Македонија во најголем дел е зависна од увоз на основните продукти, како пченица, пченка, сончоглед, јачмен, брашно, масло за јадење итн. Со најновите забрани за извоз на овие производи од земјите од соседството, но и пошироко постои голем ризик да се соочиме со недостиг од основните прехранбени продукти. По иницијатива од Министерството за земјоделство е одржана и онлајн средба со министрите и со претставници од министерствата за земјоделство на Србија, Албанија, Црна Гора, Република Српска и на Косово, на која било разговарано за случувањата во Украина и влијанијата врз земјоделскиот сектор, состојбата со одржувањето на пазарите и снабдувањето со храна. Со нови превентивни мерки излезе и Владата
ЗАБРАНАТА ЗА ИЗВОЗ НА НИЗА СТРАТЕГИСКИ ПРОДУКТИ КАКО ПОВОД
Дали најавата за забрана на извоз на стратегиски производи од соседна Србија ќе се одрази и врз нас е голема дилема што ги загрижува граѓаните. Иако официјалните лица посочуваат дека договорениот извоз за Македонија и другите соседи на Србија ќе се одвива во согласност со плановите, сепак, најавата за забрана за извоз на брашно, пченица, пченка и масло од денеска предизвикува загриженост, но и одредени информации дека веќе е стопиран извозот на одредени производи, како маслото.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави оти извозот на пченица и брашно драстично се зголемил, поради што се воведува забрана за извоз, со нагласок дека Србија ќе има доволно за себе и за регионот.
Паралелно со ова, вчера беше објавена вест дека и Украина забранува извоз на ’рж, јачмен, хелда, просо, шеќер, сол и месо до крајот на годината.
Ваквите најави, но и воените судири во Украина, кои не се знае кога ќе завршат, според професори од земјоделскиот сектор, се причина за загриженост. Професорот од Земјоделскиот факултет во Штип, Илија Каров, вели дека постои ризик да се соочиме со недостиг од одредени производи и посочува дека и оние што ќе бидат обезбедени може да бидат по повисоки цени.
– Доколку дојде до влошување на состојбите, со оглед на војната во Украина, може да се соочиме и со недостиг од некои производи или, пак, тие да бидат со високи цени. Не може со декрет да се формираат цените, бидејќи сега зависиме од увоз, ако имаме пари да увеземе ќе имаме. Затоа секогаш потенцирам дека земјоделството мора да обезбедува доволно храна за домашните потреби. Ние имаме доволно предуслови, потребен е слух за земјоделството, долгорочен план што ќе ги насочи производителите и со кој ќе се обезбеди стабилно домашно производство. Ние сега немаме ниту сончоглед, ниту јачмен, се увезуваат како суровина за да се преработат – вели професорот Каров и додава дека заложбата на владините тела во овој период е навистина соодветна, но потенцира дека токму ваквите ситуации се показател дека домашното производство е многу значајно за исхрана на населението и затоа ни се потребни долгорочни планови.
Професорот Драги Димитриевски, од Факултетот за земјоделски науки и храна, посочува дека не очекува да се појават недостатоци од основните продукти во земјава, но очекувано е цените да растат.
– Лично не очекувам дека ќе има недостиг од некои производи, но цените и сега се зголемени, а и во иднина ќе растат. Пазарот, или трговците што досега обезбедувале вакви производи ќе најдат начин пак да увезат, да се снабдат. Можно е да се намали понудата на одредени производи, но дека ќе снема целосно не верувам. За жал, ние немаме производство на основна суровина за масло за јадење, не одгледуваме сончоглед, тоа сѐ се увезува. Иако функцијата на земјоделството е да обезбеди храна за домашните потреби, сепак истиот тој не се користи максимално. Мерките треба да се насочени кон поттикнување на производството, а притоа не мислам само на субвенциите. Се надевам дека овие случувања ќе бидат знак да се посвети поголемо внимание на домашното производство, да се спроведуваат одредбите од стратегијата што ја имаме, сигурно ќе имаме поголемо производство и подобри резултати – посочува Димитриевски.
