Фото: Принтскрин

УО на М-НАВ постапи добро со конкурсот за контролори на летање, смета премиерот

Управниот одбор (УО) на М-НАВ постапи добро со тоа што го заврши конкурсот за контролори на летање онака како што бил започнат и како што бил евалуиран од страна на данските консултанти, оцени денеска премиерот Димитар Ковачевски.

– Уште во текот на минатата недела ги повикав тројцата директори од М-НАВ да дојдат и да реферираат на седница на Влада – рече Ковачевски одговарајќи на прашањето што ќе преземе Владата по последните случувања со конкурсот на контролори на летање во МНАВ, на отворањето на Првиот национален саем за храна и пијалаци во Градскиот парк во Скопје.

Нагласи дека од тоа што директорите ќе го кажат на Влада ќе зависат следните чекори што ќе се преземат.

Раководството на М-НАВ АД Скопје вчера го прифати изборот на кандидати за обука за контролори на летање, предложен од Комисијата за избор и селекција и даде насоки за нивно вработување на определено време и упатување на школување. Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) кој изрази сомнеж дека има планови за поништување на огласот бидејќи не биле избрани кандидати блиски на менаџментот и на функционери, најави дека ќе бара одговорност за случувања со кои сметаат дека се нарушил кредибилитетот на нивната професија.

Од УО на М-НАВ вчера во соопштени наведоа дека „во ниеден момент немало ниту размислување, а уште помалку преземање дејствија за прекинување или поништување на Огласот, како што било наведено во некои изјави и медиумски натписи, а единствено е точно дека како раководство на оваа институција доследно се придржуваме кон нормативните акти“.


Бочварски: Во М-НАВ не смее да има манипулации во која било постапка

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска оцени дека прашањето за вработување контролори на летање е затворено согласно со домашните процедури и законите и меѓународните правила и оти во Македонска навигација М-НАВ не смее да има никакви манипулации во која било постапка.

Одговарајќи на новинарски прашања Бочварски рече дека М-НАВ е институција која што има свои надлежности во однос на контролата на летање, свој Управен одбор и директори коишто ја водат компанијата, како и дека работи по сите меѓународни стандарди и правила согласно Евроконтрол.

-Таму не смее да има никакви манипулации во која било постапка и да се води во однос на оваа компанија. И токму поради тоа, вчера Владата информираше, но и компанијата информирала дека веќе е завршена постапката за вработување, согласно процедурите коишто ги имаат. Поради тоа сметаме дека тоа прашање е затворено на начин на коешто треба да биде затворено согласно процедурите и законите во државата и меѓународните правила, рече Бочварски на новинарско прашање, по презентацијата на веб-порталот „e-транспорт“.

По реакциите на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) од каде изразија сомнеж дека има планови за поништување на огласот бидејќи не биле избрани кандидати блиски на менаџментот и на функционери, раководството на М-НАВ АД Скопје вчера го прифати изборот на кандидати за обука за контролори на летање, предложен од Комисијата за избор и селекција и даде насоки за нивно вработување на определено време и упатување на школување.

Од УО на М-НАВ наведоа дека „во ниеден момент немало ниту размислување, а уште помалку преземање дејствија за прекинување или поништување на Огласот, како што било наведено во некои изјави и медиумски натписи, а единствено е точно дека како раководство на оваа институција доследно се придржуваме кон нормативните акти“.