Фото: Принтскрин

Банкарскиот гигант со 167-годишна традиција Кредит свис беше на работ на пропаста, поттикнувајќи страв за состојбата на глобалниот финансиски систем, пишува „Си-ен-ен“. Кредит Свис соопшти дека презема решителни активности за да ја зајакне својата ликвидност, додека акциите на банката вчера паднаа за 24 отсто, откако беше објавено оти банката нашла „слабост“ во своето финансиско известување.

Раководството на Кредит свис вчера се сретна со швајцарските власти за да разговараат за можностите за стабилизација на банката, а потоа беше соопштено дека швајцарскиот регулатор на финансискиот пазар ќе пружи финансиска помош доколку е потребно. Сето ова се случи при крајот на работниот ден на берзата на Волстрит.

– Финсисискиот свет е во нестабилна состојба, чекајќи да види како ќе се заврши кризата во Кредит свис. Тешко е да се нагласи силината на ударот доколку пропадне Кредит свис, што поседува капитал од половина трилион долари и има повеќе од 50 илјади вработени ширум светот – пишува „Си-ен-ен“.

Минатонеделното пропаѓање на американската Силикон вели бенк (СВБ) исто така ја потресе довербата на инвеститорите низ светот.

– Кредит свит е значително повеќе глобално поврзан соработници надвор од Швајцарија, вклучувајќи ги оние во САД. „Кредит свис“ не е само швајцарски, туку и глобален проблем – наведе Ендрју Кенингем, водечкиот економист за Европа во „Капитал економикс“.

Кредит свис, еден од најголемите кредитори во Европа, е позната како глобално важна банка (Г-СИБ). А кога мегабанките се во неволја, луѓето се прашуваат што се случува со системот и шпекулираат кој би можел да падне следен.

Експертите сметаат дека и натаму постојат бројни ризици за Кредит свис, дури и со предвидената помош од 54 милијарди долари од швајцарската Централна банка.

– Превирањата во Кредит свис покажуваат дека кризата не е сузбиена. Мислам дека беше наивно да се мисли дека кризата би можела да биде ограничена на неколку регионални банки додека уште се чувствуваат шокови во нашиот банкарски систем. А ваквата состојба потенцијално може да се прошири на големите банки – вели американскиот универзитетски професор Артур Вилмарт.

Кредит свис и СВБ не се поврзани, но колективниот менталитет е голема сила во брзодвижечкиот свет на финансиските пазари. Кредит свис се соочува со неповрзани проблеми што тлеат со години, а кои случајно ескалираа во исто време кога СВБ мораше да биде спасувана од американските власти, наведува „Си-ен-ен“.

– Кредит свис бавно се движеше кон сообраќајка со години. Но сегашните вести секако се случуваат под влијание на состојбата во СВБ – напиша Питер Буквар од „Бликли фајненшл“.

Падот на СВБ не ги предизвика проблемите во Кредит свис, но ја стави швајцарската банка под поголемо внимание. Во меѓувреме, европските и американски банки се соочуваат со слични макроекономски фактори.

– Денешните случувања покажуваат дека постојат бројни ранливости од различен степен и на различни локации во САД и во глобалниот финансиски систем. Овие настани повторно илустрираат дека и натаму се недоволни регулацијата и надзорот на најголемите финансиски институции во САД и низ светот, главно поради успешното лобирање во финансиската индустрија – заклучува извршниот директор на „Бетер маркетс“ Денис Келехер.

Американскиот претседател Џо Бајден вети дека ќе стори сѐ што е потребно за да го заштити банкарскиот систем, порачувајќи им на Американците дека финансискиот систем на земјата е стабилен. Но, акциите на светските банки претрпеа пад и покрај уверувањата на американскиот претседател. Падот уследи откако американските власти презедоа мерки за заштита на депозитите на клиентите во СВБ. Во петокот, американското регулаторно тело ја затвори СВБ, специјализирана за кредитирање на технолошки компании. Тоа е најголемиот колапс на американска банка уште од финансиската криза во 2008 година.