Ниската цена во претходните години, африканската чума, како и континуираните загуби придонесоа за намалување на бројот на свињи во Македонија. Индивидуалните земјоделци немаат ни за сопствени потреби поради карантинот, а и немаат од каде да набават прасиња. Состојбата е алармантна и дефинитивно ќе имаме огромен дефицит на свинско месо, кое најверојатно ќе се продава за двојно повисока цена од минатогодишната, ни алармираат домашните одгледувачи на свињи
Зошто одгледувачите на свињи и преработувачите на месни производи во земјата прогнозираат црно сценарио
Генералната прогноза на повеќе соговорници, експерти од областа на месната индустрија, но и на самите производители и преработувачи на месо и месни производи е дека цената на свинското месо ќе продолжи да расте, а понудата на свежо месо ќе се намали, поради намалување на бројот на свињи во фармите кај нас, но и во регионот.
И африканската чума еден од клучните негативни фактори
Во Србија, која е и главен снабдувач од овој производ за македонскиот пазар, веќе има недостиг од прасиња за гоење, а причината е уништувањето на сточниот фонд во малите и индивидуалните фарми, заради спречување на ширењето на епидемијата на африканска чума. Сопствениците на свињарските фарми во Србија проценуваат дека цената на свинското месо ќе се зголеми во наредните месеци и дека свинското месо за Нова година ќе чини над 8,50 евра за килограм, дури и ако земјата дозволи увоз, бидејќи цената исто така е во пораст и во Европа поради намалената понуда.
Во изминатите години се забележува континуирано намалување на бројот на свињи и во земјите од Европска Унија. Само во Шпанија, во 2022 година биле заклани 1.700.000 свињи помалку отколку во 2021 година. Низ Европа се забележуваат рекордно високи цени на свинското месо и опаѓање на бројот на свињи. Се проценува дека имало од шест до седум отсто помалку свињи во Европа на крајот на 2022 година. Намалувањето во Централна Европа е структурно и се верува дека е трајно и неповратно. Со опстојувањето на поголемите фарми на свињи, каде што мерките за заштита од зарази се на повисоко ниво, нема да може да се надомести недостигот од свинско месо.
Какви се состојбите во нашата земја?
Ниската цена претходните години, африканската чума, како и континуираните загуби придонесоа за намалување на бројот на свињи во Македонија.
За последните пет години има намалување на бројот на свињи во македонските фарми од над 202 илјади во 2017 година, на 183.146 во 2022 година.
Намалување на бројот на свињи има и во однос на минатата година за 3.542 грла, а производството на свинско месо е помало за илјада тони. Жителите од руралните средини на истокот во Македонија бараат повторно да им се дозволи да одгледуваат свињи за домашни потреби. Поради африканската чума, нивното одгледување беше забрането, а добитокот беше евтаназиран.
– Сите индивидуални одгледувачи на свињи се без животни поради болеста. Единствено поголемите фарми одгледуваат свињи. Индивидуалните земјоделци немаат ни за сопствени потреби поради карантинот, а и немаат од каде да набават прасиња. Состојбата е алармантна и дефинитивно ќе имаме огромен дефицит на свинско месо, кое најверојатно ќе се продава за двојно повисока цена од минатогодишните цени на свинското месо. Имаме и фарми со капацитет и од четири илјади товеници. Но тие се соочуваат и со зголемени трошоци за храна, струја, работна сила… Како дополнителен издаток се и редовните контроли и заштита на свињите од болести. Сето тоа го поскапува производство на свинско месо – ни изјавија од здруженијата на одгледувачи на добиток.
Претставниците на месната индустрија веќе подолго укажуваат дека со важечките царински давачки, оваа индустрија е ставена во нерамноправна положба со странските производители
Недостигот од свинско месо се одразува и на работата на компаниите од домашната месна индустрија, кои со години се принудени да набавуваат увозни суровини, кои се оптоварени со повисоки царински давачки. Производителите на месни преработки се пожалија на нееднаков третман со увозниците на месни производи, а бараат и продолжување на мерката за помали царини за замрзнатото свинско месо за преработка. Поради општата неповолна состојба за стопанисување во месната индустрија, компанијата со најдолга традиција во земјата – „МИК Свети Николе“, размислува да го пресели целото свое производство надвор од Македонија.
– Компаниите од месната индустрија сакаат да продолжат да работат во нашата држава, да придонесуваат кон буџетот на државата, да вработуваат и да ги зголемуваат платите на вработените и да инвестираат во развојот на гранката, но за такво нешто е неопходно да се изедначат условите за стопанисување и контролирање, за да можеме рамноправно да се бориме со сите конкуренти. Потребно е да се продолжи со мерката или некој вид трајно законско решение за намалување на царината на замрзнато свинско месо наменето за преработка. Потребни се еднакви услови за контрола и правила на игра за сите учесници на пазарот, без разлика дали се домашни или увозни – изјави Гоце Трајчев, претседател на Групацијата за производство на месо и преработки од месо при комората и извршен директор на „Месната индустрија и кланица – Свети Николе“.
Наместо мерки и активности за подобрување на условите, домашните производители добиваат казни од сопствените институции, за што како единствена цел тие ја гледаат можноста за полнење на буџетот. Пред две години се одржаа состаноци меѓу групацијата и Агенцијата за храна, за третманот на месните производи според природните и дозволените граници на полифосфати во производите и има доставено официјално барање за усогласување на правилниците за предложување соодветни измени и мерки со цел да се надмине овој проблем за домашните месопреработувачи. Домашните производи и компании добиваат забрана за производство и казни, додека увозните производи се пуштени во слободен промет, иако учеството на фосфати и полифосфати е над дозволените граници.
Васко Ристовски од Дирекцијата на здруженија и регионални комори при Стопанската комора на Македонија рече дека претставниците на месната индустрија веќе подолго укажуваа дека со важечките царински давачки, оваа индустрија беше ставена во нерамноправна положба со странските производители, пред сѐ оние од соседството, но и од ЕУ.
– Готовите производи однадвор влегуваат во земјата со нула отсто царина, додека домашните преработувачи, при увоз на суровина плаќаат царина во висина од 20 до 35 отсто. Ова уште повеќе стана нагласено со функционирањето на Отворен Балкан. Во такви услови ќе дојде до затворање на домашните капацитети или евентуално селење на производството во соседството. Доколку сакаме да опстане домашната месна индустрија, потребно е ослободување од царинските давачки по примерот на други преработувачки индустрии што користат увозни суровини – рече Ристовски.
Тој потсетува дека Владата пред три години во редовни економски услови го согледа овој проблем со кои се соочуваа домашните преработувачи и помогна со тоа што воведе мерка ослободување на 50 отсто од царината од потрошената увезена суровина. Taa мерка во овој период беше редовно продолжувана на секои шест месеци. М.Ј.