Од Министерството за земјоделство уверуваат дека не се очекува прекин на снабдувањето на основни продукти од Србија и укажуваат дека по иницијатива од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, била одржан онлајн средба со министрите и со претставници од министерствата за земјоделство на Србија, Албанија, Црна Гора, Република Српска и на Косово, на која било разговарано за случувањата во Украина и влијанијата врз земјоделскиот сектор на земјите од регионот, состојбата со одржувањето на пазарите и снабдувањето со храна.
– Заеднички заклучок е дека граѓаните на Северна Македонија, како и граѓаните од регионот не треба да бидат загрижени. Потенциравме дека регионалната соработка треба да продолжи и владите да се воздржат од воведувања унилатерални мерки од каков било вид. Министрите од регионот ја поздравија иницијативата и се согласија дека соработката меѓу земјите од регионот треба да биде ефикасна и функционална, а граѓаните од сите држави од Западен Балкан да бидат сталожени бидејќи заедно работиме да го одржиме стабилно снабдувањето со храна – изјави министерот Николовски.
Тој исто така посочува дека Македонија е снабдена со доволни количества храна. Николовски повика да се одржуваат отворени каналите за комуникација меѓу нашите земји и регионалните министерства за потребите од примарни земјоделски и преработени прехранбени производи и влезни резерви за земјоделско производство, а наедно на регионално ниво да се споделуваат информации за можните извори за увоз и преземање соодветни активности за задоволување на тие потреби билатерално или мултилатерално.
Претходниве денови, министерот за економија Крешник Бектеши потенцираше дека земјата има задоволително ниво на резерви на прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви и нема место за паника кај граѓаните. Тој посочи дека овој период нема потреба да се стават во функција стоковните резерви со оглед на тоа што производителите на овие основни производи имаат резерви за период над 35 дена. Неодамна смирувачки тонови од страна на надлежните имаше и во однос на горивата, но само неколку дена потоа цените драстично се зголемија, а беше евидентиран и недостиг од горива на бензинските пумпи, што создаде нервоза и стрес кај граѓани. Може ли во иднина слично нешто да се случи и пред маркетите за храна?!
Новите мерки за помош на граѓаните и стопанството ќе почнат да се применуваат по изгласување на законот во Собранието, за што премиерот Ковачевски апелира пратениците побрзо да ги изгласаат измените
Владата со нов пакет од 26 мерки
Намалување или целосно укинување на ДДВ-то за одредени производи најави премиерот Димитар Ковачевски меѓу сетот мерки за поддршка на стопанството и граѓаните по драстичниот раст на цените на производите во малопродажба, но и растот на цените на енергентите поради војната во Украина.
Беше посочено дека ДДВ-то за основните прехранбени продукти се намалува од 5 отсто на 0 и ќе ги опфати основните производи како леб, шеќер, брашно тип 400, сончогледово масло, трајно млеко, месо, ориз и јајца.
– Исто така ги замрзнуваме маржите за основните производи за исхрана. Со оваа мерка спречуваме создавање наднормален профит, а ќе се ублажи ценовниот шок врз одредена категорија прехранбени производи – кажа Ковачевски и дополни дека се планирани ваучери за најранливите категории граѓани за основни производи за исхрана во висина од 1.000 денари месечно за период од три месеци, за околу 35.000 граѓани. Тој исто така посочи дека ќе се укинат и царинските давачки за увозот на основните прехранбени производи, и тоа за сите земји.
Меѓу новиот сет на 26 мерки, премиерот посочи дека ќе се намалат и цените на нафтените деривати со укинувањето на дел од акцизи за горивата, како и помало ДДВ од 18 на 10 проценти при промет на енергенти … и притоа посочи дека цената на дизелот ќе се намали за 10 денари за литар, а бензините за 11 денари. Исто така во сетот мерки е и поддршката за пензионерите во износ од илјада денари три месеци по ред, но и пролонгирање на примената на повластената даночна стапка од 5 отсто за прометот со електрична енергија кон домаќинствата, продолжување на субвенционирањето на целата на електричната енергија за регулираниот пазар, субвенционирање на цената за топлинска енергија, пролонгирање на воведувањето на еколошката такса за енергентите, програма за промоција на обновливите извори на енергија во домаќинствата за 2022 година и други.