Министерството за економија планира во август да прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор и да ја стави во функција комисијата за енергетска криза со цел да се обезбедат финансиски средства за компаниите за претстојната грејна сезона која според сите предвидувања, ќе биде една од најтешките досега.

– Ние планираме како министерство за економија да ја ставиме во функција комисијата и во август да прогласиме кризна состојба во делот на електричната енергија. Во таа кризна состојба предвидени се и рестрикции, но ако нема забрана за увоз на електрична енергија во регионот како што беше случај еднаш со Бугарија, тогаш нема да има рестрикции за граѓаните – истакна министерот за економија Крешник Бектеши.

Вчера е донесена одлука од страна на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за обезбедување 100 милиони евра во делот на ликвидноста за да може ЕСМ во одредени периоди од годината да купува електрична енергија и да купува јаглен и мазут за потребите на сите капацитети.

– Ќе се купува електрична енергија, но и јаглен и мазут. Зборуваме за три блока во РЕК „Битола“ и за ТЕЦ „Осломеј“ и за ТЕЦ „Неготино“. А, треба да ги сочуваме и хидрокапацитетите за да имаме електрична енергија за зимскиот период. И на следниот состанок на Опен Балкан ќе се обидеме да споделуваме податоци за економските потреби на другите земји и покрај одлуките за извоз. Ова ќе важи и за електричната енергија и за другите енергенси ако некоја земја ги има на располагање – додаде Бектеши.