Фото: „Нова Македонија“

Јавниот долг во фокусот (2): Можност заемите да се искористат за приоритетни и капитални проекти

  • Темата задолжување е една од значајните, особено од аспект на раст на економиите. Додека некои земји тежнеат да држат ниско ниво на задолженост, има такви што со заемите успеаја да создадат подобри услови за развој на економијата, а со тоа и за живот за граѓаните. Голем број економисти укажуваа дека Македонија, како мала земја, со мала економија, треба да тежнее да го држи својот долг под 60 отсто, но уште позначајно, според најголемиот дел, е заемите да се користат за продуктивни цели
  • Задолжувањето не треба да се третира како бауч, туку на него треба да се гледа како на можност. Ако парите се користат за изградба на патишта, железница, ако се инвестира во енергетската инфраструктура за постабилно и подобро снабдување со струја, ако се овозможуваат подобри услови за развој на економијата, тогаш тие позајмени средства ќе ја поттикнат економијата и со тоа сами ќе се исплатат, велат за „Нова Македонија“ консултираните економски експерти, универзитетски професори и економски аналитичари
  • Министерството за финансии го објави и нивото на државниот долг во првиот квартал од 2025 година, кој изнесува 50,1 отсто од БДП и бележи намалување од 3,7 п.п. во однос на нивото на државниот долг објавен на 31 декември 2024 година. Во првиот квартал е исплатена еврообврзница во износ од 500 милиони евра. Дополнително, во овој квартал е извршена вкупна исплата на обврски по основ на главнина за надворешен јавен долг во износ од 679,4 милиони евра, вклучувајќи ја и еврообврзницата. Вообичаено, Министерството за финансии објавува податоци за јавниот долг на секои три месеци, а последните укажуваат на стабилизирање на задолженоста

Јавниот долг на земјите е честа тема во медиумите, но особено големо внимание привлекува кога некои земји не можат да се справат со направените долгови. Еден таков пример беше нашиот јужен сосед, Грција, на која другите земји членки ѝ помогнаа да го намали долгот. По неколку години заеми и помош, денес Грција и понатаму е меѓу најзадолжените земји во Европската Унија, па и во светот, иако долгот со помош на Брисел го стави во поподносливи рамки.
Но темата задолжување е една од значајните, особено од аспект на раст на економиите. Додека некои земји тежнеат да држат ниско ниво на задолженост, има такви што со заемите успеаја да создадат подобри услови за развој на економијата, а со тоа и за живот за граѓаните. Голем број економисти укажуваат дека Македонија, како мала земја, со мала економија, начелно треба да тежнее да го држи својот долг под 60 отсто, но уште позначајно, според најголемиот дел, е заемите да се користат за продуктивни цели.
Според последните податоци што се однесуваат на првиот квартал од годинава, македонскиот јавен долг бележи намалување од 4,7 п.п. во споредба со нивото од крајот на 2024 година и изнесува 57,7 проценти од БДП. Надлежните објавија дека имаме намалување за 36 милиони евра во апсолутен износ. Намален е и државниот долг, соопшти Министерството за финансии.
Намалувањето на нашиот јавен долг е резултат на мерките за фискална консолидација

Во согласност со објавените податоци, јавниот долг во апсолутен износ во првиот квартал изнесувал 9,584 милијарди евра, додека, пак, државниот долг изнесувал 8,328 милијарди евра.
– Ваквите податоци се директна потврда за политиките што ги спроведуваме и траекторијата по која се движиме. Јавниот долг од 62,4 отсто од БДП на крајот на 2024 година се спушти на 57,7 проценти, што е резултат на мерките што ги преземаме за фискална консолидација, мерките за намалување на непродуктивните трошења, како и напорите за подигнување на економската активност – објаснуваше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Според неа, остварлива е целта на понизок буџетски дефицит од 3 отсто и јавен долг под 60 проценти од БДП, но тоа, како што вели таа, бара голема посветеност и напор на секое ниво на страната на собирање на приходите, како и на расходната страна.
– Она што е многу важно што го работи оваа влада е посветеноста на реализација на инвестициите што ќе донесат повисоки стапки на економски раст, а тоа на долг рок ќе донесе намалување на нивото на долгот – вели Димитриеска-Кочоска.
Министерството за финансии го објави и нивото на државниот долг во првиот квартал од 2025 година, кој изнесува 50,1 отсто од БДП и бележи намалување од 3,7 п.п. во однос на нивото на државниот долг објавен на 31 декември 2024 година.
Во првиот квартал е исплатена еврообврзница во износ од 500 милиони евра. Дополнително, во овој квартал е извршена вкупна исплата на обврски по основ на главнина за надворешен јавен долг во износ од 679,4 милиони евра, вклучувајќи ја и еврообврзницата. Вообичаено, Министерството за финансии објавува податоци за јавниот долг на секои три месеци, а последните укажуваат на стабилизирање на задолженоста.

Кои се целите на задолжувањето

Експертите, пак, посочуваат дека освен висината на долгот, многу е важно со каква цел се трошат новите заеми и дека задолжувањето е оправдано ако средствата се користат за инвестиции што потоа ќе се рефлектираат во подобрување на условите за развој на економијата.
– Висината на јавниот долг е еден аспект од темата раст на економијата. Задолжувањето не треба да се третира како бауч, туку на него треба да се гледа како на можност. Ако парите се користат за изградба на патишта, железница, ако се инвестира во енергетската инфраструктура за постабилно и подобро снабдување со струја, ако се овозможуваат подобри услови за развој на економијата, тогаш тие позајмени средства ќе ја поттикнат економијата и со тоа сами ќе се исплатат. Но прашањето е каде одат позајмените пари и кој води евиденција дали средствата се користат навистина за намената за која се земени – вели еден поранешен министер за финансии.
Според него, не е значајно само да се води евиденција на кредитите, колку да се знае до каде сме со задолжувањето, туку точно да се знае кои заеми како ќе се враќаат. Дополнително, тој укажува дека со години се земаат кредити за изградба или обнова на железницата, од кои за голем дел не се знае како завршиле. Тој потенцира дека е битно од сите да има истрајност во намерата да се подобрат условите за работа и живот во Македонија ако сакаме подобрување на состојбите и влез во Европската Унија.
Некои од економските експерти со кои контактиравме посочија дека дебатата за намалување на долгот е погрешна. Наместо тоа, фокусот треба да го ставиме на продуктивно искористување на позајмените средства, односно да позајмуваме само за цели што ќе го подигнат продуктивниот капацитет на економијата и таа ќе може во иднина со поголема леснотија да ги отплаќа долговите. Потребно е да се види какви видови инвестиции ни се потребни, колку чинат, нивната приоритизација и слично – што е поврзано со реобмислување на стратегијата за јавни инвестиции.
Исто така, истакнат професор за „Нова Македонија“ потенцираше дека проблемот не е само во висината на долгот туку во тоа за што се искористени парите од задолжувањата, бидејќи со непродуктивни трошења, Македонија од поодамна е во опасна зона на задолженост, поради што ќе мора да се фокусираме на приоритетни и капитални проекти. Е.Р.