Да се подигне свеста кај потрошувачите за важноста од купувањето домашни земјоделски производи и преработки со што ќе се поддржат земјоделците, преработувачите и домашната економија, е целта на новата кампања што ја најавува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
Кампањата ќе биде насловена „Македонско најдобро“ и, како што вели ресорниот министер Цветан Трипуновски, предвидува новина – воспоставување платформа за лесен пристап до информации за производителите и продавачите на земјоделски производи, како и за подобра евиденција на земјоделското производство во земјава.
-Изминатите месеци работевме на еден проект со кој сакаме да поттикнеме купување домашни македонски земјоделски производи и преработки. Кампањата би се викала „Македонско најдобро“, а во текот на наредните десетина дена ќе има и официјална презентација. Ќе ги промовираме целите и сите аспекти кои планираме да се спроведат и да се постигнат- нагласува Трипуновски.
Според него, суштината е да се поттикне купувањето македонски земјоделски производи.
-Она што е суштината, сржта на оваа кампања, е да ја подигнеме свеста кај македонскиот потрошувач дека со купувањето на македонските земјоделски производи и преработки всушност му помагаме, пред се, на оној што го произведува тој производ. Тоа е почитуваниот земјоделец кој упорно работи на полињата за да произведе и да имаме доволно храна. Со купувањето на кој било земјоделски производ, ја помагаме и домашната економија, ги помагаме сите преработувачи кои учествуваат во секторот- истакнува министерот.
Во предвидената платформа, објаснува, ќе бидат регистрирани сите земјоделски производители по тип на производство. Регистрирани ќе бидат и сите маркети и преработувачи на земјоделски производи.
-Новина е воведувањето платформа што ќе овозможи поврзување на производители, преработувачи и потрошувачи, со цел полесен пристап до домашни земјоделски производи и подобра евиденција на производството. Секој граѓанин со еден клик ќе може да си избере тип на производ што сака да го купи, да види каде се продава. Ќе имаме база на податоци што ќе значи целокупна евиденција на целокупното земјоделско производство во државата- потенцира Трипуновски.
Тој подвлекува дека со секое купување на кој било земјоделски производ, директно ги помагаме домашната економија, селата и земјоделците.