„Таск ‘Н Го“ нова алатка за зголемување на продуктивноста

Во првата верзија на платформата целта е да им помогнеме на крајните корисници, односно на програмерите, дизајнерите, додека во следните верзии насоката е кон главниот и вториот ешалон на менаџмент, како и секторите за продажба и човечки ресурси, вели Аритон Занев

Домашна стартап-компанија со нови иновативни решенија за менаџмент-платформи

„Таск ‘Н Го“ е компанија основана како спин-оф од компанијата „Ворхол“, во рамките на која се развива истоимениот производ. „Таск ‘Н Го“ е платформа за автоматизација што нуди зголемување на продуктивноста во рамките на компаниите преку збогатување на постојните таск и проект-менаџмент платформи. Вработените во компанијата имаат долгогодишно искуство во ИТ-индустријата и имаат развиено соработка со различни клиенти користејќи различни платформи за таск-менаџмент, кај кои се детектирани различни недостатоци. Тоа беше повод да пристапат за развој на вакво решение. За активностите на овој млад тим на иноватори, кој е составен од шест члена, разговаравме со Аритон Занев, коосновач и прв човек на компанијата.

Од што се состои „Таск ‘Н Го“, за која велите дека е целосно домашна иновативна алатка за управување со работните задачи?
– „Таск ‘Н Го“ е платформа за автоматизација на веќе постојни таск и проект-менаџмент платформи, чија цел е да го пополни недостигот помеѓу платформите и нивните корисници. Со нашиот производ сакаме да ги зголемиме автоматизацијата и продуктивноста во рамките на тимовите, преку збогатување и надградување на постојните алатки за управување со проекти и задачи. Првата платформа за која производот нуди автоматизација е Microsoft Azure DevOps, платформа што има 150 милиони корисници низ светот. Досега е лансирана првата, основна верзија од Task ‘N Go, каде што нашите корисници ќе ги добијат функционалностите „Spotify for Developers“ и „Automatically Sorted To-Do List“, заедно со импортирање на нивните организации од „Мајкрософт“ во времетраење од една минута. Во рамките на првата верзија добиваат и можност да работат во повеќе организации, листа на нивните проекти, таскови, вработени, нотификации преку кои можат да менаџираат со таскови и многу други функционалности. Нашите планови и цели не запираат со првата верзија, веќе ги развиваме про и премиум-верзиите во кои корисниците може да очекуваат „Real-time metrics and analytics“, како и „Machine learning prediction“, кои во рамките на нивните компании ќе им овозможат да бидат информирани во секое време што се случува со нивните проекти и ресурси, како и интеграција со PowerBI и Google Looker. Можеме да кажеме дека секоја од верзиите е намената за различен оддел во компаниите. Во првата верзија целта е да им помогнеме на крајните корисници, односно на програмерите, дизајнерите, додека во следните верзии насоката е кон главниот и вториот ешалон на менаџмент, како и секторите за продажба и човечки ресурси. Конкретно, решивме да започнеме со крајните корисници, односно основната верзија, бидејќи целта е да се добијат релевантни информации за работата во компанијата, кои ќе бидат од голем интерес во рамките на развојот на следните верзии, и зголемување на продуктивноста кај нашите корисници. Исто така, нашите интеграции не запираат со „Мајкрософт“, нашиот план е во иднина да интегрираме и втора платформа за таск-менаџмент, со што „Таск ‘Н Го“ ќе се реализира како крос-платформа и ќе овозможи менаџмент на повеќе платформи преку една алатка.

