Треба да го смениме пристапот кон изборот на претставниците на кои народот им дава мандат да одлучуваат во името на граѓаните. Неопходно е да избираме непартиски, но и компетентни докажани професионалци, чесни и морално и етички чисти личности. Понатаму, мораме да смогнеме сили однадвор да ги донесеме сите добронамерни експерти, владини или невладини, кои со своето искуство, знаење и вештини ќе ни помогнат во зајакнување на институциите и државата, кои знаат да се борат против системската корупција и организираниот криминал! Да го зајакнат капацитетот на судството, да работат принципиелно и на капацитетите на законодавната и извршната власт како носители на прогресот во една држава, без разлика кој е на власт. Посебно да биде зајакната функцијата на законодавниот дом, со своите контролни функции, односно комисии, кои на најтранспарентен начин на граѓаните и на јавноста ќе им покажат дека знаат да ги детектираат општествените и институционалните слабости и истите тие ќе ги процесираат за да бидат – во рамките на законски предвидените процедури – елиминирани! Тоа се клучните фактори за влијаење на прогресивните процеси било во социолошки било во економски аспект, посочуваат од Комората на СЗМ
Бизнис-заедницата единствена во ставовите за тоа што го кочи економскиот развој
Бизнис-заедницата се залага за сеопфатен фронт за успешно сузбивање на општествените слабости што го кочат економскиот развој на Македонија. Тука во прв ред е корупцијата, заедно со креаторите на високата корупција, која подолго време е на врвот на листата, според перцепцијата на граѓаните за постоење коруптивни однесувања/активности.
Темата за корупцијата деновиве добива на актуелност, поради случувањата околу изборот на новите судски функционери, дилемите во врска со специјалниот тим антикорупционери од САД, како и ставовите изречени во јавноста од страна на високи државни функционери во врска со тоа. Бизнис-заедницата тврди дека „невладеењето на правото“ во највисоките системски слоеви на државната пирамида е еден од предусловите за појавувањето на кризата во сите пори на општеството, вклучувајќи и во економијата. За постоењето на „неекономските“ фактори за водењето успешен бизнис во Македонија предупредуваат и од еснафските стопански здруженија. Но како и досега, заложбите за спречување на општествените и економските слабости за кои стопанските здруженија нудат и конкретни решенија се сведуваат на вообичаени одобрувања и декларации од страна на носителите на одлуките во државава, без притоа да се направи посилен, заеднички и синхронизиран исчекор.
Околу 20 отсто е уделот на корупцијата во вкупната вредност на јавните
набавки?
Најголемиот коруптивен потенцијал произлегува од сивата економија, која сѐ уште е високо присутна во Македонија. Но во повеќето извештаи и истражувања на различни независни институции и организации, како области што се посочуваат како најризични за корупцијата се спроведувањето нетранспарентни огласи за јавни набавки, потоа следуваат давањето поткуп за добивање градежни дозволи, издавањето лиценци и други дозволи, добивањето банкарски кредити, при царински процедури и исплати, плаќање даноци, склучување договори со големи (трговски) компании, приклучување на струја или водовод и др.
Од Центарот за граѓански комуникации, кој го истражува и следи начинот на кој се трошат јавните пари преку тендери, објавија податок дека само во 2021 година биле потрошени околу една милијарда евра на јавни набавки. Според некои меѓународни процени, околу 20 отсто е цената на корупцијата во вкупната вредност на набавките. Ова се однесува за земји-членки на Европската Унија. Со оглед на слабите институции и слабиот судски систем во нашата земја, можеме да процениме дека тој процент би бил уште поголем. Што значи дека на корупција во јавните набавки само во минатата година сме загубиле околу 200 или 300 милиони евра, соопштуваат од ЦГК.
Во врска со присутноста на корупцијата во домашната економија, од Стопанската комора на Северозападна Македонија ни одговорија дека во нивната четиригодишна стратегија како прва стратегиска определба е правилното спроведување на законодавството како предуслов за владеење на правото и формализирање на неформалната економија.
