По пауза од две години, во септември повторно ќе се започне со изградба на пругата кон Бугарија, проект што со децении чека реализација. Економистите се децидни дека железничкиот коридор 8 мора да се заврши, односно да се забрза неговата изградба, и дека е апсолутно приоритет број еден за нашата земја од инфраструктурен аспект
Пругата и возот до Бугарија се речиси најчесто споменуван капитален проект последниве децении што треба да се реализира кога станува збор за предизборни ветувања во делот на инфраструктурата. Овој воз чека со децении на исто место, заглавен некаде помеѓу Куманово и селото Бељаковце, каде што требаше да стигне уште во 2016 година. Економистите велат дека со овој проект се изгубени пари во инвестиции што потоа пропаднале поради негрижа, но и загубени пари поради неизградената железница и плаќање поскап транспорт. Сепак, по пауза од две години, во септември повторно ќе се започне со изградба на пругата кон Бугарија. Новите изведувачи на работите на пругата кон Бугарија ќе добијат пристап до градилиштата месецов, а во текот на следниот месец се очекува и да почнат со конкретна работа, откако во меѓувреме ќе ги завршат административните процедури, со регистрација на подружници и обезбедување на потребните сертификати и одобренија. Изведувачите треба да ја завршат работата за реконструкција и доизградба на првата делница, Куманово – Бељаковце, каде што од јуни 2020 година нема работа на терен, а потоа целосно да се изгради втората делница Бељаковце – Крива Паланка. Рокот на реализација на првата фаза од пругата Куманово – Бељаковце е 24 месеци, а има работа по должината на целата траса од 31 километар. Според процените на претходниот надзорен инженер, таму се завршени 54 проценти од работите, а инвестицијата изнесува 40,5 милиони евра. За втората делница, Бељаковце – Крива Паланка, во должина од 34 километри и вредност од 155 милиони евра, рокот на градба е 36 месеци.
Хари Локвенец, директор на ЈП „ЖРСМ инфраструктура“, ветува максимална транспарентност на прогресот на работите, со оглед на минатото на повеќедеценискиот проект, со повеќекратни застои, на кој работеа и ветуваа дека ќе го завршат сите влади.
– Ветувањата се дека ќе се скрати рокот на изведба за шест месеци, но би биле задоволни и за завршување на работата во рокот. Тие ќе ја имаат целосната логистичка поддршка од наша страна како инвеститор за непречено одвивање на работите – посочи Локвенец.
Како што истакна тој, за третата делница, од Крива Паланка до границата со Бугарија, до крајот на годинава треба да биде објавен тендер за избор на изведувач. Во тек е процена на проектната документација од страна на консултант на Европската Унија, врз чија база ќе се постават условите на тендерот за максимална ефективна реализација. Веќе се обезбедени 216 милиони евра од потребните 405 милиони евра, според проектната вредност проценета пред пет години.
Досегашната финансиска конструкција ја сочинуваат инвестициските грантови од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан (WBIF) од 155 милиони евра, како и 61 милион евра од програмата ИПА 2. Се очекува работите да почнат следната година, а да бидат завршени во 2027 година, што е ветен рок за заокружување на активностите од бугарска страна.
Економистите се децидни дека железничкиот коридор 8 мора да се заврши, односно да се забрза неговата изградба, и дека е апсолутно приоритет број еден за нашата земја од инфраструктурен аспект.
Според Ангел Димитров, претседател на собранието на Организација на работодавци на Македонија, инвестициите во патната инфраструктура треба да се рационализираат и да се оди на исплатливи и разумни кредити за експресни патишта, а, условно кажано, заштедените средства од неизградба на автопатишта да се вложат во конечно железничко поврзување со сите соседи.
– Факт е дека нашата железничка инфраструктура е застарена и дека нашите пруги бараат огромни средства за реконструкција, но, сепак, што се однесува на пругата до Бугарија, таа многу долго се гради, се земаат постојано кредити, а никако да се заврши. Можеби заложбата на Владата да се заврши има и политички карактер. Сепак, јас лично не сум сигурен колку многу оваа нова железничка врска ќе донесе зголемување на трговската размена со Бугарија, но се разбира дека секој нов инфраструктурен објект дава можности за подинамичен економски раст. Трговската размена меѓу двете земји не е голема, а и многу автобуси дневно сообраќаат во меѓународниот сообраќај меѓу двата главни града. Она што е важно да се погледне е целата изградба на железничкиот коридор 8, и тоа од Албанија преку Македонија до Бугарија. Во тој случај, голем дел од извозот или увозот на Италија кон Турција или Кина би можел да оди преку нашата земја – смета Димитров, додавајќи дека на тој начин ќе има товарни возови, а и фреквенцијата на патничките возови би можела да биде поголема.
Од Стопанската комора на Северна Македонија велат дека инвестирањето во железничката инфраструктура позитивно би влијаело на социоекономскиот развој на земјата, резултирајќи со одржливи придобивки за населението, бизнисот и економијата, со оглед дека железничкиот транспорт има повеќе предности (релативен поевтин превоз на стока, можност за транспорт на кабести стоки, брзина и слично).
– Подобрувањето на меѓусебната железничка инфраструктурна поврзаност треба да биде од приоритетно значење за унапредување на меѓусебната соработка на нашата држава со соседните земји, што ќе придонесе за забрзување на вкупните транспортни операции меѓу земјите, а со тоа и експанзија на обемот на билатерална стоковна размена и на количеството на стоката во транзит – напоменуваат од СКСМ.
Оттаму додаваат дека со сегашната состојба пристапот до железничкиот транспорт на целата територија на државата не е добро утврден, поради тоа што железничката мрежа има конекции со други железнички пруги само преку коридорот 10.
– Всушност, железничките пруги во насоката исток – запад имаат последна станица што не е поврзана со железничка мрежа. Исто така, нема железнички врски со соседните железнички инфраструктури на коридорот осум. Сметаме дека е потребно државата да ги препознае придобивките од железничкиот транспорт и железничкото поврзување да го постави како еден од приоритетите заради следење на чекорот со земјите од регионот и модерните транспортни текови – истакнуваат од СКСМ.