Фокусот треба и понатаму да биде на долгоодложуваните структурни реформи, за да се поттикне економскиот раст и да се отворат нови работни места. Потребна е владина поддршка за ранливите категории граѓани и за стопанството, како и мерки за да се минимизираат фискалните ризици, предупредуваат меѓународните финансиски организации
ПРЕПОРАКИ ОД СВЕТСКАТА БАНКА ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА ЕКОНОМСКАТА И НА ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА
Македонија треба да ја подобри деловната клима и да ги преземе потребните економски реформи во делот на привлекување инвестиции и зголемување на продуктивноста во економијата. Во оваа година нашата земја се соочува со највисоката инфлација досега, а во исто време се намалуваат реалните приходи на граѓаните и на најсиромашните, има ограничен фискален простор, зголемен јавен долг и зголемени трошоци за финансирање. Во Македонија, 18 проценти од граѓаните живеат во сиромаштија и земјава има најниска продуктивност на работната сила во целиот регион. Подобрувањето на оваа, мошне неповолна деловна слика, според анализата на Светската банка, треба да биде фискална поддршка за најранливите домаќинства и фирми, поради високата инфлација и поскапите производи. Една од препораките на меѓународната финансиска организација е кон затегнување на монетарната политика, што треба да постигне рамнотежа меѓу избегнување забавена економска активност и сузбивање на инфлацијата.
Директорот на Светската банка за Македонија и Косово, Масимилијано Паолучи, на презентирањето на есенскиот извештај за земјите од Западен Балкан, посочи дека е потребна владина поддршка за ранливите категории, како и мерки, за да се минимизираат фискалните ризици.
– Фокусот треба и понатаму да биде на долгоодложуваните структурни реформи, за да се поттикне економскиот раст и да се отворат нови работни места – нагласи Паолучи.
Во Македонија, според извештајот, треба да се донесат мерки за зголемување на нивото на пазарната конкуренција, отстранување на бариерите за влез на бизнисите, како и подобрување на задржувањето на реинвестирањето кај странските инвеститори, подобрување на квалитетот на образованието и подобри стандарди за управување.
Извршниот директор на Стопанската комора на северозападна Македонија, Дриљон Исени, засега нема информација од фирмите-членки за отпуштања на работниците, но, како што нагласува, сите работат минимално, со 30-40 отсто од производствените капацитети, за да ја одржат кондицијата и да заштедат струја.
– Бизнисите немаат пари, треба да ги покачат платите за да ги задржат вработените и да плаќаат поскапа електрична енергија, а од друга страна има ослабена потрошувачка. За бизнисите што се на слободниот пазар ова е веќе реална закана. Владата треба да размисли како да ги поддржи во овој дел, како да се најде начин најмалку да плаќаат за струја. Компаниите имаат две солуции, да работат со загуба што не може да трае долго или да се затворат привремено или целосно. Ако се затворат привремено, треба да ги отпуштат своите работници, а гаранција дека тие ќе останат во земјава нема. Очекуваме дека Владата ќе ги земе предвид нашите предупредувања зашто ситуацијата е многу тешка – вели Исени.
Барањето на стопанствениците се однесува на одредување горна граница на цена на струјата до одредена сума што треба да ја покријат бизнисите, а разликата да ја покрива државата, по моделот на земјите од регионот.
По најновата „економска“ дијагноза, која беше претставена од Светската банка, со свои согледувања излезе и Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт. Според него, македонската економија е погодена од четири фактори, инфлацијата, намалената доверба на потрошувачите и компаниите, поскапувањето на кредитите преку заострувањето на монетарната политика од страна на централната банка, како и енергетската криза.
– Во последната половина година инфлацијата се зголемуваше и предизвикуваше секаков хаос во смисла што ги намалуваше реалните примања на луѓето, па поради тоа што реалните примања се намалуваа се намалуваше и побарувачката во економијата, а со тоа и економската активност. Вториот канал преку кој инфлацијата негативно влијае е бизнис-довербата и довербата на потрошувачите, односно луѓето и фирмите помалку сакаат да трошат затоа што неизвесноста е зголемена – објаснува Бранимир Јовановиќ.
За да ја стави ситуацијата под контрола, Јовановиќ смета дека Владата треба да троши, односно да им дава пари и на фирмите и на граѓаните за да може да ја преживеат кризата. Но во реалноста проблемот со македонската влада е што не може да си го дозволи тоа од неколку причини. Македонија се наоѓа во многу тешка ситуација затоа што Владата нема услови да преземе нешто многу на краток рок.
Поддршката на Владата за енергетски ранливите групи е важен чекор во вистинска насока, но мерките треба да бидат насочени и временски ограничени за да се минимизираат фискалните ризици, смета Масимилијано Паолучи, директорот на Светската банка за Македонија и Косово. Од друга страна, од Народната банка на Македонија порачуваат дека „затегнувањето на монетарната политика треба да биде приспособено на условите во економијата и во практиката е позастапено постепеното затегнување“.
– Постепеното затегнување е и попредвидливо за банките, од кои се очекува да ги следат сигналите и постепено да ги приспособуваат депозитните каматни стапки. Народната банка применува постепено зголемување на каматната стапка, со кое изминативе месеци се укажува на ризиците околу инфлацијата и следствено се преземаат мерки, а наедно се води сметка и за економијата – изјави Анета Крстевска, главната економистка на Народната банка на Македонија.
Покрај зголемувањето на основната каматна стапка, Народната банка презеде и други мерки со кои исто така влијае врз банкарскиот систем и економијата, како што се промените во стапките на задолжителната резерва, поточно намалувањето на издвојувањето задолжителна резерва за денарските обврски и зголемувањето на издвојувањето за девизните обврски на банките.
Во сегашните околности околу инфлацијата, особено е важно да се стабилизираат очекувањата, односно да се обезбедат услови за поставување реални цени на производите од страна економските субјекти – цени што се реален одраз на тековните трошоци. Стабилизацијата на инфлациските очекувања на потрошувачите, од друга страна, треба да обезбеди ограничување на дополнителната побарувачка и создавањето резерви, што исто така може да ја подгрее инфлацијата. Проекциите за глобалната инфлација од сите меѓународни институции упатуваат на нејзино забавување во текот на 2023 година. Тоа е поддржано од зајакнатите напори низ европските економии, но и регионот, за трансформација на енергетскиот сектор и премин кон обновливи извори на енергија, како и веќе преземените монетарни мерки низ светот за зауздување на инфлацијата и на инфлациските очекувања.
Според проекциите на Светската банка, земјите од Западен Балкан оваа година би можеле да постигнат раст на БДП до 4 отсто, но им се заканува растот на цените на енергијата, инфлацијата и непредвидливиот тек на војната во Украина. Во анализата се проценува дека оваа година БиХ, Србија, Црна Гора, Косово, Македонија и Албанија ќе забележат просечен раст на бруто-домашниот производ од 3,4 отсто, што е двојно помалку од 2021 година, кога овој раст изнесуваше 7,6 отсто. М.Ј.