Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Трошоците на живот и цените на мало во март се намалени за 0,1 процент во споредба со февруари, објави денеска Државниот завод за статистика.

Намалување на индексот на трошоците на живот има кај лебот и житата за 4,7 проценти, млекото за 4,6 проценти, маслото и маснотиите за 2,4 проценти, сирењето и урдата за 2,2 проценти, свежото и разладеното овошје за 1,2 проценти, рибата и морските плодови за 0,8 проценти и јајцата за 0,2 проценти.

Пораст на трошоците на животот е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 8,8 проценти, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 2,1 процент, кафето, чајот, какаото, виното за 0,8 проценти, жестоките пијалаци за 0,7 проценти, месото, прехранбените производи, неспоменати на друго место, пивото за 0,6 проценти.

Во споредба со март лани трошоците на животот се зголемени за 14,7 проценти, а цените на мало за 10,7 проценти.

Минималните трошоци на едно семејство во март изнесувале 50.070 денари, покажуваат податоците на синдикалната потрошувачка кошничка што ја изработува Сојузот на синдикати на Македонија.

Според пресметките на синдикатот, 19.263 денари биле потребни за храна, а 13.417 денари за подмирување на режиските месечни трошоци. За превоз минимум биле потребни 3.679 денари, а за хигиени потреби 3.186 денари.