Земјоделски производи во износ од 16,8 милијарди денари, или околу 273 милиони евра, биле откупени во текот на минатата година. Но изненадува што тоа е дури за 28,7 проценти помалку од преклани, кога откупот тежел 23,5 милијарди денари, односно околу 383 милиони евра. Тоа произлезе од анализата што ја направи „Пари“ врз основа на податоците од Државниот завод за статистика.
Податоците покажуваат дека нема квартал во кој ланскиот откуп бил подобар од прекланскиот. Особено голем откуп имало земјоделското производство во четвртиот квартал од 2022 година.
ШТО НИ СЕ СЛУЧИ ЛАНИ?
„Пари“ разговараше со земјоделците, а тие велат дека сѐ помалку се обработува земја, многумина ја оставија и заминаа во странство и очекувано е тоа да се огледа во падот на откупот на земјоделските производи. Но тие зборуваат и за нерегистриран откуп, каде што трговци со пари на рака земаат земјоделски производи. Исто така тие објаснуваат и дека временските услови минатата година значајно го намалија родот на грозјето, кое има голем удел во земјоделскиот откуп.
– Дури и за садење на ајварката, која е наш бренд и за која имаме договорен откуп, се намалува интересот на земјоделците. И тие што сакаат да работат, немаат од каде да ангажираат работна рака за помош, а сами, па и целото семејство да се вклучи, не може да направат многу. Сепак, може да се каже дека градинарските производи сѐ уште се држат некако. Но индустриските култури, генерално, сѐ помалку ги имаме. Имаме огромна зависност од сточна храна – велат земјоделци.
КАКО СЕ ОТКУПУВАЛЕ ЖИТОТО, ОВОШЈЕТО, ДОБИТОКОТ….
„Пари“ направи анализа на шест стратегиски производи и колку пари за нив се добиле од откупот во 2022 година, а колку во 2023 година. Го следевме откупот на жито, градинарски култури, овошје, грозје, добиток и млеко.
Податоците покажуваат дека голем пад на вредноста на откупот има кај житото, дури 58,3 отсто. Имено, во 2023 година откупот на житото тежел 15,2 милиони евра, а во 2023 година 36,5 милиони. Помалку пари се добиле и од градинарските култури, иако имаше инфлација. Па, од нив лани се собрани 32,4 милиони евра, а преклани 33,3 милиони.
Најголем пад меѓу овие шест стратегиски производи бележи грозјето. Лани имаше мал но квалитетен род, а на производителите им донесе 13,5 милиони евра, што е 67,8 отсто помалку отколку во 2022 година, кога добиле 42 милиони евра. И млекото било во минус. Намалувањето на вредноста на откупот е 11,9 отсто, со што во 2023 година биле инкасирани 49,4 милиони евра.
Во плус биле ставките за добиток и за овошје. Ланскиот откуп на добиток бил 24,7 милиони евра, што е за 9,8 отсто повеќе отколку во 2022 година, кога изнесувал 22,5 милиони евра. Од овошје лани се реализирале 6,3 милиони евра, или 12,5 отсто повеќе отколку во 2022 година, кога откупот чинел 5,6 милиони евра.
(Преземено од pari.com.mk)