Фото: Игор Бансколиев

Скопје има повеќе од 1.500 диви таксисти, за кои, ако скопјани се решат да ги користат нивните услуги за превоз, ќе мора да одвојат нешто повеќе пари од својот паричник. Од Групацијата на таксисти предупредуваат дека е крајно време да се воведе ред и во метрополата по оваа основа. Тогаш би имало мултиплицирачки ефект за главниот град: не само што ќе се расчисти сообраќајниот метеж и конечно ќе се воведе ред во автотакси-превозот туку ќе се намали и аерозагадувањето, бидејќи тие диви таксисти нема да бидат низ скопските улици

ТАКСИ-ПРЕВОЗОТ ВО СКОПЈЕ ПРЕД СÈ ПОГОЛЕМИ ПРЕДИЗВИЦИ

Проблеми со жолтите таблички, со сѐ поголемиот број такси-возила без лиценца или пак со лиценцирани таксисти што немаат фискални таксиметри, со диво наштелувани фискални таксиметри, или пак со непријавени такси-возачи и без задолжително обележје, се само некои од предизвиците со кои се соочуваат таксистите во главниот град. Од Групацијата на автотакси-превоз на Град Скопје бараат решавање на нередот во метрополата од страна на градските власти, кои всушност се и надлежни за овој проблем.

ГРУПАЦИЈА НА АВТОТАКСИ-ПРЕВОЗНИЦИ СО БАРАЊЕ ДО ГРАДОТ

Еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат граѓаните што сакаат да работат како такси-возачи се лиценците и жолтите регистарски таблички, за кои надлежните не пронашле начин како синхронизирано да им ги обезбедат на апликантите за да можат да работат.
Па, така, еден таксист не може да добие жолта табличка од МВР ако не приложи и лиценца, а од Градот, пак, не може да добие лиценца ако не приложи дека има жолта регистарска табличка!? Оваа мерка беше воведена со цел легалните таксисти да се издвојат од дивите, кои работат без лиценца, а кои жолта регистарска табличка не би добиле, бидејќи немаат обезбедено лиценца.
Од групацијата велат дека оваа одлука, донесена уште во 2018 година, е донесена без никаква консултација со претставници на такси-фелата.
Сепак, и натаму еден од најгорливите проблеми остануваат дивите таксисти што ги осиромашуваат не само легалните таксисти туку и граѓаните.
– Голем е бројот на такси-возила што немаат лиценца, кои претежно функционираат пред „Ист гејт“, „Сити мол“, Бит-пазар, Рампа Илинден, Клиника, Транспортен центар и на такси-станици надвор од централното подрачје. Градот нема никаква евиденција за такси-возачите што ги возат граѓаните, дали се подобни да вршат ваква јавна дејност, дали се пријавени во АВРМ. Затоа по улиците имаме неподобни лица што возат такси-возила, како и многу пензионери. (Само петнаесетина проценти се пријавени во АВРМ од вкупно издадените изводи од лиценци.) Има голем број такси-возила што имаат на диво наштелувани тарифи на фискалните таксиметри, а се препознаваат по тоа што немаат налепница и пломба на таксиметарот и налепници со ценовник од инспекциското тело на прозорците на задните врати – велат од автотакси-групацијата.
Оттаму додаваат дека има и лиценцирани такси-возила што немаат фискални таксиметри. Тие возат со стари таксиметри или пак преку апликации од мобилни телефони.
– Постојано гледаме необележани возила или со различни бои од брендираната бело-жолта како секојдневно вршат автотакси-превоз, а кои не се легални, ги немаат сите потребни документи и одобренија за работа – велат оттаму.

БАРАЊАТА НЕМА ДА БИДАТ ПОВЛЕЧЕНИ СÈ ДО РЕШАВАЊЕТО НА ПРОБЛЕМОТ

Скопје има повеќе од 1.500 диви таксисти што ги пустошат џебовите на скопјани. А, како што велат од групацијата, доколку се воведе ред и во метрополата не само што ќе се расчисти сообраќајниот метеж туку ќе се намали и аерозагадувањето, бидејќи тие диви таксисти нема да бидат низ скопските улици.
– Со тоа ќе бидат отстранети многу повеќе од 1.500 диви таксисти, а тоа е помалку согорување на околу 24 тони гориво за 24 часа или околу 290 тона годишно. Автотакси-превозот ќе биде многу побрз, посигурен, побезбеден и наплатата ќе биде реална, со штелувани и баждарени фискални таксиметри – потенцираат оттаму.
Според претседателот на Групацијата на автотакси-превоз на Град Скопје, постојано преку медиумите ќе ги потсетуваат надлежните, сѐ додека конечно не се најде решение за овој проблем.


Нелиценцираните таксисти изобилуваат со непрофесионализам

Доволно е само еден ден да почнете да барате такси-возило, за да сфатите дека Скопје навистина има сериозен проблем од овој аспект.
Легално такси-возило со лиценца и баждарен таксиметар многу тешко ќе најдете, особено ако стопирате.
Искуството од нашето истражување покажува дека самиот изглед на возилото ќе ви ги даде потребните информации за тоа дали се возите во лиценцирано и легално такси или не.
Лиценцираните ги запазуваат стандардите. Возилата се чисти, средени и однадвор и одвнатре, возачите се културни. Таму нема гласна музика, нема пушење цигари, нема зборување на телефон. На крајот на возењето добивате фискална сметка, а можете да платите и со картичка.
Во диво такси возило ќе останете покуси за минимум сто денари од основната легално воспоставена цена по тарифникот на Град Скопје. Ќе ве „отрујат“ со чад од цигари и ќе се изнаслушате маалски муабети што возачот ги прави на телефон додека ве носи до саканата дестинација.
На пример, според нашето непосредно искуство, за превозот од Чаир до Центар, ако легалната цена е 150 денари, див таксист ќе ви наплати минимум уште 100-150 денари плус од вообичаената тарифа. Притоа, нема да ви даде сметка. Патем постојано ќе бидете под стрес поради недоволното внимание на возачот, бидејќи не може и да зборува на телефон и да внимава каде вози, па ќе свири и ќе врши тортура врз другите учесници во сообраќајот, ќе изусти и понекоја пцост, а потоа на патникот ќе му сврти муабет дека во Скопје има многу возачи што не знаат да возат.
И токму затоа што ваквите ситуации се чести во главниот град, потребно е итно решавање на овој горлив проблем, бидејќи граѓаните заслужуваат безбеден такси-превоз.