Фото: Игор Бансколиев

Со заштеди во буџетот и прераспределби помеѓу буџетските корисници се обезбедени дополнителни 3,75 милијарди денари (61 милион евра) за да се справиме со енергетската криза. Економистите предлагаат да се продолжи со политиката на намалување на непродуктивните трошоци и во наредната буџетска година

Политика на штедење и граѓански идеи за излез од економската и енергетската криза

Со намалувањето на температурите во наредниот зимски период се очекува и поголема побарувачка за електрична енергија, која мора да се дополнува со увоз по многу повисока цена за киловат-час. Поради недостигот од евтина струја произведена од домашните капацитети, Владата коректно пред два месеца апелираше до сите граѓани, институции и фирми да учествуваат во акцијата за заштеда на струјата. Акцијата за штедење е направена, според примерот на другите западноевропски земји, кои ги повикаа своите граѓани да ја намалат потрошувачката на енергија за да се избегне недостиг од струја во текот на зимата. Владата си постави цел да ја намали потрошувачката на енергија кај компаниите и јавните претпријатија за 10 проценти во текот на следните две години.
Економистите сметаат дека заштедата на струја може да има ограничено дејство во намалувањето на трошоците за осветлување и затоплување, затоа што следуваат студени зимски денови. Затоа се предлагаат и други форми на „заштеди“ преку намалување на непродуктивните трошоци во сите институции од централната и локалната власт. Речиси сите општини во државата пристапија на „рестрикции“ во уличното осветлување и воведување поекономични светилки. Како дополнителни можности за ослободување на средствата за пребродување на енергетската криза се и намалување на програмите за осветлување на градовите во предновогодишниот период кога многу средства се трошат за украсување на улиците, светилки и за организирање разни свечености и прослави.
Колкава е заштедата за потрошената енергија во Македонија нема целосни информации, но според податоците што беа објавени од Министерството за економија, во првиот месец од донесувањето на акцијата во некои министерства имало намалување на потрошената енергија за над 15 отсто!
– Нашата општина прва почна со програмата за штедење. Во рамките на нашите општински објекти се направени сите потребни чекори за рационално трошење на струјата. Оваа обврска ја преземаа и сите институции што се под општинска надлежност, како што се училиштата, градинките и други служби. Досега немаме проблеми со покривање на трошоците за струја за уличното осветлување. Како ќе биде во јануари сѐ зависи од цената на електричната енергија. Што се однесува за предновогодишното украсување ќе бидат направени соодветни програми, но секако дека ќе бидеме максимално рационални во трошењето – ни изјавија од Општина Центар, која е најурбаната општина во Македонија.

Пред почетокот на грејната сезона, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, најави дека ставките за непродуктивни трошоци се замрзнати, а се обезбедени и доволни количества енергенти за грејната сезона во училиштата, градинките и другите институции што се под локално ниво.
Премиерот Димитар Ковачевски, при објавувањето пакет мерки за надминување на енергетската криза, посочи дека клучно во следниот период е да се направат заштеди на електричната енергија секаде каде што е можно. Со заштеди во буџетот и прераспределби помеѓу буџетските корисници се обезбедени дополнителни 3,75 милијарди денари (61 милион евра) за да се справиме со енергетската криза, односно средства за ЕСМ, за домашно производство на енергија и надминување на последиците од енергетската криза. Овие средства се обезбедени по основа на заштеди на ставки што не се приоритетни и каде што има помала реализација од планираната, како и од средства што не се реализирани во програми во согласност со механизмот КАПЕФ.
– Целта на прераспределбата е да се одговори на предизвиците од актуелната енергетска и ценовна криза. Затоа и најголемиот дел од прераспределените средства, 3,75 милијарди денари, се насочени во програмата за мерки за справување со ковид-19 и други антикризни мерки, односно тие ќе бидат насочени кон ЕСМ за производство на електрична енергија од домашните капацитети, со што се овозможува пониска цена за крајните потрошувачи на регулираниот пазар, односно домаќинствата и околу 70 илјади компании, како и средства за нови антикризни мерки – изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.

Економистите предлагаат да се продолжи со политиката на намалување на непродуктивните трошоци и во наредната буџетска година. Една од нив е оптимизација на јавната администрација, што ќе помогне за намалување на расходните ставки за наредната година. Макроекономските проекции на буџетот за следната година се реални, но најголемата неизвесност доаѓа од развојот на настаните во Украина, кои и натаму влијаат врз понудата и достапноста на електричната енергија, енергентите, како и понудата, цените и достапноста на храна. За да се спречи натамошниот раст на инфлацијата, која за наредната година е проектирана на 7,1 проценти, ќе биде потребно да се штеди, а Владата да се бори со координирани акции на монетарната и фискалната политика, сметаат економските експерти.
– Инфлацијата сѐ уште е висока, со раст што бавно се намалува и извесно е дека ќе го продолжи да се движи во иста насока и во првата половина на 2023 година. Високата инфлација ќе влијае и на високи даночни приходи од една страна, но и на потребата од индексација на социјалните и други расходи, од друга. Затоа во делот на расходите е потребно затегање, односно штедење што ќе има позитивно влијание и во борбата против високата инфлација – вели Павле Гацов.
Од Стопанската комора на Македонија предупредуваат дека државата има тесен маневарски простор за финансиска поддршка на околу 1.600 компании што се на слободниот пазар на електрична енергија и затоа предлагаат да се разгледа можноста тие средства да се обезбедат преку намалување на непродуктивните трошоци во буџетот, а тие непродуктивни трошоци да се пренаменат за поддршка на компаниите, за зачувување на работните места и за зачувување на нивната конкурентност на регионалните пазари. М.Ј.