Иако американскиот долар според оцените на многумина финансиски експерти сѐ уште ја задржува својата долгогодишна доминација, истовремено респектабилни американски финансиски институции предупредуваат на „знаци на дедоларизација што се откриваат во глобалната економија“. Оваа констатација деновиве во јавноста ја лиферуваа стратезите на најголемата американска банка Џеј-пи морган.
Џеј-пи морган: Кој ја оспорува хегемонијата на доларот
Влијанието на големиот пораст на каматните стапки на САД и употребата на санкции што ја замрзнаа Русија надвор од глобалниот банкарски систем ги тера таканаречените земји од БРИК – Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка – да ја оспорат хегемонијата на доларот, изјавија видни финансиски аналитичари на најголемата американска банка Џеј-пи морган.
Стратезите на Џеј-пи морган, Мера Чандан и Октавија Попеску, изјавија дека иако вкупната употреба на доларот останува во рамките на неговиот историски опсег, тие со еден вид метафора опишаа дека употребата на доларот е повеќе „подвоена под капакот“. Што значи тоа?
Имено, уделот на доларот во обемот на тргуваните валути е само на „срамежливо високо ниво од 88 отсто“, додека уделот на еврото се намали за 8 процентни поени во последната деценија на рекордно ниско ниво од 31 отсто. Уделот на кинескиот јуан, пак, се искачи на рекордно високо ниво од 7 отсто.
Дедоларизацијата е евидентна во девизните резерви каде што уделот на доларот се намали, бидејќи уделот во извозот се намали, велат споменатите аналитичари на американската банка.
Оцената на Џеј-пи морган е досега највисокото ниво на која било голема американска банка во врска со ова прашање, иако за издвојување е дека и други американски респектабилни финансиско-економски институции како што е „Голдман сакс асет менаџмент“, исто така изразија ставови за овој тренд, слични на овој.
И во глобалните девизни резерви уделот на доларот се спушти на рекордно ниско ниво
Во забелешката на Џеј-пи морган од почетокот на седмицава, проценета за глобалниот извоз, уделот на САД сега се спушти на рекордно ниско ниво од 9 отсто, додека Кина беше на рекордно високо ниво од 13 отсто.
И во глобалните девизни резерви на централната банка, уделот на доларот се спушти на рекордно ниско ниво од 58 отсто, иако тоа ниво сè уште е водечко на глобално ниво. Сепак, тој удел е помал кога се води сметка за златото, кое сега сочинува 15 отсто од резервите во споредба со 11 отсто пред пет години.
Во меѓувреме, напредокот во интернационализацијата на јуанот е ограничен, додаде Џеј-пи морган и веројатно нема да промени многу со оглед на контролата на капиталот во земјата. Имено, според аналитичарите на Џеј-пи морган, засега кинескиот јуан претставува 2,3 отсто од СВИФТ-плаќањата, наспроти 43 отсто за доларот и 32 отсто за еврото. Р.Н.М.