Очекувањата на сите засегнати страни се дека со прогласување кризна состојба во енергетскиот сектор, Владата ќе донесе повеќе уредби со кои ќе им се помогне и на домаќинствата, но и на компаниите да го издржат налетот на високите цени на енергентите во овој период
ВО ИСЧЕКУВАЊЕ НА ВЛАДИНИТЕ ОДЛУКИ
Сите стопански комори во земјава побараа од Владата да се преземат итни мерки за да се ублажат последиците од енергетската криза, која се заканува сериозно да се одрази врз работењето на компаниите.
Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), имајќи ја предвид настанатата ситуација и во исчекување на чекорите што ќе ги преземе државата со прогласувањето кризна состојба во енергетиката, предложи низа мерки за ублажување на кризата со електричната енергија.
Според СКСЗМ, Владата дефинитивно и веднаш, со целосен капацитет, треба да се нафати со работа и да им помогне на фирмите преку укинување на ДДВ за струја, замрзнување на цената на електричната енергија по примерот на соседните земји, да ги забрза постапките за инсталација на фотоволтаици и конечно да се пренамени голем дел, ако не целосниот износ на средства од капиталните расходи за истите тие да се инвестираат во обновливи извори на енергија.
Овој предлог на Комората е за максимално да се искористи целиот државен капацитет за производство на електрична енергија во услови на кризна состојба.
Од СКСЗМ наведуваат дека предлозите ги доставиле до надлежните институции и биле соодветно и детално објаснети за нивна имплементација во најкраток рок.
– Владата итно треба да преземе мерки по однос на енергетската криза, бидејќи овој проблем ги доведува во прашање самото постоење и опстанокот на бизнисите на пазарот – наведуваат од СКСЗМ.
Реагираат и од Организацијата на работодавци на Македонија, од каде што додаваат дека ако државата не донесе итни мерки и решенија, голем дел компании со вакви сметки за струја едноставно нема да можат да ја преживеат претстојната зима.
– Ако Владата не интервенира уште денес, стопанството ќе биде принудено со стартот на зимата да стави катанец на своите врати и да очекува посветла иднина за оваа економија – вели Владанка Трајковска од Организацијата на работодавци на Македонија.
Вчера, во рамките на континуираниот процес на дијалог и дискусија помеѓу Владата и другите органи на државна управа со претставниците на бизнис-секторот, во Владата се одржа редовна седница на Комисијата за јавно-приватен дијалог, со која копретседаваше заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.
Тој информира дека е направен план за производство на електрична енергија од АД ЕСМ и дека не се очекуваат рестрикции претстојната зима.
– Планот за производство на АД ЕСМ за 2022 година е направен со зголемување од 25 отсто во споредба со 2021 година и со тоа ЕСМ ќе ја произведува целата електрична енергија што им е потребна на граѓаните и на малите потрошувачи и нема потреба да купува струја. Дополнително, сите производствени капацитети од домашното производство ќе се стават во функција и поради тоа ги уверувам граѓаните дека не треба да се грижат, електрична енергија, како и топлинска енергија, ќе има доволно во текот на целата зима – изјави Битиќи.
Дополнително, вицепремиерот Битиќи се осврна и на новиот правилник за поставување соларни панели, со олеснета процедура и зголемен опсег на производство од четири на шест киловати за приватни произведувачи или од 40 на 60 киловати за индустриските објекти.
Очекувањата на сите засегнати страни се дека со прогласување кризна состојба во енергетскиот сектор, Владата ќе донесе повеќе уредби со кои ќе им се помогне и на домаќинствата, но и на компаниите да го издржат налетот на високите цени на енергентите во овој период. Имено, цената на струјата на берзите изминатите денови надмина 600 евра за мегават-час, а во Франција во еден момент таа се искачи и над 1.000 евра за мегават-час.
Последните случувања на украинското боиште и најавите што доаѓаат од руски официјални претставници не оставаат простор за оптимизам, со оглед дека и цените на гасот ќе одат вртоглаво нагоре.
Останува надежта дека владините кризни мерки ќе бидат насочени така што ќе го амортизираат ударот врз граѓаните и стопанството, а најголем дел од мерките што треба да се донесат веќе кажаа експертите и бизнисмените. На потег е Владата. Е.Р.