Фото: Маја Јаневска-Илиева

Упатените велат дека проблемот настанува поради фактот што голем број производители, особено на земјоделски производи, немаат никакви пишани договори со трговците. Затоа писмениот договор мора да биде законски регулиран и обврзувачки и тогаш пазарната инспекција може по свој избор да врши контрола на терен, а не само по пријава. На овој начин ќе се обезбеди поголема примена на законот, но исто така и подобра контрола врз неговото спроведување

Предлог-законот за забрана за нефер трговски практики како повод

Со новиот предлог-закон за забрана за нефер трговски практики во делот на трговијата со земјоделски и прехранбени производи се предвидуваат 26 такви практики што ќе бидат регулирани, а непочитувањето ќе значи плаќање глоба и до 20 илјади евра. Со овој закон се препознаваат и уредуваат правилата и мерките за спречување на наметнувањето нефер трговски практики, кои отстапуваат од доброто трговско работење и се детектираат нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и со прехранбени производи, со чие наметнување се искористува значителната преговарачка моќ на купувачот во однос на неговите доставувачи.

Стопанската комора на Македонија: Се очекува законот да воспостави ред на пазарот со земјоделски и со прехранбени производи

Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија истакна дека генерално бизнисот нема забелешки за предложениот закон, а единствено дека треба да се разгледа рокот од шест месеци за стапување во сила, затоа што производителите и продавачите ги прават договорите на годишно ниво.
– Се очекува законот да воспостави ред на пазарот со земјоделски и со прехранбени производи. Ова е сосема нов закон, нова работа за сите нас. На состанокот беа отворени голем број прашања што беа нејасни за бизнис-секторот. Се работи за европски закон приспособен за нашиот пазар. Сметаме дека ќе се воведе ред и дека сѐ ќе биде законски регулирано. Начелно останува овој период од шест месеци за приспособување на компаниите и сметаме дека нема да има никакви проблеми. Евентуалните забелешки треба да произлезат во наредниот период. Во следните 20 дена треба да ги сумираме зашто секој има свое гледиште, и компаниите и синџирите маркети. Заедничкиот документ ќе се достави до ресорното министерство. Имаме време да ги разгледаме и да ги појасниме работите. Можеби ние погрешно ги толкуваме, можеби има простор каде што ќе може да се интервенира – објаснува Ристовски.

Ангел Димитров: Јавна тајна беше дека производителите на земјоделски и
прехранбени производи досега биле во подредена состојба во однос на
трговците

Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, смета дека е добро да се донесе еден пропис во оваа област, затоа што е многу важна за животот и здравјето на населението.
– Дека производителите на земјоделски и прехранбени производи досега биле во подредена состојба во однос на трговците беше јавна тајна. Знам дека некои трговци на мало одеа до таму што на производителите на кои стоката им била платена по извршената продажба, на крајот на годината повторно им бараа одреден годишен рабат иако тоа никаде не било договорено – потенцира Димитров.
Тој вели дека најголемата слабост на законот е што надзорот над спроведување на законот ќе го врши Комисијата за заштита од конкуренција по пријава поднесена до неа.
– Се сомневам дека комисијата ќе има капацитети да постапува сама без примена на пријава од одреден производител, а од друга страна, производителите повторно поради подредената улога спрема трговците нема да се охрабруваат да поднесуваат пријави за нефер трговски практики – истакнува Димитров.
Тој додава дека подобро решение е надзорот да го врши пазарната инспекција, која има повеќе ресурси, но исто така е секојдневно на терен и блиску до производителите и трговците.
– Проблемот исто така настанува поради фактот што голем број производители, особено на земјоделски производи, немаат никакви пишани договори со трговците. Затоа писмениот договор мора да биде законски регулиран и обврзувачки и тогаш пазарната инспекција може по свој избор да врши контрола на терен, а не само по пријава. На овој начин ќе се обезбеди поголема примена на законот, но исто така и подобра контрола врз неговото спроведување – нагласува Димитров.
Според министерот за економија Крешник Бектеши, главната поента на овој закон е тоа што на само 10 отсто ќе се ограничи рабатот – профитната маржа на еден производ што ја одредува производителот, а не продавачот. Ова, според Бектеши, ќе го подобри и квалитетот на производот, бидејќи на многу продукти им се губат својствата кога не се продаваат само поради тоа што производителот „го уценува“ продавачот да го нуди со висока маржа.
– Во некои случаи малопродажната цена ја одредува производителот (најчесто на прехранбени и други производи за широка потрошувачка) и во тој случај одобрува рабат. Рабат е разликата во набавната и продажната цена што ја одредува производителот и често малопродажната цена е означена на амбалажата на производот. Во тој случај трговецот не би смеел да ја зголемува цената – вели Бектеши.
Тој посочува дека овој закон кога ќе стапи во сила ќе влијае веднаш на намалувањето на цените на производите, во подобрувањето на квалитетот на производите, во предвидливоста и сигурноста и на продавачите и на купувачите, во согласност со нефер трговските практики.
– Таму е наведено колку може процентуално да биде максималниот рабат. Тие рабати надминуваат и 30, па и 40 отсто од производствената цена. Со ова законско решение процентот ќе биде најмногу 10 отсто, што ќе влијае на цените веднаш и директно – посочи Бектеши.