Сем Банкмен-Фрид/Фото: Принтскрин

Сем Банкен-Фрид во понеделникот беше милијардер, дури и кога неговата криптоимперија почна да се распаѓа, но веќе во петокот потполно го загуби неговото богатство, пренесува „Си-ен-ен“.

Врз основа на проценките на „Блумберг“, Банкмен-Фрид „тежеше“ околу 16 милијарди долари на почетокот на неделава, но неговото богатсво исчезна со падот на неговата компанија за крипторазмена „Еф-ти-екс“. „Блумберг“ го смета финансискиот крах на Банкмен-Фрид меѓу најголемите на сите времиња.

Богатството на триесетгодишниот претприемач што главно се занимаваше со дигиталните валути, имаше најголема вредност од 26 милијарди долари минатата пролет. Летоска, со падот на цените на криптовалутите, Банкен-Фрид се претстави како спасител на криптосекторот, користејќи ја менувачницата за криптовалути „Еф-ти-екс“ и нејзиниот сестрински хеџ-фонд „Аламида“ за обезбедување на кредити за криптокомпаниите кои беа на работ на колапс.

Тој во јули за „Ројтерс“ изјави дека „Еф-ти-екс“ има неколку милијарди на располагање за помош за стабилизирање на пазарот на криптовалути.

Банкмен-Фрид поседува околу 70 отсто од американскиот бизнис на „Еф-ти-екс“, кој сега се смета за безвреден. некогашната трета најголема платформа за размена на криптовалути, „Еф-ти-екс“, поднесе барање за банкрот.

Завчера, комплетниот персонал на фондот „Еф-ти-екс“ јавно даде отказ. Во соопштение до јавноста, петчлениот тим истакна дека ги доведува во прашање легитимитетот и интегритетот на бизнис-операциите што ја финансираат фондацијата „Еф-ти-екс“ и на фондот.

Со потполната пропаст на „Еф-ти-екс“ се отвораат прашања за ваквиот исход, како и за можните последици што веќе се чувствуваат на криптопазарот, додека цените на криптовалутите паѓаат, а инвеститорите се во панкиа.