Фото: Игор Бансколиев

Најмногу фирми минатата година има затворено во секторите трговија на големо и на мало – 1.836, преработувачка дејност – 732, објекти за сместување и сервисни дејности – 707, други услужни дејности – 503 и градежништво – 450. Најголем дел од затворените фирми е во Скопје, повеќе од една третина, потоа Битола, Тетово, Куманово и Гостивар се градовите во кои имало најмногу затворени фирми. Според економските аналитичари, кризата што ја предизвика ковид-19 ќе има последици најмалку уште десет години

ЗДРАВСТВЕНАТА КРИЗА СО ПОГУБНИ ЕФЕКТИ ВРЗ ЕКОНОМИЈАТА

Драстичен раст на бројот на затворени компании има минатата година. Податоците од реномираната бизнис-платформа „Бизнис мрежа“ говорат дека ланската година била погубна за приближно 7.000 компании, или поточно 6.993 фирми ставиле клуч на врата. Во однос на 2020 година, бројките покажуваат зголемување на бројот на затворени фирми дури за 782 (во 2020 година не преживеале 6.211 компании).
Од друга страна, пак, самите економски показатели за 2021 година се поповолни отколку за 2020 година. Имено, 2020 година е завршена со пад на бруто-домашниот производ за 4,5 отсто, додека за 2021 година, Државниот завод за статистика сѐ уште нема објавено податоци, но според ноемвриските процени на Народната банка, годинава завршила со раст на БДП од 3,9 отсто.
Според „Бизнис мрежа“, најмногу фирми, и во 2020 и во 2021 година, се затвориле во февруари, бидејќи тогаш Централниот регистар ги брише компаниите што не се активни, во согласност со членот 552 од Законот за трговски друштва. Најмногу фирми има затворено во секторите трговија на големо и на мало – 1.836, преработувачка дејност – 732, објекти за сместување и сервисни дејности – 707, други услужни дејности – 503 и градежништво – 450. Во првото полугодие од 2021 година се евидентирани затворања на дури 5.022 фирми, податоците и за второто полугодие покажуваат продолжување на трендот на зголемено затворање на фирмите. Додека во 2020 година во првото полугодие се затворени помалку фирми – 4.707. Најголем дел од затворените фирми е во Скопје, повеќе од една третина, потоа Битола, Тетово, Куманово и Гостивар се градовите во кои имало најмногу затворени фирми.
Ангел Димитров, претседател на собранието на Организација на работодавци на Македонија, вели дека иако можеби здравствената криза во 2020 година беше поголема од онаа во 2021 година, сепак некои дејности претрпеа поголеми штети во 2021 година. Тој додава дека финансиска помош во 2020 година имаше за пет месеци, а во 2021 година само за два месеца од годината.

– Гледајќи ги дејностите каде што има најголем број затворени фирми, може да се заклучи дека тоа се компании и дејности каде што учеството на работната сила е многу големо, а со тоа и трошоците за плати учествуваат со голем процент во вкупните трошоци. Така, на пример, компанија од некоја трудоинтензивна дејност добила помош за месеците февруари и март 2021 година, но потоа, во април, мај и јуни, продолжиле проблемите предизвикани од прекинот на синџирите на снабдување и компанијата немала доволно работа за своите работници. Ако компанијата нема доволно финансиски резерви да ги покрие овие загуби, таа е осудена на затворање – објаснува Димитров.
Тој споменува дека ако на ова се надоврзе и проблемот со висината на минималната плата, која во Македонија изнесува над 50 отсто од просечната плата во државата, тогаш е јасно зошто трудоинтензивните дејности претрпеле најмногу во оваа криза.
– Точно е дека податоците за БДП во третиот квартал од 2021 година покажуваат одредено заживување на економијата и индексот изнесува 103. Но загрижувачки е што во истиот период тој во неколку важни дејности е негативен. Во рударството изнесува 95,5, во преработувачката индустрија 94,2, а во градежништвото 98,5, а ова се дејностите што вработуваат најмногу работници. Истата состојба е и со бројот на вработените во овие дејности – истакнува Димитров.
Како што вели тој, бројот на работници во рударството во декември 2021 во однос на декември 2020 е помал за 6,2 отсто, во преработувачката индустрија за 3,1 отсто, а во некои гранки, како на пример производството на облека, дури за 12,2 отсто.

– Очигледно е дека во трудоинтензивните дејности, покрај пандемијата, има и некои други негативни тенденции, како што се незаинтересираноста на младите луѓе за овие дејности и недостигот од нови работници. Македонија се наоѓа на една раскрсница од својот развој. Младите луѓе поради ниските плати во трудоинтензивните дејности немаат интерес за вработување, а својата среќа ја гледаат во странство. Од друга страна, услужните дејности или попрофитабилните дејности со поголема дополнителна вредност, како информациите и комуникациите, хемиските производи, фармацијата, металопреработувачката индустрија, компјутерските и оптичките производи, производството на електрична опрема и производството на моторни возила, не се во можност да ги вработат работниците што остануваат без работа од трудоинтензивните дејности – појаснува Димитров.
Според него, потребна е промена на нашата стопанска структура и во овој момент е најважно да се изгради стратегија како што побезболно да се направи оваа промена на нашата стопанска структура.
– Економските законитости ќе си го направат своето, но Владата е овде со нивните механизми да ги ублажи овие процеси, за да нема поголеми потреси во областа на пазарот на трудот – смета Димитров.
Од Стопанската комора на Северозападна Македонија укажуваат дека фактот што бројот на затворени компании во 2021-та е поголем во споредба со 2020-та, уште еднаш ја оправдува нивната реакција како комора кога алармирале дека економијата ќе претрпи големи штети и во периодот на излегување од ковид-кризата.
– Секако дека ние алармиравме, бидејќи, според наши анализи и информации од терен, знаевме дека станува сѐ потешко за компаниите да ги зачуваат позициите во пазарот и дека штетите што ги претрпеа компаниите ќе бидат кумулативни и крајниот резултат ќе биде сериозно негативен за економијата. Освен делумното или целосното затворање на некои сектори, компаниите се соочија и со ослабен или оштетен синџир на снабдување, а тоа влијаеше врз работењето и перформансите на компаниите, и несомнено е фактор што ја довело економијата до овие големи бројки на затворени компании – потенцираат од СКСЗМ.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, неодамна рече дека кризата што ја предизвика ковид-19 ќе има последици најмалку уште десет години, а критичен е моментот кога престанува државната помош.

– Мислам дека би требало јасно и транспарентно да се каже дека наредните десет години не треба да се очекува којзнае каков напредок, зашто кризата сериозно ќе го подигне нивото на јавниот долг, не само кај нас туку и во сите околни земји, кај нашите најголеми трговски партнери – Бугарија, Србија, Грција, Албанија, дека никој нема волшебно стапче да ја реши кризата, да ги врати или да му се простат кредитите. Сето тоа покажува дека не можат да постојат лажни ветувања, средување на ситуацијата во 2024 или 2025 година, туку ќе потрае и ќе остави сериозни траги. Затоа ние предлагаме тој период да се искористи за тотално реструктурирање на стопанството и да видиме што може да влече, да создава додадена вредност – споменува Азески.