Фото: Пиксабеј

Криптовалутите се изборија со падот поттикнат од новото зголемување на каматните стапки од страна на Банката на федерални резерви (ФЕД) на САД, но претпазливоста останува по предупредувањата за економски потешкотии поради политиката за штедливост, објавува „Блумберг“. Станува збор за зголемување на референтната каматна стапка на ФЕД (трето по ред) за 0,75 процентни поени во обидот да се заузди инфлацијата, што ја доведе на 3-3,25 отсто, резултирајќи со зголемување на цените.

Вредноста на најпопуларната светска криптовалута биткоин од 9.50 часот утринава се искачи за 1,2 отсто, откако претходно падна до четири отсто, доближувајќи се до нивоата последен пат забелени во 2020 година. Втората најголема дигитална валута Етер продолжи да паѓа, со загуба од два отсто од вредноста. Вредноста на биткоин изнесуваше околу 19.158 долари, а на етер 1.288 долари.

Пазарите се потресени поради решителноста на ФЕД да се бори со инфлацијата преку заострување на финансиските услови. Таквата состојба не нуди олеснување за криптопазарите што сѐ уште закепнуваат од загубата од два трилиона долари во однос на рекордната 2021 година.

– Ако ФЕД продолжи да заострува, криптосистемот ќе доживее уште многу загуби. На крајот ќе се појават малкумина многу богати шампиони, но во меѓувреме ќе има „крв на улиците“ – сликовито ја опиша состојбата Брајан Пелегрини, основач на „Интертемпорал Економикс“.

Ниту Џејми Димон од „Џеј Пи Морган Чејс“ не им помогна на криптопазарите преку нагласување на неговиот скептицизам кога ги нарече дигиталните валути „децентрализирани пирамидални шеми“.