Паралелно со изградбата на гасната интерконекција Србија-Бугарија, српските власти започнаа со изработка на просторно-техничка документација за изградба на гасната интерконекција меѓу Србија и Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.
Министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ посетувајќи ги работите на гасната интерконекција Србија-Бугарија, истакна дека изградбата на гасната интерконекција е од стратешко значење за српскиот енергетски сектор.
– Изградбата на гасната интерконекција Србија-Бугарија има регионално значење и затоа имаме силна финансиска поддршка од ЕУ за овој проект. Паралелно со реализацијата на овој проект, започнавме со изработка на просторно-техничка документација за уште еден важен проект за диверзификација на гасот на Србија, а тоа е изградба на гасна интерконекција меѓу Србија и Северна Македонија – рече Ѓедовиќ
Овој проект постојано се наведува како значаен за диверзификација на снабдувањето со гас за Србија, а уште во ноември 2021 година министерот за економија Крешник Бектеши и тогашната српска министерка за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ се договорија за формирање работна група за изградба на гасна интерконекција меѓу двете земји, која ќе биде раководена од претставници на соодветните министерства.
Директорот на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ повеќепати ја потенцираше важноста од изградбата на интерконектор Србија – Македонија.
– Мораме да го изградиме и интерконекторот кон Северна Македонија, тоа е европско барање. Нашата идеја е да го гасифицираме и Лесковац. Во Врање треба да се изградат две огромни фабрики – рече Бајатовиќ.
Со изградба на гасна интерконекција со Македонија, Србија ќе може да се поврзе со Јужниот гасен коридор.
При посетата на премиерот Ковачевски на Белград на 31 март беше потпишан Меморандум за соработка во областа на рударството и енергетиката, со кој се поттикнуваат и поддржуваат заедничките инвестиции од двете земји, особено за градење на капацитети за користење на обновливи енергетски извори, производство на енергија и меѓусебно поврзување на системите за гас и електрична енергија на Македонија и Србија.
Во рамките на Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан усвоен од Европската комисија со цел да се поттикне долгорочното економско закрепнување на регионот и усогласување на регионалните економии со економијата на ЕУ, вреден 9 милијарди евра, беа наведени 10 водечки инвестиции во клучните области за економски развој.
Неколку иницијативи се однесуваат конкретно на Србија и Македонија, а во Иницијативата 5 – Транзиција од јаглен, вклучени се изградба на гасната интерконекција Македонија – Србија и почеток на изградба на интерконекција Македонија – Косово, како и завршување на Трансбалканскиот коридор за пренос на електрична енергија во Србија во рамките на интерконекција меѓу Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.