Фото: Архива

Земјоделците од 22 земји-членки на Европската Унија што се погодени од климатските промени, ќе добијат дополнителни средства за заштита и одржување на сопственото производство, но и за покривање на високите трошоци и за надминување на проблемите од нарушувањето на пазарот на храна. Средствата ќе бидат исплатени од новиот финансиски пакет од 330 милиони евра, кој беше одобрен од Европската комисија во јуни 2023 година. Средствата ќе бидат обезбедени од буџетот на заедничката земјоделска политика (ЗЗП), а ќе можат да ги користат земјоделците од: Белгија, Чешка, Данска, Германија, Естонија, Ирска, Грција, Шпанија, Франција, Хрватска, Италија, Кипар, Летонија, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Австрија, Португалија, Словенија, Финска и Шведска.

Земјите може да ја дополнат оваа поддршка од ЕУ до 200 отсто со средства од национални фондови. Националните власти ќе им ја дистрибуираат помошта директно на земјоделците за да им ги компензираат економските загуби поради нарушувањата на пазарот, последиците од високите цени и брзото паѓање на цените на земјоделските производи и за штетите предизвикани од неодамнешните климатски непогоди, особено изразени на Пиринејскиот Полуостров и во Италија. Пиринејскиот Полуостров настрада од суша, додека одредени италијански региони беа погодени од исклучително тешки поплави. Со помошта може да се финансира и дестилација на вино за да се избегне понатамошно влошување на пазарот во овој сектор.

Покрај тоа, земјите-членки го одобрија пакетот за поддршка од 100 милиони евра за земјоделците во Бугарија (9,77 милиони евра), Унгарија (15,93 милиони евра), Полска (39,33 милиони евра), Романија (29,73 милиони евра) и Словачка (5,24 милиони евра). Земјоделците од овие пет земји-членки веќе со соочиле со проблеми поврзани со недостатокот на одредени земјоделско-прехранбени производи од Украина и логистички проблеми. Неколку други мерки, вклучувајќи ја и можноста за повисоки авансни плаќања, треба да ги поддржат земјоделците погодени од неповолните климатски настани. Плаќањата за двата пакета за поддршка треба да се извршат до 31 декември 2023 година.

Комисијата предлага да се дозволат повисоки авансни плаќања на средствата од ЗЗП. До 70 отсто од нивните директни плаќања и 85 отсто од плаќањата за рурален развој поврзани со површините и животните би можеле да им бидат достапни на фармерите од средината на октомври за да ја подобрат состојбата со готовинскиот тек.
Земјоделскиот сектор е под голем притисок од пандемијата на ковид-19 и порастот на цените на енергијата и земјоделските суровини, како на пример вештачките ѓубрива, по почетокот на војната во Украина. Европската комисија веќе усвои пакет за поддршка од 500 милиони евра во март 2022 година и наведе широк спектар на активности за да се обезбеди и достапност на ѓубрива во ноември 2022 година. Брзото намалување на цените на земјоделските производи во текот на минатата година наспроти сè уште високите трошоци предизвикува проблеми со ликвидноста на земјоделците, особено во секторите на житарки и маслодајни производи, млечни производи и сточарство, вино или овошје и зеленчук. Како резултат на инфлацијата, побарувачката на потрошувачите се намали за одредени производи, како вино, овошје и зеленчук или органски производи, создавајќи дополнителни тешкотии за производителите. Е.Р.