Фото: МИА

Земјоделско-прехранбената, металната и електро индустријата, фармацијата, производството на медицинска опрема, градежништвото и туризмот, се секторите со најголем потенцијал за унапредување на економската соработка меѓу Македонија и Романија, беше речено на денешниот бизнис форум што се одржа во Стопанската комора.

За првите три месеци од 2022 година, трговската размена меѓу двете земји достигна 108,6 милиони американски долари што, и покрај здравстевно-економската криза, покажува раст од 8,7 отсто во однос на истиот период лани. Притоа, остварен е извоз во вредност од 31,1 милион долари што е пад за 0,37 проценти, додека увозното салдо изнесува 77,7 милиони долари што е раст од 12,84 отсто.

-За двете економии е од посебно значење да го дисперзираат ризикот и да работат на зголемување на меѓусебната размената, но и на размената со други земји, имајќи предвид дека главен трговски партнер во моментот на двете економии е Германија – порача потпретседателката на Стопанската комора, Анета Трајковска.

Таа напомена дека Романија е наш значаен трговски партнер, 12-ти согласно податоците за остварената вкупна размена.

– Романија е меѓу првите најзначајни трговски партнери на нашата држава. Може да се констатира дека не се забележуваат посебни девијации во трговската размена од 2010 до 2013 година, а веќе од 2014 до 2018 година се забележува зголемување на вкупната трговска размена, како и на извозот и на увозот меѓу двете земји. Највисокиот износ на трговска размена е остварен во 2018 година, а во 2021 година е забележан највисок дефицит на наша страна во разментата од 182,3 милиони долари како резултат на раст на размената од 23,5 отсто во однос на 2020 година, раст на увозот за 39,8 проценти и намалување на извозот за 4,8 отсто – подвлече Трајковска.

Таа потсети дека последниот заеднички форум беше одржан минатата година на 30 јуни, но оттогаш до денес, подвлече, се настанати значајни промени во условите на стопанисување – раст на цените на енергенсите, раст на цените на суровините и двоцифрен раст на инфлацијата. Сепак, како што нагласи Трајковска, забележано е зголемување на трговската размена на двете земји споредбено со 2020 година.

Осврнувајќи се на потрошувачката на електрична енергија, потпретседателката на Стопанската комора посочи дека кај двете држави карактеристично е постојано зголемување на увозот во последните 10 години.

Романската амбасадорка Адела Моника Аксинте апелира компаниите да ги искористат меѓусебните директни средби за подобро запознавање на деловните моќности од двете страни.

-Северна Македонија е членка на НАТО, а очекува да ги почне и преговорите за членство во ЕУ. Сигурноста на инвестициите во земјава е зголемена, а бизнис опкружувањето е транспарентно и стабилно. Ги охрабрувам фирмите да ја искористат оваа можност за зајакнување на соработката која има потенцијал за унапреудвање на секое нив – рече Аксинте.

Таа од форумот ја испрати и пораката дека проширувањето на Унијата во овој период е исклучително важно, посебно ако се земе предвид руско-украинскиот конфликт.

Пред стопанствениците од двете земји беше промовиран романскиот регион Јаши и беа претставени неговите бизнис потенцијали.