманипулирани, поради што довербата е на многу ниско ниво, а кон сето ова придонесува и општата ситуација во Македонија. Кај нас, цело време како да сме во изборна кампања, цело време има тензии низ медиумите меѓу политичките партии, па притисокот што се наметна со пандемијата, стравот за сопственото здравје, здравјето на најбитните, сега дополнето со страв за преживување, дали ќе имаат плата или не… дали ќе имаат да обезбедат основни продукти за семејството прави неверојатен притисок врз граѓаните – укажува универзитетскиот професор Илија Ацевски.

Илија Ацевски / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Тој дополнува дека притисокот и неизвесноста може да создадат разни форми на незадоволство кај одредени граѓани и дека тој притисок кај граѓаните за опстанок може да ги поттикне кон разни неорганизирани, туку спонтани изливи на незадоволство, особено ако се чувствуваат дека се во безизлезна ситуација.

– Мора да се променат состојбите во земјата, да се напушти оној осакатен популизам, да се напушти формата на постојана напнатост, за граѓаните малку да се почувствуваат опуштено во сопствената земја и да не стравуваат за егзистенцијата – потенцира Ацевски.


Советот на економски мудреци без конкретни мерки и насоки пред јавноста

Растот на цените на нафтените деривати беше причина за одржување на Економскиот совет во Владата, при што биле разгледувани можностите за дефинирање нови мерки за поддршка на граѓаните и стопанството.

– Беа разменети мислења, сугестии и предлози околу потребните мерки што како државна помош треба да бидат земени предвид при креирањето на политиките за ублажување на последиците од најдлабоката криза во современата историја – беше наведено во соопштението на Владата. На состанокот, со кој претседавал премиерот Димитар Ковачевски, покрај членовите на Економскиот совет присуствувале и претставници од академската заедница, гувернерката на Народната банка, претставници од стопанските комори, синдикалните организации и експерти од економскиот и финансискиот сектор.

Сепак, нови конкретни мерки не беа донесени на советот, што ја наметнува дилемата како и со какви чекори ќе се поддржат стопанството и граѓаните, кои се истрошени од досегашната криза, која се создаде по почетокот на пандемијата и која од здравствена премина во една од најголемите економски кризи.
Претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија посочува оти средбата меѓу владините претставници и економско-социјалниот совет, на која треба да се донесат нови мерки за помош на граѓаните и стопанството од ценовните шокови, е задоцнета и вели оти работодавачите апелираат да се реагира брзо.

Владанка Трајкоска / Фото: ОРМ

– Мерките што ќе бидат донесени од Владата најмалку што треба е да бидат популистички. Нам ни требаат јасни и директни мерки што ќе го олеснат функционирањето на компаниите. Можеби во делот на даночните олеснувања, субвенционирање на електричната енергија, инвестициско поддржување на компаниите. Владата мора да ги чуе проблемите на стопанството, а не да се раководи од краткорочни неефективни мерки – вели Владанка Трајкоска, претседателка на ОРМ.

Петранка Огнаноска
Катерина Михајлова