– Не случајно е токму таа стратегиска определба ставена прва, бидејќи сметаме дека владеењето на правото е клучен елемент што се однесува на економијата и благосостојбата на нашите граѓани итн. Исто така веруваме дека сивата економија е многу блиска и поврзана со корупцијата. Како една од главните причини за застојот на нашиот економски раст и развој е токму корупцијата, која, според неколку извештаи, има постигнато ниво на 25 отсто од целокупниот БДП, што ако се конвертира во бројки надминува вредност од 3,2 милијарди долари, што е многу за нашата економија и се средства што би ја направиле разликата. Освен прелевањето на финансиските средства, таа силно ги оштетува институциите и нивните услуги кон граѓаните и бизнисите, што претставува дополнителен проблем за нашето општество. Од оваа гледна точка, може да заклучиме дека нашата земја стои многу лошо споредбено со земјите од регионот и, секако, со земјите од Западна Европа – ни изјавија од Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Бизнис-заедницата препознава каде треба да се направи исчекор за да се надминат општествените слабости
Во глобалниот индекс на конкурентност, кај индикаторот за корупција, од вкупно 141 земја, ние сме во 81-то место, што значи дека ние гравитираме кон дното на списокот, бидејќи во истиот индекс, дури 31 земја го споделуваат првото место, што значи дека сме од последните во оваа насока. Владата во следниот период, доколку навистина цели на интеграција во Европската Унија, ќе треба да се заложи во борбата против корупцијата, посебно против креаторите на високата корупција, како што се функционерите што одлучуваат за јавните политики, каде што е и „главата на корупцијата“. Второ, треба да го смениме пристапот на избор на претставниците на кои народот има дава мандат да одлучуваат во името на граѓаните и да се избираат непартиски, но и компетентни докажани професионалци, чесни и неизвалкани, морално и етички. Трето, мораме да смогнеме сили однадвор да ги донесеме сите добронамерни експерти, владини или невладини, кои со своето искуство, знаење и вештини ќе ни помогнат во зајакнување на институциите и државата, кои знаат да се борат против корупцијата и организираниот криминал, да го зајакнат капацитетот на судството, но и назаконодавната и извршната власт како носители на прогресот во една држава. Да биде зајакната функцијата на законодавниот дом со своите контролни функции, односно комисии, кои на најтранспарентен начин на граѓаните и на јавноста ќе им покажат дека знаат да ги детектираат општествените и институционалните слабости и истите тие ќе ги процесираат за да бидат – во рамките на законски предвидените процедури – елиминирани! Тоа се клучните фактори за влијаење на прогресивните процеси било во социолошки било во економски аспект, посочуваат од Комората на СЗМ.
Издигањето на свеста за општествените слабости е веќе излитена фраза
Сузбивањето на корупцијата и владеењето на правото се два многу значајни сегменти што го детерминираат економскиот развој во едно општество, бидејќи имаат големо влијание при носењето на одлуката за тоа дали странските компании ќе одлучат да инвестираат во нашата држава и дали постојните домашни бизниси ќе донесат одлуки за нови инвестициски зафати, велат од Сојузот на стопански комори на Македонија.
– Борбата против корупцијата мора да биде резултат на заедничката соработка помеѓу сите засегнати страни, државни институции, бизнис-секторот, граѓанскиот сектор и секој од свој аспект да работи на надминување на предизвиците. Сојузот досега има реализирано неколку обуки на претставници на бизнис-заедницата и на државните институции.
Во секој случај „издигнувањето на свеста“ тешко дека веќе нешто означува, но конкретните алатки за „промена на културата на однесување и подигнување на етичките и професионалните стандарди по ова прашање“ е секако нов исчекор.
– Иако генерално во нашата земја е поставена и структура на институции и правна регулатива, сепак, треба уште многу да се работи на ова поле во делот на почитувањето и примената на постојните закони – велат од Сојузот на стопански комори на Македонија.
Од Стопанската комора на Македонија во наредните денови ќе го објавиме одговорот на нашето прашање за тоа колку и како корупцијата се одразува врз водењето на економските активности на македонските фирми и низ кои форми се манифестира оваа појава? Во неколку претходни настапи на челниците на оваа комора беше истакнувана заложбата на стопанствениците за донесување „декларација за општествен консензус за економски реформи, политики и мерки“, во која ќе се укажува на „неповолните состојби во економијата, кои во значаен дел се должат на нефункционирањето на правната држава и непочитување на пазарните вредности“. М.Ј.