Фото: Маја Јаневска-Илиева

За транспортерите/превозниците и за транспортниот сектор, проблемот со патните исправи беше капката што „ја прелеа чашата“ по проблемите со корона-ограничувањата, економската криза, застоите, намалениот пазар… На сето ова се надгради проблемот со личните документи, што севкупно исклучително силно негативно влијаеше на споменатиот стопански сектор, но и на економијата воопшто…

Тромавоста на администрацијата придонесува да се умртви секоја идеја за излез од ќор-сокак

Транспортерите, и покрај тоа што се соочуваат со проблеми што произлегуваат од воените кризи, економските и политичките кризи, временските услови, во моментот се исправени пред нов предизвик – промена на патните исправи и возачките дозволи, кои засега се во насока да резултираат со нереализиран превоз на договорените стоки, всушност, да се запре или да се намали превозот што се извршува главно со камиони.

Дали „брзата лента“ ќе го ублажи проблемот, допрва ќе се види, бидејќи ударот врз транспортерите веќе ги покажува негативните повеќеслојни последици

Како што велат од асоцијацијата „Макам-транс“, 96 отсто од превозот се врши преку патниот превоз и во вакви ситуации, во минатото се случувало да останат празни рафтовите.
Околу двесте професионални возачи на транспортни возила се соочуваат со проблем со добивање нов пасош со новото уставно име на државата, поради што по иницијатива на превозните друштва, а по интервенција на Министерството за транспорт, во петокот е договорено да се формира таканаречена „брза лента“. Со ова, пред три дена е направен обид за решение за проблемот на кој асоцијациите на транспортерите се пожалиле до Министерството за транспорт и врски. Дали ќе има ублажување на проблемот, допрва ќе се види, бидејќи ударот врз транспортерите веќе ги покажува негативните повеќеслојни последици.
Стопанствениците од Регионалната стопанска комора од Прилеп пред неколку дена повторно повикаа политичарите инстантно да си ја исправат грешката.
– Незавидната ситуација со новите патни исправи ако продолжи, ќе трпи извозот во сите дејности и ќе се ја затвориме вратата за пласман. Очекувам дека што побрзо ќе се реши ситуацијата со документите за патување и дека нема да се најдеме во ситуација нашите компании, кои веќе имаат договори за извоз, да не може да ги испочитуваат само поради бирократски проблеми. Сите извозни дејности трпат. Не смееше да се доведеме во ваква ситуација, но некои работи не зависат од нас стопанствениците – изјави Сашо Самарџиоски, потпретседател на прилепската Регионална стопанска комора.

Превозниците не сакаат тромава администрација и неефикасно работење и по усвојувањето на „брзата лента“!

Како што велат од асоцијацијата за превозници „Макам-транс“, од нивна страна бил доставен допис до Министерството за внатрешни работи за да се утврди приоритет за издавање патни исправи за професионални возачи, како важна алатка за вршење меѓународен превоз на стока и патници, а на регионалната средба, која се одржа во Штип, во соработка со Министерство за транспорт и врски се договорила постапка со која ќе се забрза процесот на издавање патни исправи.
– Врз основа на прашалник, кој беше доставен до превозни трговски друштва – членки во асоцијацијата, засега се пријавени 124 професионални возачи што чекаат да ги подигнат патните исправи, а 82 лица чекаат да им биде закажан термин за да се поднесе барање за патна исправа или вкупен број од 206 лица, кои во моментот немаат патна исправа и се пријавиле во асоцијацијата. Истиот процес го спроведува и асоцијација „Исток“ за превоз на патници и другите здруженија што се регистрирани во државата – вели Биљана Муратовска, генерална секретарка во „Макам-транс“.
Како што споменува таа, Министерството за транспорт се согласило сите претставници на превозните трговски друштва да доставуваат податоци за физички лица – професионални возачи, со задолжително внесување податок за обезбеден Сертификат за професионална компетентност на возач за учество во меѓународен превоз, со цел да се изврши целосна идентификација на возачите и нивната работна активност.
– Министерството ќе ги доставува списоците до надлежните служби во Министерство за внатрешни работи. Процесот се дефинира како приоритетен, а административната такса за патната исправа ќе се наплатува како за редовна постапка. Се договоривме овој процес да се спроведува во континуитет, зависно од тоа дали ќе се пријавуваат нови физички лица, затоа што има и лица што во претходниот период биле на пат или проблемот не го пријавиле кај својот работодавач. Патните исправи на професионалните возачи се менуваат за пократок период од редовните и поради исполнетост на патните исправи со печати од разни држави низ кои поминуваат, па се надеваме дека кај голем број од нив процесот на замена на патната исправа е завршен, но им се дава можност и на овие лица да се пријават, ако се ближи временскиот период за замена, поради исполнување на празните листови во патната исправа – објаснува Муратовска.

Муратовска: Овие „тешки времиња“ да се надминат со што помал ризик од
нарушување на постојните услови за одржлив раст и развој

Во однос на тоа дали се очекуваат откажување нарачки и загуби поради патни исправи на транспортерите, таа нагласува дека процесот на вршење превоз на стока во овој период е намален и поради економската криза, воените дејства во Украина, рецесијата во поголемите држави членки на ЕУ, намалената понуда за вработување професионални возачи, тренд што го има и во другите сектори на стопанството.
– Накратко кажано, на европскиот транспортен пазар има помала понуда на стока за превоз споредено со понудата на превозни средства од страна на сите превозници од државите во Европа. Македонските превозници, во согласност со состојбата на европскиот транспортен пазар, планираат со колкав капацитет на возила ќе учествуваат со цел да ги намалуваат трошоците на работењето и овие „тешки времиња“ да ги надминат со што помал ризик од нарушување на постојните услови за одржлив раст и развој – посочува Муратовска.
Таа додава дека асоцијацијата работи на решавање на проблемите што се појавуваат во контекст на вршење на дејноста, дава предлози за измена на законска и подзаконска материја кога детектира аномалија во истата таа, затоа што превозот е жива материја и зависи од состојбата на европскиот транспортен пазар каде што превозниците први се соочуваат со проблеми што произлегуваат од воени кризи, економски и политички кризи, временски услови и сезонски карактер на стоката што се превезува.
– Според нашето мислење, во периодот 2024 – 2025 година, ефектите од сите кризи со кои се соочуваме генерално ќе се одрази и на превозниците што превезуваат стока во својство на готови производи или репроматеријали, кои пред сѐ зависат од економскиот раст и развој на нашата држава, но и сите држави со кои се соработува – нагласува Муратовска.