Фото: Маја Јаневска-Илиева

Зголемувањето на средствата што, меѓу другите, се одвојуваат и за општините и интервентното префрлање средства за намалување на долговите на нивните сметки може да го ублажат проблемот, но не и да го решат, велат економистите, потенцирајќи дека сѐ додека постојат основните причини за недомаќинско работење ќе има и долгови

СЕ ЗГОЛЕМУВААТ ДОЛГОВИТЕ НА ОПШТИНИТЕ, КАКО И НА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА И УСТАНОВИ И НА ЛОКАЛНО И НА ДРЖАВНО НИВО

Долговите на општините, јавните претпријатија, но и здравствените установи под капата на државата продолжуваат да растат. И покрај акцијата на централната влада за намалување на долгот на општините, со која на сметките на локалните самоуправи беа префрлени дополнителни средства, сепак некои од нив и понатаму имаат високи долгови. Во последните три месеци, општинските долгови се зголемиле за дополнителни 6,1 милиони евра и на крајот на 2021 година вкупниот долг на единиците на локална самоуправа достигнал 68,9 милини евра. Што се однесува до јавните претпријатија и фирми под државна капа, нивниот долг достигнал 179,2 милиони евра, а долговите на општинските јавни претпријатија до 58,4 милиони евра. Податоците покажуваат дека висока задолженост има и кај јавните здравствени установи, кои на крајот од минатата година должеле 67,8 милиони евра по различни основи.
Економските експерти, па и самите владини претставници укажуваат дека за намалување на задолженоста мора да се практикува домаќинско работење. Министерот за финансии Фатмир Бесими во една од своите минатогодишни колумни, посветена на реформата за унапредување на фискалната децентрализација, испрати порака до градоначалници дека самоуправувањето нема да функционира без самодисциплина.
Економисти велат оти главни причини за раст на долговите се недомаќинското работење на општините и недостигот од чувство за општо добро.
– Секогаш е можно домаќинско работење на институциите, кое ќе овозможи одржување високо ниво на услуги за граѓаните и избегнување на непотребното одлевање парични средства. Во поглед на долговите, домаќинското работење ќе овозможи запирање на нивниот раст и нивно намалување. Основните причини зошто нема домаќинско работење се клиентелистичкото владеење (кое официјално се нарекува: демократско) и губењето на чувството за општо добро (не само кај политичарите туку и кај обичниот народ). Поради првата причина има протекување финансиски средства (преку тендери и плати) до „заслужните“ за партијата, а поради втората причина има протекување поради немарност и негрижа и присуство на стремеж кон извлекување максимална лична корист за време на мандатот – вели професорот Здравко Савески.
Тој додава дека со зголемувањето на средствата што се одвојуваат за општините и интервентното префрлање средства за намалување на долговите може да се ублажи проблемот, но не и да се реши. Потенцира дека сѐ додека постојат основните причини за недомаќинско работење ќе имаме долгови.

– Уште еден вообичаен механизам, кој очигледно не го решава проблемот, а тоа е: замената на избори на една владејачка гарнитура со друга. Во услови на окупација на политичкиот простор од клиентелистички партии, тоа може само да го замени спроведувачот на негрижата, а не да го реши проблемот. Во ваков контекст, можеби најосновниот механизам за да тргне работата напред е транспарентноста. Институциите и општините да објавуваат јавно, тековно и лесно достапно на што ги трошат парите на граѓаните (од тоалетна хартија преку телефонски услуги и струја до тендери). Потоа, преку зголемен интерес на граѓаните за ова прашање и преку лоцирање на непотребните издатоци да дојде до затворање на дупките и стабилизирање на буџетите. Исто така, иако е исклучително потценето, токму поради тоа мора особено внимание да се посвети на издигање на свеста за важноста на грижата за општото добро, не само од политичарите туку и од обичните граѓани – потенцира Савески.
Универзитетскиот професор Борче Треновски посочува дека е неопходно општините, кои имаат слаб прилив на финансии, да ги рационализираат трошоците, особено во период на енергетска криза, кога трошоците за енергенти им се значително зголемени.
– Потребни се план и програма за штедење, но и да се утврди која општина може да се справи со трошоците, а на која ќе ѝ биде неопходна помош, бидејќи 40 отсто од руралните општини нема да можат да го покријат трошоците, што е факт, поради малите буџети што ги имаат – вели Треновски и додава дека околу 80 проценти од општините и досега зависеа од централната власт, бидејќи немаат доволно сопствени средства за да опстојат.
Економистите со кои ги консултира „Нова Македонија“, но кои инсистираа на анонимност, посочуваат дека нетранспарентното трошење на парите на локално ниво има голем удел во растот на долговите. Велат дека огромен дел од општините немаат систем и долгорочни пракси, а онаму каде што ќе почне да се работи потранспарентно, состојбата се менува со изборите и промената на градоначалникот, па вообичаено со новиот градоначалник и работата почнува од почеток. Истакнуваат дека транспарентноста на општините и на сите јавни претпријатија треба да биде многу поголема и треба да се анализира од посуштински аспекти, како на пример на каков начин е креиран буџетот, дали сите засегнати страни учествувале во тој процес, дали изборот на проекти е врз база на приоритети и најголема ефикасност и ефективност.
Пред одржувањето на последните локални избори, владејачката гарнитура најави поголем прилив на финансии во општинските каси почнувајќи од оваа година. Како што посочи тогаш министерот Бесими, во законот е предвидено постепено зголемување на приходите од личниот данок на доход од 3 на 6 отсто до 2024 година, при што секоја година ќе се зголемува за еден процент. Овој приход општините го добиваат од приходот од данок на личен доход од плати од физички лица наплатен во општината во која се пријавени со постојано живеалиште и престојувалиште. Бесими посочи дека дополнително во насока на подобрување на фискалниот капацитет и зголемување на приходите на општините, во законот се предлагаат измени за постепено зголемување на стапката на дотацијата од ДДВ од 4,5 на 6 проценти во 2024 година.