Компаниите добиваат информации во секое време што се случува со нивните проекти и ресурси

Како е прифатена оваа платформа за планирање на секојдневните обврски на вработените? За кое ниво на организација и за која дејност е најпогодна оваа апликација?
– Првата основна верзија од производот ја лансиравме на почетокот на овој месец, па можеме да кажеме дека сме млади на пазарот, но нашиот тим работеше на „листа на чекање“ уште од летото 2022 година. Досега имаме две компании како наши корисници, а една од нив е Publicis Groupe, маркетинг-агенција, па беше убаво изненадување што потребата за вакво решение е присутна и надвор од ИТ-индустријата. Досега производот е прифатен одлично, а чести се коментарите дека со нетрпение се чека втората, про верзија, каде што компаниите ќе ја добијат функционалноста „Метрика и аналитика во реално време“. На нашите стратегии за маркетинг и продажба работиме активно, како во рамките на нашата држава така и во регионот, а цел е и да се освои американскиот пазар, каде што се наоѓаат најголем дел од корисниците на Microsoft Azure DevOps.
Добивте инвестиција од бизнис-акцелераторот УКИМ, колку таа ви овозможи побрзо да ја остварите својата цел?
– Нашата приказна со бизнис-акцелераторот УКИМ започна во рамките на нивната акцелераторска програма во 2021 година, каде што нашиот тим беше дел од истата таа. Во програмата имавме можност да се запознаеме и да работиме со искусни ментори на различни сегменти од нашиот развој, и можеме да кажеме дека благодарение на нив пораснавме многу. БАУ е нашиот прв инвеститор, со кој ја отворивме нашата прва рунда на инвестицијата. Почетокот на секој стартап е особено предизвикувачки, период каде што тимот има потреба од најголема поддршка, па инвестицијата од БАУ можеме да кажеме дека пристигна во вистинско време, по долг период на „bootstrapping“ (самоинвестирање во производот).
Наедно сте дел и од програмата на „Мајкрософт“ за стартапи – какви услуги добивате во таа заедница на иноватори и корисници?
– Дел од програмата на „Мајкрософт“ за стартапи станавме во пролетта 2022 година и топло им ја препорачуваме на сите стартапи. Една од најголемите придобивки за нас е имплементацијата на која работевме изминатиот период, а тоа е можноста нашата претплата да оди преку Microsoft marketplace. Исто така, во следната фаза од нашата соработка ќе работиме со ментор од нивната програма на нашата го-то-маркет стратегија, што е одлично за нас, бидејќи ќе добиеме можност директно да се поврземе со корисниците на Microsoft Azure DevOps, кои се и нашите целни корисници. Во однос на нивната досегашна работа и партнерствата со компаниите, тие исто така нудат 30 отсто намалување на продажниот циклус, 50 отсто поголема големина на зделка, 12 отсто зголемување на бруто-маржата. Тие исто така имаат врски во 141 географска област, работат во 17 валути, имаат 55 земји каде што управуваат со даноци и нудат брзи исплати, како и бенефиции од алатки и сервиси во вредност од 150.000 долари. M.J.


Со инвестиции во 10 стартап-компании, акцелераторот УКИМ ја зајакнува својата улога како центар за развој на иновации. Акцелераторот УКИМ на 13 март 2023 година во просториите на центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ, ги претстави резултатите од работењето во изминативе четири години и ги презентира новите три инвестиции во стартап-компании пред повеќе од 100 гости од академската заедница, приватниот сектор и инвеститори… Акцелераторот УКИМ е основан во 2018 година од страна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и уште три содружници со специјалност во управување со инвестициското портфолио и развој на бизнисот: РС Македонија, развојната фондација „Кримсон“ и фондацијата „Проф. д-р Димитар Стамболиев“. Овие партнерства го прават акцелераторот УКИМ единствен во неговата способност да обезбедува квалитетни и уникатни услуги за заедницата на иноватори и претприемачи, како и совршена можност да се поврзе академијата со приватниот сектор. Акцелераторот УКИМ, кој инвестираше 533.000 евра во 10 стартапи, покажа дека македонските стартапи сериозно работат на својата инвестициска подготвеност и истите тие обезбедија дополнителни еден милион евра, но и дека со заедничка соработка и поддршка можеме побрзо да растеме и да се развиваме.